Македонија
Ратификацијата на договорот со Грција на собраниска седница

Пратениците денеска се очекува да гласаат за ратификација на договорот со Грција за промена на името, откако предлог-законот вчера попладне доби зелено светло на матичната Комисија за европски прашања.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров во образложението рече дека ако сакаме да направиме сè што можеме за да го фатиме европскиот воз, потребно е навреме да ја информираме Грција за да го извести Советот на ЕУ дека ги повлекува забелешките.
Министерот додаде дека сите се патриоти, и оние што се согласуваат со договорот и оние против него. „Да прифатиме дека сите ја сакаме татковината и сакаме да го зачуваме идентитетот“, рече Димитров, кој додаде дека не сме доволно свесни за одговорноста за неносење одлуки. „Чувме дека во минатото можеше да има и подобри решенија. Но, должност е на тие што ја водат земјата да видат дали може да чекаме уште пет години. Одговорноста од пропуштање на шансата е преголема“, предупреди министерот.
„Oва е за нашите деца. Да се владее значи да се направи избор. Ние го направивме заедно изборот – Македонија цела суверена евроатлантска Македонија“, рече пратеникот од ДУИ, Артан Груби пред Комисијата за европски прашања.
Опозицијата не учествуваше на расправата и воопшто во работата на Собранието со образложение дека договорот е капитулација на Македонија, правна лакрдија, неуставен и незаконски. Неизвесно е нивното учество на денешната собраниска седница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Карпош и Сарај денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Пелистерска 4-1/8. (општина Карпош)
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од улиците бр. 3 и бр. 5 како и околните објекти во нивна близина во Сарај.(општина Сарај)
Македонија
Без вода дел од Центар

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на улицата Димитрие Чуповски бр.10 без вода ќе останат корисниците од улицата Никола Вапцаров лоцирани на потегот од Министерство за правда до Плоштад Македонија, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 08.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен северен ветер (локално над 60 km/h), а температурата ќе се задржи под просекот за овој период од годината. Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со пораст на дневната температура.