Македонија
Прв отворен ден на Владата со граѓанските организации
Во Владата на Република Македонија денеска се одржа првата од најавените редовни Отворени денови на владата со граѓанските организации. На оваа средба, со која модерираше посебниот советник за односи со јавност во Кабинетот на претседателот на Владата, Марјан Забрчанец, пред присутните бројни претставници на граѓанските организации се обратија министерот на информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски и претседателката на Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор, Фани Каранфилова-Пановска, директорка на Фондацијата Отворено општество Македонија.
Манчевски во своето обраќање истакна дека граѓанското општество е рамноправен партнер и коректор на одлуките на Владата, и дека оттаму дојде и заложбата на Владата за континуиран, транспарентен и целосно инклузивен дијалог со граѓанското општество. „Овие заложби, се трудиме да ги решиме системски. Креираме механизми во системот кои ќе го предвидат, дефинираат и гарантираат учеството и влијанието на граѓанскиот сектор во градење на политиките на Владата. Идејата е заедно да го трансформираме системот, институциите да работат по европски правила, во служба на граѓаните, отворено, отчетно и одговорно“, нагласи Манчевски и додаде дека Владата внимателно и постојано го слуша гласот на граѓанското општество и на граѓаните, при подготвувањето на реформските планови.

„Во Владата размислуваме да иницираме, заедно со вас, идеи за модел за вклучување на најквалитетните претставници од граѓанското општество во преговарачките тимови по поглавја на ЕУ. Станува збор за пишувањата на одговорите во поглавјата што ќе бидат отворени кога ќе биде утврден датумот за преговори.Треба да се вклучат најупатените и најдобрите. Голем дел од ресурсите што можат да дадат сериозен придонес во затворањата на поглавјата се во граѓанскиот сектор “, рече Манчевски.
Посебен акцент во своето обраќање на првиот од низата отворени денови на Владата со граѓанските организации, министерот Манчевски стави на улогата на граѓанските организации во борбата против корупцијата во создавањето на услови за стабилно, правично и инклузивно општество, во кое владее правото.
Министерот за информатичко општество и администрација во завршницата на своето обраќање ги охрабри претставниците на ГО да продолжат со активно учество во заедничките заложби за да се инсталираат најдобрите механизми за контрола и рамнотежа, во општество на силни и еманципирани граѓани, општество со можности за сите со пристап до ефективни, одговорни и отворени институции.
„Сите промени за подобрување на легислативата кои ги воведовме, веќе резултира со зголемување на законите објавени на ЕНЕР и зголемување на бројот на коментари од сите засегнати страни, а особено од граѓанските организации. Само за илустрација ако во 2016-та година само 8,3% од законите биле поставени на ЕНЕР, само во првите 5 месеци од 2018 тој процент изнесува 93%.
Ова значи дека повеќе не носиме закони по скратена постапка како што беше пракса претходно, туку сите законски предлог решенија ги комуницираме јавно и транспарентно. Исто така не носиме и многу и чести законски измени. Тоа значи дека се зголемува правната сигурност. Но, исто така и кога носиме законски промени, тоа се прави квалитетно, со консултации внатре со институциите и надвор со граѓаните и согласно правилата“, изјави Манчевски.
Директорот за Агенцијата за млади и спорт се осврна на исклучително добрата соработка на агенцијата со младинските граѓански организации во сферата на креирањето на младинските политики, особено во делот Законот за млади и во ревизијата на Стратегијата за млади, која, како резултат на директното учество на младите преку нивните организации, ќе претрпи сериозна промени со акцент на главните приоритети на младата генерација.
Претседателката на Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор Фани Каранфилова-Пановска ги запозна присутните со работата на Советот, кој за само два месеци го изготви првиот драфт на Стратегијата за соработка на Владата со граѓанските организации кој беше реализиран со исклучително значајниот сеопфатен придонес на голем број ГО. Таа нагласи дека понатаму ќе се работи на усовршување на стратегијата до нејзината конечна верзија за која рече дека очекува да биде одобрена со широк консензус од страна на граѓанското општество.
Во дебатата зедоа учество голем број претставници на граѓанското општество со свои предлози и сугестии за одредени политики како и за начинот на кој понатаму треба да се остварува оваа соработка. Како особено значајни и драгоцени беа оценети предлозите идните отворени денови да бидат тематски фокусирани и како приоритетна тема беше издвоена учеството на ГО во пристапните преговори на земјата за членство во ЕУ.
Манчевски во завршницата на оваа прва сесија на Отворените денови на Владата со ГО, ја поздрави идејата за регистер на ГО како ресурсен потенцијал од кој ќе се црпат информации за граѓанските организации и за нивната специфичност и експертиза, за да се интензивира соработката и уште повеќе да се отворат портите на Владата за да се слушне и уважи граѓанскиот глас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

