Економија
Започна имплементацијата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференција во Владата ги презентираа усвоените правилници за добивање и исплата на финансиска поддршка, со што практично е овозможена имплементација на мерките што произлегуваат од Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Анѓушев истакна дека правилниците за добивање и исплата на финансиска поддршка се усвоени и стапија во сила на 7 јуни оваа година и со тоа е овозможена имплементација на мерките од првиот и вториот столб од планот за економски раст.

„Ги повикувам сите компаниии од Република Македонија, кои имаат реализирано нови инвестиции и кои имаат вработено нови луѓе во текот на 2017 година, до крајот на јуни да аплицираат за финансиска поддршка од страна на Владата. Постапката за аплицирање е едноставна и освен барањето, кое е достапно на веб-страниците на владините институции, потребно е да се достават и други документи што компаниите ги имаат во секој момент. Средствата во буџетот се обезбедени и очекуваме со овие мерки да ги стимулираме компаниите уште похрабро да инвестираат и да вработуваат. Сметаме дека овој закон и мерките се најтранспарентниот начин за доделување државна поддршка на компаниите и за економски раст и развој на Република Македонија“, потенцира Анѓушев.
Вицепремиерот додаде дека реализацијата на мерките од третиот столб е веќе започната, првиот јавен повик е завршен, а пристигнати се над 200 апликации од компании на овој повик.
Министерот за економија, Бектеши, нагласи дека процесот за реформа на системот за државна поддршка на компаниите е заокружен на транспарентен начин преку јавни дебати и дискусии и во соработка со стопанските комори и компаниите.

„До крајот на оваа година ќе овозможиме финансиска поддршка за сите компании што направиле инвестиции во 2017 година имајќи ги превид мерките од трите столба на планот за економски раст. Сите компании што се лоцирани во ТИРЗ барањата за финансиска поддршка треба да ги достават до Дикрекцијата за ТИРЗ, а компаниите што работат надвор од слободните зони своите барања ги доставуваат до Агнецијата за странски инвестиции и промоција на извозот“, нагласи Бектеши.
Министерот појасни дека, освен стандардизиран формулар/барање, компаниите до надлежните институции треба да достават и писмо со намери, деловен план за инвестициски проект, тековна состојба за деловниот субјект, издадена од Централниот регистар, потврда од Централен регистар дека над деловниот субјект не е отворена стечајна или постапка за ликвидација, потврда од Царинската управа дека деловниот субјект нема неплатен долг по основ на царина и други увозни давачки, уверение од Управата за јавни приходи дека нема настанати и ненамирени даночни обврски, годишни сметки со финансиски извештаи и консолидирани годишни сметки и консолидирани финансиски извештаи за последните четири години или за пократок период во зависност од датумот на кој деловниот субјект е основан или започнал со дејност, како и потврда од надлежен орган на странска држава за пријавено живеалиште или привремен престој за државјани на Република Македонија, кое се однесува за инвеститори од дијаспората.
На прес-конференцијата беше презентиран и калкулаторот за финансиска поддршка на инвестиции и за конкурентост, електронска алатка што може да им послужи на компаниите однапред и апроксимативно да пресметаат колкав износ на државна подддршка може да очекуваат во однос на направените инвестиции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Буџетот е ликвиден, трезорот нема да се затвори на 15 декември
Премиерот Мицкоски изјави дека Буџетот е ликвиден и сите обврски се извршуваат тековно. Како што појасни Мицкоски, 15 декември не е датум за затворање на трезорската сметка, туку рок до кој институциите е потребно да ги достават сите тековни расходи за навремена исплата.
Според премиерот, и по истекот на овој рок ќе има толеранција и институциите нема да бидат одбиени доколку поднесат налози подоцна. Целта на поставувањето на датумот, вели тој, е подобро планирање и навремено извршување на обврските.
„Јас не реков дека ќе се затвори трезорот, туку го поставивме 15 декември како датум кога сите иснтитуции е добро да ги достават сите оние тековни потреби, расходи и сите средства кои треба да се пренесат до доверителите. Се разбира на тоа додадов дека имаме толеранција. Се разбира дека нема ако некој дојде на 20 декември да речеме клучот е на врата и завршена е работата. Се разбира дека толеранција ќе има, но идејата е да работиме со план, да имаме свесност дека е потребно сето тоа да реализираме со време, да имаме некаква навика и да го почитуваме сето она што ќе го поставиме како план и задачи. Затоа јас ги молам сите институции да дојдат навреме. Не велам дека на 25-ти ако дојде некој со налог нема тоа да се прифати и ќе се одбие, но, навремено да ги испланираме активностите, за да не се случи во 5 до 12 сите да нагрнеме таму и некои од обврските да останат неплатени односно да ги книжиме во следната година. Само тоа е целта, чисто мораме да се навикнеме на некаков ред“, кажа Мицкоски.
Економија
Спектакуларно отворање во Гевгелија: ЏАМБО и ВЕРО станаа новата омилена дестинација во „Gevgelija Mall“
Со огромна посетеност и во празнична атмосфера, овој викенд во Гевгелија и официјално започна со работа новиот, најсовремен ЏАМБО (JUMBO) маркет. Сместен во новоотворениот трговски центар „Gevgelija Mall“, реномираниот бренд ја реализираше својата голема инвестиција во јужниот регион, носејќи светско шопинг искуство за локалното население.
Отворањето помина во знакот на семејната забава и радоста. Најмладите посетители уживаа во целодневната програма исполнета со музика, дружење со маскоти, цртање на лице и игри со сапунени меури, што го претвори првиот работен ден на маркетот во вистински настан за градот.
Новиот објект се простира на површина од 3.000 метри квадратни, дизајниран според највисоките светски стандарди. Купувачите веќе имаат пристап до асортиман од над 20.000 артикли, вклучувајќи производи за домот, играчки, декорации и сезонски изненадувања.
Како значајна новина за купувачите во Гевгелија е интегрирањето на селектиран асортиман од брендот ВЕРО во рамките на самиот маркет. Оваа стратешка синергија им овозможува на потрошувачите на едно место да ги задоволат сите потреби за домаќинството, штедејќи време и уживајќи во квалитетот на двата силни бренда.
Генералниот директор на ВЕРО и ЏАМБО маркетите, Петар Денковски, истакна дека ова отворање е многу повеќе од проширување на продажната мрежа – тоа е исполнување на ветувањето за поддршка на локалната заедница.
„Горди сме што со оваа капитална инвестиција директно влијаеме на економскиот пулс на Гевгелија. Отворивме нови работни места и создадовме силен регионален магнет кој очекуваме да привлекува купувачи не само од градот, туку и од соседството,“ изјави Денковски.
Менаџментот на компанијата потврди дека експанзијата не застанува тука. Успешната приказна продолжува и следната година со најавеното отворање на нов маркет во Струмица, со што ЏАМБО и ВЕРО целосно ќе го заокружат своето присуство во југоисточниот дел на Македонија.
Новиот маркет во Гевгелија веќе работи со полн капацитет, нудејќи креативни решенија и производи за целото семејство, под препознатливиот слоган „За сѐ што ви треба и не сте знаеле дека ви треба“.
(ПР)
Економија
ССКМ ја поздравува одлуката со која данокот од 5 отсто останува при првата продажба на недвижностите
Сојузот на стопанските комори на Македонија ја поздравува одлуката со која данокот од 5 % останува при првата продажба на недвижностите.
„Ја поздравуваме одлуката на Владата за 5 % ДДВ, кој е при првата продажба на станбен простор, ова ги покажува позитивните заложби на бизнис-секторот и ССКМ претставен преку Градежната комора во соработка на Министерството за финасии и Владата. Сојузот на стопанските комори на Македонија смета дека одлуката на државата стапка за првата продажба на новоизградени станови да остане 5 % е оправдана.
Според ССКМ, оправдана е и одлуката на Министерството за продолжување на важноста на повластената стапка од 5 % ДДВ и сметаат дека со нејзиното продолжување најголема корист ќе имаат купувачите на станбени единици, односно населението.
Ивица Јаќимовски, член на управниот одбор при ССКМ, посочува дека со продолжување на данокот за купување станови на 5 %, почнувајќи од 2026 година, се очекува секторот за недвижности да добие нов импулс.
„Оваа повластена стапка на ДДВ има цел да го поддржи пристапот на граѓаните до домување, да ја стимулира градежната активност и да ја зајакне стабилноста на пазарот. Имплементацијата на даночната стапка од 5 % носи неколку важни привилегии и за купувачите и за индустријата: намалувањето на даночната стапка значително ги намалува вкупните трошоци за купување стан правејќи го сопствеништвото на домот подостапно за пошироката популација; се очекува прифатливоста создадена од данокот од 5 % да ја зголеми побарувачката за нови и постојни станови, што може да ги поттикне градежните и недвижните сектори и со поповолна даночна средина, домашните и странските инвеститори може да покажат зголемен интерес за пазарот на домување, што ќе придонесе за економски раст“, вели тој.

