Македонија
(Видео) Народен правобранител: Нечовечни услови во затворите во Скопје, Струмица и во Куманово
По ненајавените посети на Народниот правобранител на затворите во Скопје, Струмица и Куманово, констатирани се крајно лоши услови за сместување на притворените и осудените лица, сериозен недостиг на професионален и стручен кадар, што влијае на остварувањето на правата на притворените лица во процесот на ресоцијализација.
„Станува збор за нечовечки услови, затворениците одат во тоалет без врата, хигиената е на најниско ниво и на притворените им е ускратено правото на непречена здравствена заштита и остварувањето на други права за време на издржувањето на мерката притвор или казната затвор во казнено-поправните установи“, рече заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска.
Таа додаде дека при посетата во 2017 година констатирале повреда на правото на приватност и деградирачка состојба на притворените и на осудените лица, затоа што дел од тоалетите се без врата, па лицата заради обезбедување на некаква приватност мора да закачуваат ќебиња или да се снаоѓаат на друг начин.
Според неа, затекнатите лоши материјални услови, несоодветната опременост на просториите за сместување, влагата и недоволното затоплување, нефункционалниот систем на повикување, се само дел од причините за кои Народниот правобранител препорача итно преземање мерки за санација на овие затвори.
Според Народниот правобранител, од разговорот со притворените во затворите добиле информации исто така дека често се случува притворените лица да бидат навредувани на национална основа, особено припадниците на ромската заедница, како и грубо однесување на претресите од страна на службените лица, на понижувачки и дрзок начин.
Исто така, замерка на Народниот правобранител е недостигот на медицински персонал во затворските установи поради што често изостанува преглед во првите 24 часа при прием на нови осудени, а на лицата сместeни во просториите за изолација не им се вршат секојдневни прегледи од страна на лекарот иако истото е законски задолжително.
„Медицинската заштита во затворите се одвива во услови на недостиг на здравствен и медицински кадар, а забележана е и неопременост на амбулантите со соодветна апаратура и лекови. Во затворите по 20 часот нема обезбедено присуство на здравствен персонал од кој било профил“, рече Бајрамовска, по што додаде дека особено незадоволителна е состојбата во затворот во Струмица, каде што еден доктор од општа пракса и една медициска сестра од Здравствениот дом во Струмица доаѓаат само двапати во неделата по неколку часа.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.
Македонија
Скопје повторно ќе пулсира во ритамот на виното со Винодонија 2025
Винодонија 2025 – најпрестижниот вински настан во Македонија и годинава ветува незаборавно искуство за сите љубители на виното. Деветтото издание на салонот ќе се одржува денеска и утре во Скопје, а посетителите ќе имаат можност да ги вкусат најдобрите вина од земјата и од странство, додека 15 гастро-изложувачи ќе ги надополнат елегантните вински моменти со ексклузивни деликатеси.
-Салонот ќе биде винска сцена за споделување на вкусови, емоции и моменти, идеално место за уживање во најдоброто од виното пред крајот на годината. Со внимателно одбран амбиент, богата програма и вински ритуали што ги слават сетилата, Винодонија 2025 воедно е и покана за достоинствено затворање на годината – со чаша вино во рака и со друштво што знае да препознае вкус и вредност. Со повеќе од 75 вински брендови кои ќе изложат над 500 вински етикети, Винодонија 2025 ветува незаборавно винско патување, најавуваат организаторите.
Интернационалниот карактер на Винодонија 2025 се огледува во присуството на винари и експерти од различни земји, кои ќе ги споделат своите најдобрите вина и најнови трендови во светското винарство. Оваа година, покрај македонските вина кои ја раскажуваат приказната на нашите лозја, посетителите ќе имаат можност да дегустираат и врвни вина од регионот и пошироко.
Водечкиот карактер на Винодонија 2025 ќе дојде до израз и преку едукативните работилници и предавања. Еминентни експерти од винската индустрија ќе споделат свои знаења на специјални мастер-клас дегустации и интерактивни сесии, кои се наменети за сите – од искусни вински познавачи до оние кои сакаат да ја продлабочат својата љубов и разбирање за виното.
Македонија
Магла кај Ресен и Удово, видливоста е намалена
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла до 50 метри има кај Ресен и Удово, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

