Македонија
Единствена Македонија: НАТО сака да ги избрише Македонците од светската карта на нации
Партијата Единствена Македонија денеска преку соопштение остро реагира на, како што се вели, вчерашните лаги на постојаниот преставник на САД во НАТО, амбсадорката Кеј Бејли Хачинсон, дека НАТО ќе ја брани Македонија од руска агресија.
„Единствена Македонија искрено жали што амбасадорката Хачинсон ги помешала работите бидејќи во Македонија нема руска агресија, туку има НАТО-агресија за целосно обезличување и бришење на македонскиот народ. За волја на вистината, НАТО има потреба да брани некого, но тоа се купените и корумпирани марионетски власти во Скопје и нивниот грабеж на над десет милијарди евра во изминатите 27 години, а кои за возврат слепо ги следат погубните политики на странски газди од НАТО за рушење на Македонија и Македонците“, се наведува во партиското соопштение.
Оттаму истакнуваат и дека еден од првите чекори на власта на Единствена Македонија би било одземањето на, како што велат, украденото од марионетските власти.
„Единствена Македонија, македонскиот народ и поголем дел од граѓаните на Република Македонија се одлучни да ја бранат Македонија од агресијата на НАТО за бришење на Македонците од светската карта на нации“, стои во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

