Македонија
Започнува летната серија трки на плажа организирана од „Прв до врв“
Иницијативата „Прв до врв“ и ова лето продолжува со платформата „Ја трчаме Македонија“ (WE RUN MACEDONIA) преку серијата трки BEACH RUN на пет локации покрај вода во целата држава.
„Летната лига во трчање започнува на 20 јуни во Скопје, а потоа следуваат трките во Претор на 23 јуни, Дојран на 7 јули, Маврово на 22 јули и завршната трка во Охрид на 29 јули. Првите три трки се на 5 километри, а потоа се трча полумаратон во Маврово и трка на 10 километри на финалниот натпревар во Охрид“, појаснуваат од „Прв до врв“.
Во трките што се дел од серијата Beach Run 2018 може да учествуваат сите што го сакаат трчањето, и тоа на сите, неколку или една трка. Остварениот резултат на секоја од трките носи соодветен број бодови според кои се формира табела со резултати, чиј финален изглед ќе ги даде победниците на летната лига во трчање годинава.
„За победниците на секоја од трките и на целата лига е обезбеден награден фонд во вредност од 164.000 денари. На секоја од трките првите три места во машка и женска конкуренција освојуваат 3.000, 2.000 и 1.000 денари, а првите три места во вкупен пласман по сите пет трки освојуваат трето место ваучер за спортска опрема во вредност од 6.000 денари, второ место ваучер за спортска опрема во вредност од 12.000 денари и прво место премиум спортски часовник Garmin Forerunner 935 во вредност од 34.000 денари“, се наведува во соопштението за настанот.
Пријавувањето за учество во Beach Run 2018 е преку веб-страницата на „Прв до врв“.
Настанот има цел да ги популаризира активниот спортски живот и трчањето во летниот период кога луѓето се обично на одмор и на плажа. Серијата Beach Run го става трчањето во контекст на плажата и можностите за спорт и рекреација што таа ги нуди. Токму затоа во серијата се застапени петте најпопуларни дестинации покрај вода во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ избра нови претседатели на повеќе партиски комисии
На првата редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, донесени се одлуки за кадровски освежувања и распишување огласи за раководни позиции во партијата, информира премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, преку објава на Фејсбук.
Извршниот комитет одлучил да распише огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани, како и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата биле избрани и нови претседатели на повеќе партиски комисии. За претседател на Комисијата за здравство е избран Сашо Клековски, на Кадровата комисија Благоја Ташаминов, на Комисијата за безбедност и одбрана Панче Тошковски, додека за претседател на Комисијата за туризам е избран Аккан Махмут.
За претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е избран Златко Перински.
„Промени. Го слушаме гласот на членството. Вистинскиот избор за заедничка иднина!“, напиша Мицкоски во објавата.
Македонија
Даниел не се замерил со никого, мотивот најверојатно е пари, рече адвокатот на Кајмакоски кој по киднапирањето е стабилен, но под стрес
Македонскиот пејач, Даниел Кајмакоски, беше киднапиран во Белград ноќта меѓу сабота и недела, а по трауматичниот настан моментално се опоравува, со поддршка од семејството и најблиските.
Неговиот адвокат Бранислав Станишиќ потврди дека Кајмакоски е физички стабилен, но дека последиците од шокот сè уште се присутни.
Како што наведе, истрагата е во тек.
„Истрагата е во тек и таа ќе потрае. Што се однесува до Даниел, тој е психички и физички добро, што во овој момент е најважно за него и за семејството. Оваа ситуација остави, условно кажано, последици од шок, но фала му на Бога, ги надминува“, изјави Станишиќ, пренесоа српските медиуми.
„Ако ме прашате за самиот случај, не можеме да изнесеме премногу информации додека осомничените за извршување на ова гнасно кривично дело не бидат приведени пред правдата, бидејќи потрагата по нив сè уште трае. Во договор со полицијата, во овој момент не можеме да споделиме повеќе детали. Осомничените го напуштиле местото кај Рума, односно локацијата каде што автомобилот останал запрен по удар во банкина. Оттогаш ја напуштиле таа област и по нив сè уште се трага“, додаде адвокатот.
Тој изјави дека потрагата се движи во насока на лица кои најверојатно се од турско потекло.
„Засега тоа е информацијата со која располагаме. Најверојатно не се државјани на Република Србија. Зборувале на турски јазик или на некој сличен, а и нивниот изглед упатувал на тоа дека се од некоја таква земја. Не знаеме дали станува збор за мигранти или во каков статус престојувале тука. Со Даниел сум во постојан контакт и реагираме во координација со полицијата“, рече Станишиќ.
Адвокатот нагласи дека Кајмакоски не се замерил со никого и дека немал причина да претпостави дека би можело да му се случи вакво нешто.
„Даниел пред сè е уметник и не е човек кој би можел да препознае знаци дека некој евентуално го следи. Тој лично не забележал ништо. Никогаш никому не му замерил, нема причина некој од лични побуди да посегне по него. Да имало некаков сомнеж, веројатно и самиот би помислил дека нешто вакво може да се случи. Својот работен ангажман го извршува професионално и никогаш не бил дрзок или навредлив кон некого“, изјави Станишиќ.
Тој додаде дека според нивната проценка, мотивот најверојатно бил материјална корист.
„Ова најверојатно е направено со цел стекнување материјална корист. Даниел има доверба во полицијата и убедени сме дека тие професионално ќе си ја завршат работата. Се надеваме дека потрагата по осомничените ќе заврши брзо, бидејќи полицијата е на висина на задачата“, заклучи адвокатот.
Македонија
Четворица заболени од шуга во касарната во Велес, епидемиологот Оранска рече дека болеста е донесена однадвор
Кај четворица слушатели на курсот за професионални војници во велешката касарна е потврдена шуга. Тие се пуштени на домашно лекување и се во стабилна состојба, додека од Армијата велат дека се спроведени здравствени протоколи и дека состојбата на останатите слушатели е под редовен надзор.
Потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено-медицинскиот центар, информира дека првиот случај бил регистриран минатиот четврток, по што веднаш бил извршен увид и биле активирани превентивни мерки. Заболеното лице било упатено на специјалистички преглед и домашно лекување, а потоа бил спроведен вонреден здравствен надзор.
Сите присутни војници биле прегледани, при што лицата со кожни промени биле дополнително упатени на специјалист. Останатите се без симптоми и продолжуваат со редовните активности. Оранска посочи дека болеста не потекнува од Армијата и дека, според проценките, е внесена однадвор.
„Шугата сигурно е донесена однадвор. Досега не сме имале во Армијата случај нити кај старешините, нити кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор“, изјави Оранска.
Во објектите каде што се сместени слушателите е спроведена целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Надзорот ќе продолжи секојдневно, имајќи предвид дека инкубацијата на болеста може да трае од 10 дена до шест недели.
Портпаролот на Генералштабот, потполковник Дарко Стерјовски, изјави дека условите во касарната се во согласност со правилниците и ги отфрли наводите за несоодветни услови, вклучително и тврдењата дека нема топла вода. Според него, во објектот има соодветно греење и услови за нормален живот и обука.

