Македонија
Спасовски: Постои опасност од етнички мотивиран насилен екстремизам што води кон тероризам
„Сложените и меѓусебно вмрежени облици на организиран и сериозен криминал со кои се соочуваме претставуваат една од најголемите закани за просперитетот, владеењето на правото, развојот на современото општество и севкупната стабилност на регионот“. Ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на годинешниот состанок на претставниците на парламентарните комисии за одбрана и за безбедност на парламентите на земјите од Југоисточна Европа, што се одржува во Скопје, а на тема „Современи безбедносни предизвици во југоисточна Европа“.
Министерот Спасовски нагласи дека во борбата против комплексните и специфичните форми на криминалот потребно е да се согледаат сите нивни конкретни модалитети, појавните облици, обемот и последиците и следствено на тоа, да се проценат реалните закани кои може да се очекуваат во иднина.
„Во регионални рамки, Европа и Балканот – пред сé поради геостратешката положба и специфичните етнички, социјални и политички карактеристики – претставуваат погоден терен за стационирање и егзистирање на екстремни и радикални групи и поединци, но и за развивање хиерархиски закрепостени меѓунационални организирани криминални групи. Токму поради ова може да се очекува зголеменa соработка на терористите со криминалците, што ќе овозможи поголема флексибилност и зголемена логистичка и финансиска поддршка“, потенцираше Спасовски.
Презентирајќи ги актуелните согледувања и активности од аспект на безбедноста и спроведувањето на законите, пред сè во делот на посложените и посериозни облици на организиран криминал, министерот Спасовски, исто така посебен акцент во своето обраќање стави и на терористичките закани.
„Република Македонија во консталација на безбедносната состојба во регионот и пошироко посебен акцент дава на борбата против тероризмот како моментална асиметрична закана, која е високо на агендата на службите кои го спроведуваат законот. Имајќи ја предвид поврзаноста на тероризмот со насилниот екстремизам, односно верската хетерогеност на населението во земјава, сосема јасно може да се препознае опасноста од етнички мотивиран насилен екстремизам што води кон тероризам. Исто така, информатичко-комуникациските технологии, особено социјалните мрежи, форуми и сајтови, претставуваат значајна поддршка на тероризмот и насилниот екстремизам“, потенцираше Спасовски.
Според првиот човек на македонската полиција, сложеноста на спроведувањето истраги за кривични дела од областа на организираниот криминал и тероризмот ја наметнува потребата за воспоставување поцврста регионална соработка и приближување на воспоставените стандарди и пракси. Апострофирајќи ја важноста од постојана и кооординирана соработка меѓу државите, која претставува чекор напред и сигурен начин за успешна и заедничката борба против криминалот, министерот Спасовски посочи дека приоритетите се менуваат, предизвиците се менуваат, но целта на меѓусебната соработка била и секогаш ќе биде зајакнување на безбедноста и стабилоста на земји од регионот на ЈИЕ, но и пошироко, а со самото тоа и сигурноста на сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

