Македонија
Доделени решенија за легализација на бесправно изградени објекти во Штип
Mинистерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, оствари работна посета на Општина Штип. На средбата со градоначалникот разговараа за инфраструктурните проекти што се реализираат во Штип и Источниот Регион.
Посетата на Општина Штип министерот Сугарески ја искористи заедно со градоначалникот Бочварски да доделат решенија за легализација на бесправно изградени објекти на жители на општина Штип. Во изјава за медиумите министерот Сугарески апелира до сите граѓани да ги запазат роковите за легализација на дивоизградените објекти и навреме да ги достават потребните документи.
„На средбата со градоначалникот разговаравме за сите инфраструктурни проекти што се реализираат во овој регион, а се од клучно значење за Штип и граѓаните на Штип. Градот Штип е важна раскрсница на истокот и затоа ние максимално сме посветени на подобрување на патната инфраструктура во овој регион. Нашата крајна цел е да овозможиме модерни, брзи и безбедни патишта за да овозможиме брз транспорт на стоки и услуги и да создадеме услови за нови инвестиции што ќе го подигнат економскиот раст во Штип и Штипско.
Во таа насока сакам да потенцирам дека максимално сме посветени на изградбата на автопатот Миладиновци-Штип и очекуваме да биде завршен до септември оваа година. Работиме на изградба на експресниот пат од Штип до Кочани кон бугарската граница. Создаваме брза патна врска и кон југ преку изградба на нов експресен пат Штип-Радовиш. Исто така, се рехабилитираат и други помали патни правци во овој регион“, рече Сугарески.
Тој додаде дека во регионот ќе се инвестираат над 320 милиони евра во изградба и реконструкција на патната мрежа. „Посетата на Општина Штип ја искористив и заедно со градоначалникот да доделиме решенија за легализација на бесправно изградени објекти. Бидејќи рокот за достава на барањата истекува до крај на овој мeсец, сакам да апелирам до сите граѓани кои сè уште ја немаат поднесено потребната документација, да го направат тоа што побргу бидејќи после тоа не размислуваме за продолжување на роковите. Исто така, сите граѓани, пак, кои претходно немаат доставено никакво барање за легализација, имаат рок до крајот на оваа година да ја достават потребната документација. Потенцирам дека не размислуваме за продолжување на роковите, па затоа уште еднаш ги повикувам сите граѓани навреме да ги достават документите. За оние лица што нема да ги запазат предвидените рокови, ќе се постапува во согласност со Законот за бесправно изградените објекти“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

