Македонија
Усвоен предлог – законот за спречување и заштита од дискриминација

На предлог од Mинистерството за труд и социјална политика, министрите на денешната владина седница го прифатија предлог – законот за спречување и заштита од дискриминација.
Со него се уредуваат превенцијата и забраната од дискриминација, облиците и видовите на дискриминација, постапките за заштита од дискриминација, како и составот и работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Целта на овој закон е да се гарантира принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Илинден е ден на обединување, ден кога сите треба да се поклониме пред минатото и да се заветиме за иднината

ВМРО-ДПМНЕ упати честитка по повод Илинден.
„Илинден е симбол на нашата непокорност, заветот на Крушево и борбата на партизаните за слободна Македонија. Тоа е ден кога се преклопуваат идеалите на сите генерации кои сонуваа за држава своја, слободна и праведна.
Илинден е и Крушевската Републикa, замислена како дом на сите луѓе, без разлика на вера и народност. Илинден е и АСНОМ, темелот на современата македонска држава, каде што повторно се повтори истиот идеал: Слободна Македонија, за македонскиот народ и за сите нејзини граѓани.
Денес, на нас е да ја чуваме слободата, да ја унапредуваме демократијата, да ја развиваме државата. И тоа во услови кога има многу предизвици, негаторски политики и разлилни пропаганди.
Илинден е и ден на обединување.Тоа е ден кога сите треба да се поклониме пред минатото и да се заветиме за иднината.
Нашата мисија е јасна, Македонија мора да победи. Да ја вратиме правдата, да го зачуваме идентитетот, да ја изградиме државата која ќе биде дом на достоинството и просперитетот. Илинден е најголемата вистина која живее, епопејата на народот за слобода и своја држава.
Честит Илинден!
Да живее Македонија!“, стои во честитката на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Гаши: Овој ден е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка по повод 2 Август – Денот на Републиката.
„Во име на пратениците и Собранието на Република Северна Македонија, упатувам најискрени честитки по повод 2 Август – Денот на Републиката. Овој ден е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество, вредности што денес претставуваат темел на нашето заедништво и на институциите на државата. Оваа дата не е само дел од историјата на државата, туку и обврска да ја зачуваме и понатаму да ја унапредуваме визијата за современа држава насочена кон мир, напредок и евроатлантска интеграција.
Нека овој ден биде поттик за размислување за заедничкиот пат што го изградивме како држава и како општество, како и за понатамошно охрабрување на меѓусебното разбирање, соработка и посветеност кон доброто на татковината, без разлика на етничките, верските или политичките разлики“, стои во честитката на претседателот на Собранието, Гаши.
Македонија
Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката.
„Илинден е сржта на македонската историја,
Илинден е срцето на македонската република,
Илинден е душата на македонската државност,
Илинден е тежок и прекрасен ден, ден на неизмерна тага и радост, но и ден на болка и гордост!
2 Август е денот на двата Илиндена: Крушевскиот којшто ја роди идејата за Републиката и асномскиот којшто ја оживотвори.
Првиот беше искра, вториот пламен, првиот беше ослободителен крик и херојска епопеја, вториот беше државна конституција по победа.
Првиот посеа републиканско семе, вториот ја собра жетвата на Народноослободителната борба.
Илинден е приказна што тече, се пишува и допишува со крв и солзи, порази и победи.
Илинден нѐ учи дека Републиката не се наследува, туку се изборува и се заслужува.
Илинден нѐ обврзува да направиме од државата пристојно место за живеење за сите, место од кое нема да се бега, туку во кое ќе се доаѓа.
Илинден е пример за обединување заради заедничка цел и општо добро.
Илинден е ден на тивка заклетва пред Никола, Питу, Даме, Гоце… и пред мноштвото знајни и незнајни борци, дека она што го сториле за нас, несебично вградувајќи се во темелите на македонската државност, никогаш нема да го заборавиме и засрамиме.
Драги потомци на славните илинденци, наследници на нивната визија, храброст и неизмерна љубов кон татковината, од срце ви го честитам Илинден, празникот над празниците.
Нека е вековита македонската република!
Нека ни е вечен Илинден!“, стои во честитката на претседателката Сиљановска-Давкова.