Македонија
Ќе се подобрува управувањето со осум заштитени подрачја во Македонија
Во рамките на посетата на најстариот национален парк во Македонија, Националниот парк Пелистер, министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку, ги промовира добитниците на грантови од проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, меѓу кој е и националниот парк во непосредна близина на Битола.
„Националниот парк Пелистер е еден од осумте проекти за големи заштитени подрачја. Овој проект очекуваме да помогне во препознавање на социјалните и економските придобивки што произлегуваат од заштитата и поодржливото управување со природните ресурси во заштитените подрачја, а истовремено да ги зголеми капацитетите на локалните самоуправи и граѓански организации за управување и промовирање на заштитените подрачја на професионален и одржлив начин“, истакна министерот Дураку во изјава за медиумите, кој дополни дека проектот за НП Пелистер е со буџет од 300.000 американски долари.
Покрај проектот за Пелистер, развиени се уште 7 апликации за големи заштитени подрачја, и тоа за Галичица, Маврово, Дојранското Езеро, Националниот парк Преспанско Езеро и Националниот парк Езерани, исто како и за подрачјето Матка – Водно – Сарај и за заштитеното подрачје Јасен и за Охридско Езеро – Сатеска Река, со предвидени износи од 200.000 до 400.000 евра.
Проектот е финансиран од Европската Унија, преку ИПА II – Секторска оперативна програма за еколошка и климатска акција 2014-2020, а имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во тесна соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
Македонија
Без вода дел од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф – 80 мм на улицата Ристо Равановски бр. 8, без вода ќе останат корисниците од улицата Ристо Равановски во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.

