Култура
Доделени наградите на „Гола месечина“

На вчерашното свечено затворање на Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“, кој од 18 до 23 јуни се одржа под отворено небо на сцената поставена во Спортскиот центар „Ново Лисиче“, беа доделени седум награди. Наградата Гран при за најдобра претстава ја доби „Једваносимсобоакаломистобо“ на сараевскиот воен театар САРТР. Режисерот на истата претстава, Алеш Курт, ја доби наградата за најдобра режија.
Наградата за најдобра машка улога му се додели на Фаик Mефаилоски за ликот на Ерџан во претставата „Синиот портокал“ на велешкиот театар „Џинот“, а за најдобра женска улога на Сања Крстовиќ за ликот на Живка во претставата „Госпоѓа министерка“ на Народниот театар од Ниш. Награда за најдобра епизодна улога ѝ беше доделена на Анета Томашевиќ за улогата на госпоѓа Потер во претставата „Kидај из моје кухиње“ на шабачкиот театар.
Оваа година за првпат беа доделени и награди за костимографија, која ја доби Елена Дончева за претставата „Дванаесетта ноќ (спроти Водици)“ на народниот театар „Антон Панов“ од Струмица и за млад актер, која ја добија Ефтим Трајчев Ѓаурски од народниот театар од Штип за улогата во претставата „Умри машки“ и на Давор Сабо од сараевскиот воен театар „САРТР“ за улогите во претставата „Једваносимсобоакаломистобо“.
Изборот на победниците го направи меѓународна тричлена жири-комисија во состав Иван Лео Лемо како претседател, Магдалена Ризова Черних и Љупчо Петрушевски како членови по проследувањето на шесте претстави што се одиграа во натпреварувачкиот дел (три од Македонија и три од регионот).
Пред свеченото доделување на наградите во присуство на огромен број дечиња од Аеродром на сцената беше одиграна детската претстава „Тоби“ на Театарот за деца и младинци од Скопје, а со стендап-комедијата на Марјан Ѓеорѓиевски вчеравечер и официјално заврши „Гола месечина“, која годинава се одржа по петти пат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Почина актерот Теренс Стамп, познат по улогата на негативец во филмот за Супермен

Теренс Стамп, британсски актер кој имаше кариера долга шест децении во филмот, почина на 88-годишна возраст, јавува Би-Би-Си.
Стамп, кој беше номиниран за Оскар, глумеше во бројни филмови, а исто така ја играше и улогата на главниот негативец, генерал Зод, во филмовите за Супермен.
Стамп починал утрово, соопшти неговото семејство.
„Зад себе остави извонреден опус, како актер, така и како писател, кој ќе продолжи да ги допира луѓето во годините што доаѓаат,“ изјавија тие.
Култура
Од Венеција до Торонто: ‘Силјан’ на Тамара Котевска ја освојува светската сцена

Долгометражниот документарен филм на Тамара Котевска почнува да се движи по ѕвездена траекторија: по светската премиера на Венеција, својата Американска премиера ќе ја има во официјална селекција на интернационалниот фестивал во Торонто, соопшти Агенцијата за филм.
По историскиот успех на „Медена земја“ – со три награди на „Санденс“ и две номинации за Оскар – и интернационалниот успех на документарецот „Пaтување пеш“ (The Walk), македонската режисерка се враќа на голема врата.
Нејзиниот нов филм „Силјан“ (The Tale of Silyan) ја доби честа да ја има својата светска премиера на престижниот Филмски фестивал во Венеција 2025, а веднаш од таму патува на американската премиера во Торонто, на А категорија фестивал, во официјална натпреварувачка селекција.
Котевска е и режисерка и продуцентка на филмот, кој е реализиран во копродукција со американската компанија Concordia и британската The Cornershop, како и со продуцентите Жан Дакар и Јорданчо Петковски, со кого Котевска го сними својот прв долгометражен филм „Човек против јато“.
Со ова, како што додава Агенцијата, македонската кинематографија уште еднаш гордо чекори на светската филмска мапа.
Култура
Младите музички таленти блеснаа под сводовите на „Света Софија“

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер во црквата „Света Софија“ одржа завршниот концерт од Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика што се одржува под уметничко раководство на македонскиот виолинист Емилио Перцан и азербејџанската пијанистка Тамила Гулиева.
Виртуозното мајсторство над виолината, уметникот и професор Емилио Перцан, во текот на изминатите денови во Охрид несебично го пренесуваше на младите генерации уметници кои допрва треба да ја градат својата музичка кариера.
-Тоа е и целта на семинарот, затоа и го правиме во изминатите 13 години во Охрид и претходно три години во Хрватска. Секогаш е задоволство што крајниот концерт е овде, во црквата „Света Софија“. Годинава имаме учесници од Македонија, Србија, Словенија, првпат од Австралија, од Перу… кои се на возраст од 13 до 25 години, вели Перцан.
Семинарот постои од 2009 година. Првите три години се одржува на Истра, Р. Хрватска, а од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Северна Македонија и на градот Охрид, продолжува да се одржува во Охрид.
Досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од многу земји во светот. На нив, исто така, редовно учествуваат педагози и изведувачи, и професионални музичари кои доаѓаат на усовршување. По завршувањето на ваквата летна музичка школа, традиционално, се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници во рамките на фестивалот „Охридско лето“.