Економија
Инвестиција вредна над осум милиони евра: Компанијата „Бекамент“ отвори два нови погона и автоматизиран магацин
Во присуство на Потпретседателот на Владата на Република Србија и Министер за Внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, Компанијата „Бекамент“ ги отвори новите погони за производство на прашкасти и течни материјали, како и целосно автоматизираниот магацин лоцирани во кругот на фабричкиот Комплекс во Аранѓеловац, Република Србија.
За изградба на производните погони кои се меѓу најмодерните во Европа, вложени се над 8 (осум) милиони евра. Оваа инвестиција ќе овозможи тројно зголемување на производните капацитети, односно во фабриката ќе се произведуваат до 350.000 тони градежен материјал. Новите фабрички погони се целосно автоматизирани – од процесот на производство и пакување, па се до складирањето на материјалите во магацинскиот простор.
Со стартирањето на новите погони и автоматизираниот магацин, компанијата „Бекамент“ ќе има можност за производство на 100 тони прашкасти и 70 тони течни производи на час. Проширените производни капацитети ќе овозможат Компанијата „Бекамент“ да ги задоволи сите потреби на домашниот пазар, како и на пазарите каде се врши извоз, а истовремено, преку автоматизираниот магацин да постави нови стандарди за брзината и квалитетот при достава на материјалите до купувачите.
“Ова е голем ден за компанијата ‘Бекамент’. Зад нас се 25 години успешна работа, години низ кои ги поставивме темелите на идниот развој. Резултат на сето ова е нашата лидерска позиција во сегментот на производство материјали за завршни работи во градежништвото. Благодарение на посветеноста на сите вработени во Компанијата, успеваме да ги оствариме сите зацртани деловни планови и од година во година да продолжиме со трендот на раст, во сите сегменти од нашето работење“, изјави на свеченото отворање на новите погони Александар Чоловиќ, Генерален директор на компанијата „Бекамент“.
Компанијата „Бекамент“ поседува голем број Сертификати (ЕТА Сертификат и ИСО Сертификати: ИСО 9001, ИСО 14001, ИСО 18001) кои потврдуваат дека станува збор за производи со врвен квалитет. Со стекнатите Сертификати, Компанијата Бекамент успешно ги пласира сопствените производи на домашниот, српски пазар, како и на пазарите во Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија, Унгарија, Бугарија, Црна Гора, Словенија и Албанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Доделени наградите по повод Конкурсот за Денот на штедењето
Финансиската писменост е основа за успешна иднина и клучен фактор за личен развој. Во светот во кој живееме, каде што економските услови постојано се менуваат, за младите генерации е особено важно да бидат добро подготвени и информирани. Кога поединците разбираат како функционираат финансиските инструменти и концепти, тие можат подобро да управуваат со своите ресурси. Ова се пораките коишто ги упатија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на доделувањето на наградите од Конкурсот за ликовни и литературни творби за основното и средното образование, по повод Меѓународниот ден на штедењето ‒ 31 октомври.
„Општо е познато дека без штедење нема инвестиции. Тоа значи вложување во подобро здравство, образование, патишта, безбедност, односно вложување во сето она што е важно за подобра иднина на поединецот, но и на целата економија. Задоволство е да се види дека младите кои учествуваа на Конкурсот веќе имаат свои согледувања за потребите од штедење, свесност за брзиот развој на финансиите, особено дигиталните услуги, како и за ризиците коишто ги носат тие. Новите генерации живеат во едно ново дигитално време, во кое имаат пристап до бројни информации, но и бројни можности за измами. Најдобар начин за да се заштитат од овие ризици е преку соодветна едукација“, порача гувернерката Ангеловска-Бежоска.
„Имаше навистина квалитетни творби. Пристигнаа околу 700 од целата земја. Настанот преминува во една прекрасна традиција и претставува инспирација за да се мотивираме себеси и другите како да ги ставиме финансиите во прв план, за да можеме заедно да изградиме подобра финансиска иднина за нас и за нашите идни генерации. Финансиската писменост е една од најсилните алатки што ги имаме на располагање за да ги обезбедиме нашите финансиски можности и за да ги постигнеме нашите финансиски цели, а притоа да се заштитиме од финансиските ризици. Затоа, важно е да го поставиме финансиското образование во центарот на нашите училишта, нашите заедници и нашите животи и уште од најрана возраст да овозможиме стекнување знаење и вештини за градење одговорно финансиско однесување во текот на секоја фаза од животот. Тоа е долготраен процес чии ефекти не се видливи веднаш, затоа, да бидеме свесни за нашиот финансиски потенцијал и да го искористиме со мудрост “, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
На Конкурсот пристигнаа околу 700 труда коишто се одликуваат со квалитет, креативност и автентичен стил на изразување, како и познавање на темата за штедењето, значењето на финансиската писменост, предностите и ризиците кај дигиталните финансиски услуги.
Економија
Ексклузивно лансирање на новиот Porsche 911 во Скопје
Автомобилските ентузијасти и претставниците на медиумите беа дел од извонредна вечер организирана од Porsche Center Skopje и Порше Македонија, на официјалното претставување на новиот Porsche 911. Настанот ја прослави еволуцијата на иконата, спојувајќи ги луксузот, иновациите и емоциите во ноќ за паметење.
На церемонијата на официјалното претставување беше презентирана најновата генерација на легендарниот Porsche 911, во Carrera 4 GTS изведба, отелотворувајќи совршен спој на безвременски дизајн и врвна технологија. Гостите беа почестени со ексклузивен прв поглед кон возилото со официјалното откривање, по што следуваше инспиративна презентација за компанијата и брендот од страна на генералниот директор на Порше Македонија и менаџерот на брендот Porsche.
Говорниците го истакнаа наследството на 911 како симбол за перформанси и софистицираност, притоа споделувајќи увид во неговите револуционерни карактеристики кои го креираат духот на извонредноста на Porsche.
„Porsche 911 не е само автомобил – тоа е изјава за страст, иновација и врвна изработка. Вечерва, воодушевени сме да им го претставиме најновото поглавје од ова трајно наследство на нашите лојални клиенти и ентузијасти на брендот Porsche во Македонија“, изјави г-дин Златко Муцунски – Генерален Директор на Порше Македонија.
„Новиот Porsche 911 го претставува врвот на автомобилскиот инженеринг и елеганција. Ја доловува суштината на она што значи да се вози Porsche – неспоредливи перформанси, дизајн и емоции. Возбудени сме да го споделиме ова неверојатно возило со Вас и да го доближиме искуството на Porsche до нашата заедница“ – изјави г-дин Винко Марашевиќ – Porsche Бренд Менаџер.
По свеченото претставување, атмосферата се префрли во вечер на забава, за која задолжен беше светски познатиот диџеј Махмут Орхан. Неговиот наелектризиран сет совршено ја надополни позитивната енергија на вечерта, создавајќи незаборавно искуство за сите присутни.
Настанот ја одразува посветеноста на Porsche да испорача не само исклучителни возила, туку и моменти кои остануваат во долго сеќавање.
ПР
Економија
Агенцијата за поддршка на претприемаштво го додели признанието за најдобар ментор за 2023 година
Во рамките на Европската недела на претприемаштво, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото успешно го реализира настанот Mentor Awards 2023, кој се одржа како дел од активностите на програмата „Стандардизирани менторски услуги“.
Настанот поддржан од Јапонската агенција за меѓународна соработка – JICA имаше цел да ја истакне важноста на мисијата на менторите во унапредувањето на работењето на македонските мали и средни претпријатија.
Добитник на наградата за најуспешен ментор за 2023 година е Неби Јусуфи од Регионалниот центар во Тетово, кој се истакна со својата експертиза, посветеност и позитивно влијание врз корисниците и со својата работа постигна значајни резултати. Најдобриот ментор за минатата година го избра жири составено од ментори.
На настанот менторите од шесте регионални центри имаа можност да презентираат по еден значаен пример на спроведена менторска услуга во нивниот регион. Во рамките на Mentor Awards 2023, во согласност со методологијата за спроведување стандардизирани менторски услуги во мали и средни претпријатија за периодот 2024 – 2029, Агенцијата ѝ додели овластување за инструктор за обука во пракса на Евгенија Лисичова, а на Никола Димковски (комуникациски вештини) и Тони Цветановски (управување со човечки ресурси) им додели овластување за обучувачи за теоретска настава.
Овие овластувања претставуваат важен чекор во создавањето на генерација квалификувани обучувачи, кои ќе го пренесуваат знаењето и искуството за унапредување на претприемништвото во земјата. Настанот ја потврди важноста на менторството како клучен фактор за успехот на македонските компании. Менторите, преку спроведување на стандардизираните менторски услуги, го ставија во функција своето долгогодишно знаење, обезбедувајќи насоки за развој, раст и одржливост на корисниците на овие услуги.
Претходниот ден, тим од Агенцијата за поддршка на претприемништвото предводен од в.д директорката Даниела Димовска оствари плодна средба со претставници на невладини организации кои работат во областа на економијата, претприемништвото и иновациите. Беа разменети мислења и идеи и беа поставени основи за идна соработка и за поддршка и развој на претприемничките иницијативи.
Покрај тоа, во текот на Европската недела на претприемништвото, Агенцијата реализираше низа активности со цел да го истакне значењето на претприемништвото и да обезбеди поддршка за младите и бизнис заедницата. Беа спроведени посети во средните училишта „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Лазар Танев“, при што учениците имаа можност да се запознаат со основните принципи на претприемништвото и програмите и мерките кои ги нуди Агенцијата, а беа организирани и работилници за поддршка на младите претприемачи, каде што беа презентирани успешни претприемачки модели и стратегии.
Како дел од одбележувањето, претставници од Агенцијата ги посетија и фирмите „Винарија чифлик“ од Битола и СВАРОГ од Прилеп, компании кои се и корисници на мерката менторство што ја спроведува Агенцијата со цел да ја истакнат важноста на поддршката за мали и средни претпријатија и да ги охрабрат во нивниот понатамошен развој.
Со овие активности АППРМ потврди дека е клучен партнер во развојот на претприемаштвото во земјата обезбедувајќи платформа за инспирација, поддршка и промоција на нови иницијативи, кои ќе ја зајакнат економијата и ќе ја подготват следната генерација успешни претприемачи.