Македонија
И петмина малолетници приведени на протестите пред Собранието

Во текот на протестите пред Собранието од страна на Министерството за внатрешни работи вчера биле приведени 26 лица, од кои петмина се малолетници. По утврдување на идентитетот и возраста на лицата, малолетниците во согласност со Законот за правдата на децата се пуштени на слобода, информира скопското Обвинителство. Утринава претставници од Основното јавно обвинителство Скопје одржале работен состанок со претставници од МВР, на кој биле известени за вчерашните настани.
„Основното јавно обвинителство Скопје беше известено дека на вчерашниот настан повредени се десет полициски службеници, од кои деветмина со телесни повреди, а еден полицаец со тешки телесни повреди. За времетраење на вчерашниот протест биле повредени и седум граѓани. Обвинителството на МВР даде насока за обезбедување и доставување релевантен доказен материјал за сите лица лишени од слобода во врска со дејствата што ги презеле пред Собранието, како и за малолетните лица претходно лишени и пуштени на слобода. Пред сѐ, за обезбедување снимки од видеозаписи од поставените безбедносни камери со цел документирање евентуално незаконито дејствување“, се вели во соопштението.
Од содржината на видеозаписите, како и од други обезбедени докази, ќе се утврдува евентуалното незаконито дејствување на лицата лишени од слобода и на малолетните лица претходно лишени и пуштени на слобода. Воедно, ќе се утврдува и идентитетот и на други лица инволвирани во настанот за кои ќе постои сомнение дека со своето однесување се сторители на кривични дела. Во согласност со содржината на видеозаписите и другите докази ќе следува поднесување кривични пријави или известувања до Основното јавно обвинителство Скопје од страна на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.
Македонија
Задутре времен застој на ГП „Делчево“ заради градежни работи

Регионалниот центар за гранични работи „Исток“ ја информира јавноста дека задутре ГП и ГН „Делчево“, односно од бугарска страна ГКПП „Станке Лисичково“ целосно ќе бидат затворени за секаков сообраќај во периодот од 08:00 до 14:00 часот.
Причина за тоа, според официјалното известување добиено од бугарските гранични полициски служби, се градежните работи на патната делница кај ГКПП „Станке Лисичково“. По завршувањето на работите сообраќајот и функционирањето на граничните премини ќе продолжи непречено да се одвива.
Македонија
Апел за поддршка: Помогнете на ранливите граѓани да аплицираат за субвенција за струја

Инженери на Република Македонија упатија апел до јавноста за помош на ранливите категории граѓани во процесот на аплицирање за финансиска поддршка од Министерството за енергетика. Станува збор за јавен оглас за субвенција од 1.000 денари месечно на сметката за електрична енергија, кој важи 12 месеци.
Апелот е насочен кон инженери, техничари, информатичари и сите граѓани што се снаоѓаат со институционални постапки, да им помогнат на лица со интелектуална или телесна попреченост, целосна слепост или глувост, лица во социјален ризик и сиромаштија, кои се соочуваат со бариери при собирање на документи, пополнување формулари и поднесување на пријави.
Постапката за аплицирање вклучува преземање формулари од www.energy.gov.mk, фотокопирање документи, обезбедување на нотарска изјава и испраќање на пријавата по пошта во затворен плик. Рокот за пријавување е 30 дена од денот на објавата на јавниот оглас.
Според Државниот завод за статистика, над 38.000 домаќинства примаат гарантирана минимална помош, но само околу 4.000 домаќинства ја користат оваа субвенција. Останатите над 90 отсто не аплицираат, најчесто поради технички пречки, а не поради неисполнување на условите.