Македонија
Сообраќајните незгоди се причина број еден за смртност кај младите лица
Глумци, пејачи, новинири, спортисти, водители и други јавни личности… сите во еден глас праќаат порака „Го сакам градот безбеден“ и со тоа даваат поддршка на новата едукативна активност на РСБСП, која го носи токму овој наслов, а има цел подигнување на сообраќајната култура и свест во секој град и во секое населено место во Македонија.
На овој начин РСБСП со поддршка на јавните личности ги најавува двете значајни активности што ќе се одржат во претстојниот период. Станува збор за кампањата „Недела за безбедност на сообраќајот“ во Охрид и Битола. И двете, со ист наслов, со иста порака и со исто мото: „Го сакам градот безбеден!“

Секојдневно сме сведоци на голем број сообраќајни незгоди и сè почесто доаѓаме до заклучок дека е речиси невозможно да помине едно деноноќие или еден викенд, а да не се случи тешка сообраќајна незгода со повредени или загинати лица. Во Република Македонија во просек годишно речиси 160 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 6.000 лица се тешко повредени. Тоа значи дека на секои два-три дена по еден човек го губи животот во сообраќајна незгода, а по неколку лица на ден се тешко повредени и остануваат со траен инвалидитет како последица на сообраќајна незгода. Сообраќајните незгоди се причина број еден за смртност кај младите лица.
Според РСБСП, брзото возење, возењето под дејство на алкохол, непочитувањето на сообраќајните правила и прописи, неетичкото, некултурно, неодговорно, нетолерантно однесување во сообраќајот, се главните причини за предизвикување сообраќајни незгоди со тешки и фатални последици. За жал, многу често на патиштата и улиците во Република Македонија можеме да видиме возачи што достигнуваат големи и неразумни брзини во или надвор од населено место, возачи што управуваат возило под дејство на алкохол, возачи и патници што не користат безбедносен појас, возачи што користат мобилен телефон за време на возењето итн. Непрописно паркирани возила и пешаци што се движат надвор од тротоарот и кои ја поминуваат улицата таму кај што им е најзгодно има речиси на секој чекор.
Во согласност со тоа РСБСП и сите јавни личности што ја поддржа кампањата „Го сакам градот безбеден“ апелираат на поголема одговорност во сообраќајот, целосно почитување на сообраќајните правила и прописи и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Истовремено прашуваат: Кој е твојот придонес за побезбеден град, за побезбеден сообраќај?
„Да започнеме да ја градиме и да ја менуваме сообраќајната култура почнувајќи секој од себе, преку личен пример и позитивен придонес, за помалу жртви и поголема безбедност на улиците и патиштата“, порачуваат од РСБСП и подржувачите на кампањата. Пред нас е лето, време на одмори и забави, време за нови искуства и нови доживувања, а статистичките податоци и искуствата од минатите години покажуваат дека бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди во летниот период двојно се зголемува. За безбедно лето, за безбеден сообраќај, бидете дел од кампањата „Го сакам градот безбеден“ и дадете го вашиот придонес за побезбеден сообраќај преку целосно и, без исклучок, почитување на сообраќајните правила и прописи, апелираат од РСБСП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.
Македонија
Меџити го дочека претседателот на Албанија во Чаир
Градоначалникот, Изет Меџити, свечено го пречека во Чаир претседателот на Албанија, Бајрам Бегај кој допатува во тродневна посета на земјата.
Меџити му посака добредојде пред општината, нарекувајќи го брат.
Албанскиот претседател заедно со делегацијата ќе ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија, кадешто ќе има свечен настан.
За утре е превидено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, да биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посета на Тетово во сабота.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Сообраќајот пред општината Чаир попладнево беше целосно блокиран. Автобусите сообраќаа по изменета рута, додека пешаците беа пренасочувани од другата страна на булеварот.

