Македонија
Skopje Street Music Festival 2018 – квалитетна музика достапна за сите

Скопје. Улица. Музика – трите збора што во себе ја содржат суштината на тоа што ќе се случува од 21 до 24 јуни на седум локации во градот. Skopje Street Music Festival 2018 ќе потсети дека добрата музика треба да биде достапна за сите.
Со концептот што го нуди годинава целта е на граѓаните да им се овозможи на улиците и во своите маала да слушнат квалитетна музика, која инаку ја има само на официјалните сцени и во концертните сали. Со тоа градот Скопје ќе се претвори во музичка сцена под отворено небо. Воедно, Skopje Street Music Festival го следи форматот на музички фестивал, со што се стреми да го вброи Скопје на мапата на познатите музички фестивали.
За време на фестивалот посетителите ќе може да слушнат Rock and Roll, Jazz, Bossa Nova, етно, класична и филмска музика. Покрај тоа, ќе настапат и специфични состави со француски шансони, еврејска музика и хорско пеење. На репертоарот ќе биде застапена авторска музика, но и преработки на познати песни. Во исто време присутните, особено помладите, ќе може да се запознаат со разни музички инструменти, некои од нив и многу ретки и несекојдневни. На отворен простор, а не во концертна сала, ќе може да се видат разни инструменти, како ксилофон, вибрафон, акустично пијано, бандонеон.
Изведувачите, каде што се вбројуваат познати уметнички имиња, но и аматери, се избрани по пат на конкурс од страна на селекторот на фестивалот. Учество ќе земат 24 артисти, групи и ансамбли. Изборот на изведувачи е направен врз основа на квалитетот на музиката и жанрот на музика со која ќе настапат артистите.
Локациите на кои ќе се одржува фестивалот се: плоштадот Македонија, Градскиот парк, ТЦ „Лептокарија“, Паркот кај авиончето во Ново Лисиче, плоштадот Скендербег, платото пред Универзалната сала и Боемската улица. Настапите ќе започнуваат во три термини: од 18, 20 и од 22 часот, а на последниот ден од фестивалот настапите ќе почнат во 12 часот. Коорганизатор на фестивалот е Конгресниот центар „Александар Македонски“, а покровител е Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода денеска корисниците од улицата Црвена Скопска Општина

Од ЈП Водовод и Канализација добиено е известување дека денеска, поради дефект во шахта (промена на шибер во шахта ф 50 мм) на улицата Кеј Димитар Влахов бр.4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Црвена Скопска Општина (сите објекти кои се наоѓаат на истоимената улица).
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работата.
Македонија
На Богородица се чека околу 30 минути

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Богородица времето на чекање е околу 30 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, наместа нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 32 степени.
Времето во наредните денови
Од среда до петок ќе преовладува претежно стабилно време со пораст на дневните температури. Во деновите од викендот повторно ќе има услови за повремени локални врнежи од дожд и ретки грмежи, а дневните температури ќе бидат во опаѓање.