Македонија
(Видео) Спасовски: МВР ќе обезбеди максимални услови за непречена работа на новинарите
Примарно за секое демократско општество е непречено работење на медиумите, но, за жал, во последните неколку години бевме сведоци на многубројни напади и притисоци врз новинарите. Нема никакво оправдување за вакви напади, ставот на Владата е јасен – нула толеранција за каков било обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната работилница за безбедност на новинарите за време на настани од висок ризик.
„Секој напад врз новинарите ќе биде најостро осуден и санкциониран. Од 1 јуни 2017 година до денеска имаме 12 случаи во кои е загрозена безбедноста на новинарите и сите се расчистени од страна на МВР“, рече Спасовски.
Спасовски истакна дека Министерството за внатрешни работи ќе обезбеди максимални услови за новинарите да може непречено да си ја вршат својата работа. На овие работилници раководните лица во секторите за внатрешни работи со новинарите детаљно анализираат како да се надминат проблемите со комуникацијата помеѓу полицијата и новинарите со цел во иднина да нема проблеми како оние од минатото. Министерството за внатрешни работи минатата година потпиша меморандум со Здружението на новинарите на Македонија со цел зголемување на безбедноста на новинарите.
„Нашата посветеност за соработка со новинарите ја покажавме и со склучување на меморандумот со ЗНМ минатата година, а овие работилници се доказ за нашата намера да соработуваме во пракса, а не само на хартија. Заеднички испраќаме порака дека наместо да сме на спротивни страни, треба да бидеме партнери за интерес на Република Македонија и демократскиот развој“, вели Спасовски.
Министерот за внатрешни работи вели дека од дебатата очекува плодни заклучоци кои понатаму ќе резултираат со ефикасност во работењето на полицијата, новинарите, граѓаните на РМ како и другите институции, како судството и обвинителството, кои, како што кажа Спасовски, се многу потребни за да се одржат комуникацијата и поддршката на соодветно ниво и сето тоа да резултира со интерес за граѓаните на РМ.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без струја делови од Центар и Аеродром
Без струја денеска ќе останат дел од корисниците од општините Центар и Аеродром.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) без електрична енергија ќе останат: – во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од ул. Наум Наумовски Борче бр. 65 и околните стамбени објекти околу него. (општина Центар). Во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од ул.Ѓорѓи Андеевиќ Кун во близина на училиштето Димитар Македонски (општина Аеродром)“, информира РЦУК – Скопје.

