Македонија
ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека Владата има капацитет за спроведување на Планот 18

На барање на заменик претседателот на Владата, Бујар Османи, беше реализирана средба со потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николоски, координаторот на пратеничката група Драган Данев и советникот на претседателот за надворешна политика Тимчо Муцунски. На средбата од страна на Заменик претседателот на владата Османи и претставниците на Секретаријатот за европски прашања беше презентиран Планот 18 кој владата има намера да го реализира наредниот период.
„ВМРО – ДПМНЕ на состанокот изрази сериозни забелешки во однос на реализација на реформите од претходниот План 3-6-9 потенцирајќи ги потфрлањата во сите суштински области. Практично и немаше област во претходниот план каде што целосно и навремено беа реализирани преземените обврски, а поголемиот дел од пропустите беа забележани и нотирани и во нон-пејпр документот објавен во медиумите. ВМРО – ДПМНЕ ја истакна загриженоста од општо распространетоста на корупцијата и немањето волја на владата да се бори со организираниот криминал во сопствените редови, факт кој што катастрофално се одрази и на паѓањето на Македонија на листата на меѓународната Транспарентност. Проблемите во судството не само што не се надминаа, туку истото по завршување на последниот дел од планот стана максимално клиентелистичко, а самиот премиер почна да ги најавува пресудите. Подеднакво лоша е состојбата и со партизирањето на јавната администрација, кој од 3 во 6 па се до 9, во континуитет регресираше. Партиската делегација ја потенцираше и катастрофалната економска ситуација и лошите политики кои ги води владата, а кои ризикуваат да предизвикаат долгорочни штети по државата и стандардот на граѓаните“, соопшти партијата.
ВМРО – ДПМНЕ ја пренело пораката дека ваквите планови не смее да се третираат како ПР алатка на власта која би служела само за дефокусирање на јавноста од актуелните проблеми, туку дека мора да се реализираат суштински реформи кои ќе го подобрат животот на граѓаните. Во тој контекст беше изразен сомнеж во капацитетите и волјата на актуелната влада да ги реализира преземените обврски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се’ уште гори кај Јасен, активни пожари на четири локации низ Македонија

Денес до 18 часот се регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор. Од нив, четири се активни и моментално се гаснат, додека шест се целосно изгаснати.
Активните пожари се лоцирани во различни делови на земјата. Еден од нив е во Националниот Парк Јасен во општина Македонски Брод, каде што гори мешана шума. Друг пожар е пријавен во село Теарце, општина Теарце, каде што се гори ниска вегетација. Во општина Сарај, во село Радуша, исто така се активни пожари кои зафаќаат сува трева и мешана шума. Четвртиот активен пожар е во општина Кичево, на потегот помеѓу селата Челопејци и Миокази, каде исто така гори мешана шума, соопшти Центарот за управување со кризи.
Надлежните служби постојано апелираат до граѓаните да ги почитуваат сите препораки и забрани за палење оган на отворен простор, со цел да се спречи ширење на пожарите и да се заштитат природните ресурси.
Македонија
Најмногу туристи ни дојдоа од Турција во јуни

Според податоците од Државниот завод за статистика, во јуни годинава во земјата биле регистрирани вкупно 126.415 туристи, од кои 20,1 отсто се домашни, а 79,9 проценти странски туристи.
Од странските туристи кои ја посетиле земјата во јуни 2025 година, најмногу дошле од Турција – вкупно 34.366 лица, следат Србија со 8.897, Германија со 8.011 и Холандија со 3.604 туристи.
Во периодот јануари – јуни 2025 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 13,5%, со намалување од 2,5% кај домашните туристи и зголемување од 19,7% кај странските туристи. Вкупниот број на ноќевања во првото полугодие се зголемил за 8,5%, при што кај домашните има мало намалување од 1,1%, а кај странските зголемување од 13,3%.
Македонија
Забрана за нови вработувања, поткуп, користење државен имот за кампања – ДКСК потсетува на забраните од денот на распишувањето на изборите

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) информира дека во периодот од распишувањето на локалните избори во 2025 година до конституирањето на советите на општините и Градот Скопје важат специфични забрани и мерки.
Нови инвестиции и вонредни исплати од буџетот не смее да почнат или се извршат, освен ако претходно се обезбедени средства во согласност со законот.
Забрането е почнување постапки за нови вработувања или престанок на работен однос во државните и во јавните институции, освен во итни случаи.
Политичките партии и кандидатите не смее да користат противправни или анонимни извори на финансирање.
Државниот имот и буџетските средства не смее да се користат за изборна кампања или финансирање политички активности.
Поткупот на избирачи и давањето или ветувањето подарок за гласање е строго забрането.
Во периодот од 20 дена пред изборната кампања до нејзиното завршување не смее да се одржуваат јавни настани поврзани со изградба или пуштање во употреба објекти со државни средства.
Министерството за финансии е задолжено да ги објавува сите буџетски исплати во изборниот период, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци.
Јавните фондови, претпријатијата и другите субјекти со државен капитал треба да достават податоци за моторните возила до ДКСК во рок од десет дена од распишувањето на изборите.
Користењето службени простории, опрема и возила за изборни активности е забрането.
Забранети се притисокот и заплашувањето гласачи и нивните блиски лица.
ДКСК ќе ја следи законитоста на изборниот процес и ќе презема мерки при сомневање за прекршување на законите.
Во изборниот период Комисијата нема надлежност да дава мислења по барања поврзани со постапките на државните и на локалните органи.
ДКСК ги повикува медиумите, здруженијата на граѓани и јавноста да пријавуваат прекршувања на забраните предвидени во законот.