Македонија
Иванов не го потпиша законот за ратификација на спогодбата со Грција
Претседателот Ѓорге Иванов донесе одлука да не го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Kонечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година, и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.
Иванов ја соопшти одлуката, образложувајќи дека извршувајќи ја функцијата секогаш постапувал одговорно и своите права и должности ги вршел врз основа и во рамките на Уставот, законите и интересите на земјата.
Иванов вели дека нема мандат да го потпише Указот за прогласување на законот за ратификација бидејќи еден од столбовите на неговата политика во изборната програма од 2014 година е дека не прифаќа промена на Уставот со цел промена на уставното име.
„Не прифаќам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. На претседателските избори 534 910 граѓани гласаа за оваа моја изборна програма и ме избраа на функцијата претседател на Република Македонија. Спогодбата излегува надвор од опфатот на резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации затоа што во нив се зборува за ‘разлика околу името на државата’, а не за ‘разлики’ како што зборува оваа спогодба“, вели Иванов.
Тој тврди дека спогодбата нема уставна основа и не е ратификувана во согласност со Уставот. Законот за ратификација на спогодбата, се истакнува во соопштението на Иванов, не е во согласност со член 51, член 118 и член 119 од Уставот на Република Македонија.
„Спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно Република Грција. Според член 308 од Кривичниот законик, „Граѓанин кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор од најмалку пет години“, образложува Иванов.
Во соопштението, претседателот додава дека озаконувањето на оваа спогодба создава правни последици што се основа за кривично дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

