Македонија
„Трчаме заедно за лицата со церебрална парализа“ во Прилеп

Рекреативно донаторска трка во должина од 5 километри ќе се одржи утревечер со почеток во 19 и 30 часот во центарот на Прилеп, под мотото „Трчаме заедно за лицата со церебрална парализа“.
Пријавени се повеќе од 1.000 учесници, а од нив 400 се од прилепската конфекција со мешовит македонско-англиски капитал „Комфи-ангел“. За секој учесник во трката, Општина Прилеп обезбеди благодарници во замена за нивниот хуман гест. Котизацијата за учество на донаторското трчање е 100 денари, средства што ќе бидат наменети за набавка на дел од потребната опрема за Дневниот центар за лица со церебрална парализа, што ќе биде отворен во јули, годинава.
Со ставање во функција на Дневниот центар, после Скопје, Прилеп ќе биде втор град во државата, кој што ќе отвори ваков центар, со капацитет на згрижување од 25 до 30 штитеници.
Хуманитарниот настан е во организација на Општина Прилеп, „ГЕНТЕРМ Македонија“, „Комфи Ангел“ и Регионалната канцеларија на Стопанската комора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„На матурска прослава без автомобил, без конзумирање алкохол: МВР со апел за безбедни матурски прослави

Сообраќајната статистика покажува дека во деновите кога се организираат матурски прослави се зголемува бројот на сообраќајни незгоди. Голем дел од учесниците во сообраќајните несреќи се млади луѓе, матуранти, кои најчесто завршуваат со тешки телесни повреди, а не ретко и го губат својот живот, информираат од МВР.
Одговорноста, како што напоменуваат, за девијантното однесување на дел од матурантите во сообраќајот е првенствено кај младите, но и кај нивните родители.
„Не дозволувајте им на своите деца да одат на матурска прослава со автомобил. Грешките во сообраќајот може да бидат фатални. Затоа: „На матурска прослава без автомобил!“, „Без конзумирање алкохол!“, Без користење наркотични средства!“, „Без нарушување на јавниот ред и мир“, посочуваат од МВР.
Македонија
„Скандал: Филипче замина на одмор, од грчките плажи и од песочната палма од Дубаи пишува статуси за законот за Кочани“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Каде е Венко Филипче? Дали е точно дека 5 дена Венко Филипче е надвор од државата? Тој од 10.05 2025 година ја напушта Македонија одејќи во Грција. Дали е точно дека тој всушност пишува фб статуси за жртвите од Кочани и лажно лее солзи за памфлетот од закон за Кочани од грчките плажи“, прашуваат ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали е точно дека потоа од солунскиот аеродром лета за Дубаи со златната виза?
Дали случајно е во Дубаи по бизнис заедно со Зоран Заев?
Јавноста заслужува одговори за тоа каде е Венко Филипче.
Срамно е што на неговата фејсбук страна објавува статуси за Кочани и се претставува за лажен заштитник, во исто време кога сета по песочните плажи и ужива во украдените пари.
СДС и Филипче се синоним за криминал, корупција и предавства“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Разочарувачка е одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да не го поддржат Законот за Кочани, велат од СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија изразува длабоко разочарување од одлуката на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери да не дозволат законот за финансиска поддршка на семејствата на загинатите и повредените од трагедијата во Кочани да се најде на дневен ред во Собранието.
Како што велат, станува збор за закон без политичка позадина.
„Со една единствена цел, да им помогнеме на семејствата што изгубија најмногу, што изгубија сѐ, да им помогнеме на повредените, на сопствените граѓани. Тоа е чин на елементарна човечност, одговорност и морал. ВМРО-ДПМНЕ требаше да покаже одговорност и зрелост а не да се држи само до политичкиот инает. Зад она што е добро треба заеднички да застанеме без било какви политички калкулации, искрено и добронамерно. Ова не е прашање на партиски разлики, ова е прашање на совест, човечност, солидарност и грижа за сопствените граѓани“.
За Кочани, додаваат од партијата, мора да има правда, одговорност но и силна поддршка и помош на оние на кои им е неопходна.
СДСМ, велат, од првиот ден по трагедијата се однесува со целосна почит, сочувство и одговорност за семејствата на загинатите и повредените.
„Го ставивме страдањето на нашите сограѓани над политиката. Ќе продолжиме да се бориме за вистински вредности, за помош и поддршка и ќе стоиме зад нашите граѓани“.