Македонија
Партизација на антидискриминациската комисија, реагира опозицијата
Министерката за труд и социјална политика, Мила Цароска сака да ја партизира и контролира Комисијата за заштита од дискриминација, обвини ВМРО-ДПМНЕ по презентирањето на новиот закон за спречување и заштита од дискриминација.
„Новиот закон содржи козметички промени, кои можат да се донесат со Измена и дополнување на законот, што ќе значи континуитет на досегашниот, кој е во потполност усогласен со меѓународните стандарди. Всушност во својот извештај за Македонија ЕКРИ телото на Советот на Европа, препорачува измени и дополнување на законот, а не донесување на нов закон“, се нагласува во реакцијата на опозицијата.
ВМРО-ДПМНЕ посочува дека Венецијанската комисија, во своето мислење препорачува да не се менува сегашниот состав на комисијата, бидејќи тоа ќе влијае на независноста на тоа тело за еднаквост.
„Менување на сегашните членови, според Венецијанската комисија би представувало политички притисок. Според комисијата, доколку тоа се случи ќе може да се претвори во нова пракса, со која секоја промена на власта ќе значи и промена на членовите на комисијата. На тој начин ова тело за еднаквост ќе ја изгуби смислата на неговото постоење. Во препораките се посочува да се изнајде начин, комисијата да се избира со двотретинско мнозинство, за да може да учествува и опозицијата, со што ќе се направи широк консензус и ќе се зацврсне независноста на комисијата. Во заклучоците на венецијанската комисија од четири најважни точки потенцирано е дека промената на сегашниот состав на комисијата ќе претставува сериозен удар врз независноста на комисијата и дека мора да се најде начин тоа да се избегне“, смета опозицијата.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека мислењето на венецијанската комисија е подржано и од Еквинет(тело за еднаквост на ЕУ) со писмо до Министерката за труд и социјална политика и од Европската комисија, која ќе го смета ова како непридржување кон реформите за кои Владата треба да се залага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без струја делови од Центар и Аеродром
Без струја денеска ќе останат дел од корисниците од општините Центар и Аеродром.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) без електрична енергија ќе останат: – во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од ул. Наум Наумовски Борче бр. 65 и околните стамбени објекти околу него. (општина Центар). Во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од ул.Ѓорѓи Андеевиќ Кун во близина на училиштето Димитар Македонски (општина Аеродром)“, информира РЦУК – Скопје.

