Свет
Салвини бара регистар на Ромите во Италија, ќе следуваат депортации
Италијанските власти ќе спроведат попис меѓу ромското население во Италија за евентуално да ги протераат оние без документи и, како што рече министерот за внатрешни работи Матео Салвини, по чија иницијатива ќе се прави регистарот, за жал, да ги задржи оние со италијанско државјанство, пишува италијански „Локал“.
Салвини, кој е и претседател на Лига (партија од екстремната десница), вчера изјави на локална ломбардиска телевизија (Салвини е роден во Ломбардија) дека планира да ја посети ромската заедница во Италија за да види кои се, какви се и колку ги има.
„Недокументираните странци без регулиран статус ќе бидат депортирани преку спогодби со другите земји, но, за жал, ќе мора да ги задржиме италијанските Роми“, рече Салвини, кој е одамна познат по таргетирањето на Ромите и на Синтите.
Се проценува дека бројот на Ромите во Италија е од 130.000 до 170.000, од кои за половината се верува дека се италијански државјани. Лига веќе предложи посебни закони за Ромите, со кои на властите ќе им биде полесно да им ги одземаат децата ако тие редовно не посетуваат училишна настава, а Салвини побара ромските кампови да бидат срамнети со земја обвинувајќи дека Ромите повеќе го сакаат криминалот отколку да работат.
Најавата за попис предизвика бура во редовите на опозицијата и внимателна реакција на ромската заедница. Извештај за таа заедница уште минатата година објави Италијанскиот државен завод за статистика (ИСТАТ), наведе здружението Ромска нација во соопштение барајќи што побрза средба со новиот министер.
„Салвини ја продолжува изборната кампања со сѐ погрди зборови“, оцени сенаторката на Демократската партија, Симона Малпези, која смета дека пописот е најновата измислица на новиот министер за внатрешни работи, која по малку смрди на фашизам.
Салвини минатата недела се најде во центарот на вниманието кога се спротивстави на пристигнувањето на хуманитарниот брод со 630 емигранти во италијанските пристаништа.
„Некои зборуваат за шок, зошто? Само мислам на тие кутри деца што ги учат да крадат и да го кршат законот“, реагира Салвини на „Твитер“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп со порака до демонстрантите во Иран: Продолжете да протестирате, помошта доаѓа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги поддржа демонстрантите во Иран и ги повика да продолжат да протестираат.
Тој ги откажа средбите со иранските претставници и рече дека американската помош е на пат.
„Ирански патриоти, ПРОДОЛЖЕТЕ ДА ПРОТЕСТИРАТЕ – ПРЕЗЕМЕТЕ ГИ ВАШИТЕ ИНСТИТУЦИИ!!! Запишете ги имињата на убијците и насилниците. Тие ќе платат висока цена. Ги откажав сите средби со иранските претставници сè додека не престане бесмисленото убивање на демонстрантите. ПОМОШТА ДОАЃА. МИГА!!! ПРЕТСЕДАТЕЛ ДОНАЛД Џ. ТРАМП“, објави тој на својот профил на социјалните мрежи Truth Social.
фото/Depositphotos
Свет
Разрешен ураинскиот министер за одбрана
Украинскиот парламент, Врховната рада, го разреши министерот за одбрана Денис Шмихал од должноста, кој треба да ја преземе функцијата министер за енергетика.
265 пратеници гласаа за одлуката, додека пратениците од Европската солидарност и дел од партијата Холос (Глас) се воздржаа, пишува Украинска правда.
Шмихал беше назначен на функцијата министер за одбрана во јули 2025 година. На 9 јануари, парламентот ги прими оставките на Шмихал и Михајло Федоров, првиот вицепремиер на Украина и министер за дигитална трансформација.
Претседателот Володимир Зеленски се сретна со Шмихал на 3 јануари и рече дека очекува парламентот да го одобри неговото назначување на позициите вицепремиер и министер за енергетика.
фото/епа
Свет
Дел од персоналот на француската амбасада го напушти Иран
Неесенцијалниот персонал во француската амбасада го напушти Иран, потврдија за агенцијата „Франс Прес“ два извори запознаени со ситуацијата.
Според нив, персоналот го напуштил Иран во текот на претходните два дена, но не беше објавено колку луѓе заминале.
„Заштитата на нашиот персонал и нашите граѓани е приоритет“, изјави за АФП функционер на француското Министерство за надворешни работи.
Истовремено, три европски земји ги повикаа иранските амбасадори на разговори во врска со репресијата на режимот врз демонстрантите во Иран.
Холандскиот министер за надворешни работи, Давид ван Вил, изјави дека го повикал иранскиот амбасадор „за формално да протестира против прекумерната употреба на сила против демонстрантите, масовните произволни апсења и исклучувањето на интернетот“. Тој додаде дека потегот е направен во координација со европските партнери.
Финска, исто така, го повика иранскиот амбасадор на разговори. Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен изјави: „Иранскиот режим го исклучи интернетот за да може да убива и угнетува во тишина“.
Шпанската министерка за надворешни работи, исто така, го повика иранскиот амбасадор на разговори.
Шпанското Министерство за надворешни работи побара од Техеран да ја прекине блокадата на комуникациите и да ги запре апсењата на демонстрантите.

