Македонија
Адеми присуствуваше на свеченоста за дипломците од машинскиот факултет
Машинскиот факултет во Скопје денес промовираше нова генерација дипломци, а на свеченото доделување на дипломите присуствуваше и министерот за образование и наука Арбер Адеми.
Тој на новите инженери им честиташе за стекнатите знаења и вештини, за кои како што рече, верува дека многу ќе им помогнат во обезбедувањето на соодветно работно место во што покус временски период.
„Студентите кои го завршуваат образованието на Машинскиот факултет во Скопје, не добиваат само дипломи со оценки, туку, тие од тука заминуваат со знаења, вештини, компетенции со кои се конкурентни на пазарот на труд, не само во Република Македонија, туку и надвор од неа“, потенцираше Адеми, додавајќи дека инвестирањето во знаењето е правилна одлука и основа за успех на личен и професионален план.
Министерот за образование и наука се заблагодари на менаџментот и на наставно – научниот кадар на факултетот за тоа што создаваат квалитетен кадар кој е потребен за придвижување на општествено – економските процеси и им посака да продолжат со успесите во образовната и наставно – научната дејност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ: Министерот Фатмир Лимани ги блокира албанските општини од политички причини
ДУИ обвинува дека министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани од политички причини го држи во заложништво почетокот на работата на предучилишната установа Валбона Зимбери- Валбона 2001 година, во село Матејч и отворањето на првата детска градинка на ниво на општина Харачиново.
Градоначалникот на општина Липково Еркан Арифи и градоначалникот на општина Арачиново, Ридван Ибрахими протестираа пред Министерството за социјална политика, демографија и млади, односно пред канцеларијата на министерот Фатмир Лимани, велејќи дека тој е главниот и единствен виновник што на децата од Арачиново и Липково им е скратено загарантирано право со закон, да престојуваат во просториите на предучилишните установи, градинки и на нивните родители што не можат да ги сместат своите деца под организирана грижа.
„Градинките во овие две општини Арачиново и Липково, се подготвени да примат деца од предучилишна возраст во своите простори, завршени се сите технички и административни процедури, единственото нешто што го спречува отворањето на вратите на овие објекти посветени на најмалите, е неподготвеноста на овој човек да ги процесира согласностите за вработување на потребниот кадар, кои се веќе дадени од Министерството за финансии од пред неколку недели“, велат од ДУИ.
Од партијата велат дека и покрај тоа што, општинската администрација неколку пати ги коригирала табелите што ги враќало Министерството, во најкус можен рок ги коригирала според барањето и за истата постапка веќе е дадена согласност од Министерството за финансии, но министерот Фатмир Лимани без никакво образложение или оправдување одлучил да ги блокира согласностите во неговите фиоки, не пуштајќи ги во процедура, а воедно со тоа ги блокира и вработувањата кои се неопходни за функционирање на предучилипните установи.
Македонија
Новата сила и енергијата на конгресот на СДСМ ја вознемири ДПМНЕ, велат од СДСМ
Според СДСМ, новата сила, енергијата и ентузијазамот кој беше многу видлив на вчерашниот Конгрес на СДСМ ја вознемири ДПМНЕ.
СДСМ, додаваат од опозициската партија, покажа дека се издигнува после пораз а Конгрес е пресвртница во опозициското дејствување на партијата.
„Внесовме нова енергија во нашите редови. Ги отворивме вратите за сите кои се блиски до социјалдемократски идеи и вредности.
Новиот Централен одбор на СДСМ го сочинуваат поединци кои се почитувани во својата заедница, кои знаат да го почитуваат членството и граѓаните и кои ќе работат во најдобар интерес на сите граѓани. Изборот на нова заменик претседателка на СДСМ Фани Каранфилова Пановска е додадена вредност на партијата каква што ДПМНЕ никогаш немала. Партијата со белиот дворец не може да го смисли прогресивното граѓанско општество, затоа и невладините организации и неистимислениците отсекогаш биле таргет на ДПМНЕ“, реагираат од СДСМ на прес-конференцијата на Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ја разбираме нервозата од владејчката ДПМНЕ која не успеа да испорача ниту едно ветување и која има катастрофални резултати од работењето за само 5 месеци од мандатот“, додаваат од СДСМ.
Македонија
Измамници испраќаат пораки од името на Фондот за здравство, се апелира до граѓаните да не наседнуваат
Фондот за здравствено осигурување на Македонија има сознанија дека се појавија лажни пораки, кои им се праќаат на граѓани по електронски пат, на електронската пошта, од името на ФЗО.
Во лажните пораки им се укажува на граѓаните дека наводно системот со управување трансакции на Фондот препознава дека треба да добијат исплата за рефундација на средства по што треба да кликнат на одреден линк.
Фондот им укажува на граѓаните да не наседнуваат на ваквите лажни пораки за да не бидат злупотребени нивните лични податоци и трансакциски сметки, а доколку се во можност, да пријават во Службата за компјутерски криминал во МВР.
Фондот веќе го пријави случајот во МВР.