Македонија
Заев со писмо побара поддршка од премиерите на ЕУ

Претседателот на Владата, Зоран Заев, упати писмo до премиерите на земјите членки на Европската Унија во кое ги повикува да поддржат одлука за старт за пристапните преговори на Македонија со Европската Унија со временска рамка на процесот, како одлука заснована на заслуги и како одлука која е одамна заслужена.
Заев во писмото ги известува премиерите на земјите членки на ЕУ за постигнатиот Договор за решавање на разликата околу името и за воспоставување стратешко партнерство меѓу Македонија и Грција.
„Договорот претставува историска можност за надминување на спорот што ги оптоварува односите меѓу двата соседи повеќе од 25 години, и го попречуваше нашиот пат кон евро-евроатланска интеграција“, се вели во писмото на Заев до неговите колеги.
Претседателот на Владата информира и за чекорите што треба да се преземат за да се обезбеди стапувањето во сила на договорот, и ги запознава премиерите дека е веќе извршена ратификацијата на Договорот во Собранието, по што следува известување од страна на Грција до ЕУ дека таа го поддржува отворањето на пристапните преговори за нашата земја, како и поканата за членство во НАТО.
Заев во писмото известува дека на есен ќе биде одржан референдум за поддршка на договорот, по што ќе следи и спроведувањето на постапката за уставни промени.
„За да се обезбеди реализацијата на договорот и потенцијалните придобивки од него за двете земји, за регионот на Југоисточна Европа и за Европа како целина, од огромно значење е политичката поддршка на земјите членки на ЕУ, за да ја потврдат со конкретни мерки стратегиската визија за европската иднина на мојата земја и целиот регион“, истакнува во писмото премиерот Заев.
Затоа, се вели во писмото на премиерот, „во пресрет на претстојниот Европски совет, ја барам вашата поддршка за одлука за почеток на пристапните преговори со Република Македонија“.
„Со таквата одлука ќе биде оддадено признание за евидентните реформски процеси и ќе го олесни понатамошното продлабочување на реформскиот импулс. Покрај тоа, таквата одлука ќе има пресуден придонес во создавањето на неопходната позитивна клима за успешно завршување на секој од чекорите предвидени во Договорот за да спроведе деликатно избалансираниот компромис за решавање на долготрајниот и комплексен спор“, нагласува во писмото до своите колеги претседателот на Владата и наведува дека со нетрпение ја очекува драгоцената поддршка за донесување одлука за отворање на преговорите за пристапување на Македонија со ЕУ претстојниот состанок на Европскиот совет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Родители и блиски на жртвите во Кочани бараат Обвинителството да објасни кој е обвинет, а кој ослободен

Родителите, роднините, пријателите на загинатите деца, како и нивните поддржувачи, излегоа на уште еден марш во Кочани, барајќи правда за 62-та жртви кои загинаа во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Тие упатија јавен апел до Јавното обвинителство – конечно и директно да ги информира за тоа кои лица се обвинети, а за кои е запрена постапката.
„Ние не сме правници, соопштението ни е дадено по членови и закони… и реално ништо не сфативме. Претпоставувам и другите родители, освен градоначалниците и обезбедувачите, не сфатиле“, рече Марија Петрушева, мајката на загинатиот Андреј Панов.
Таа истакна дека во понеделник официјално ќе испратат барање до Обвинителството, со кое ќе побараат лична средба со надлежните обвинители.
„Чувствуваме морална и човечка должност да се обратиме. Сметаме дека е од суштинско значење Обвинителството конечно и целосно да нѐ запознае со исходот од истражната постапка и со содржината на поднесениот обвинителен акт, кои лица се опфатени, а кои се изземени од одговорност, за да ги отстраниме сите дилеми кои се јавуваат кај нас. Неприфатливо е за нас да добиеме информации преку медиуми. Очекуваме транспарентност и директна комуникација“, порача Петрушева.
Таа изрази загриженост што, и покрај укажувањата, одредени лица сè уште не биле повикани ни на распит.
„Нашата болка е тешка, но борбата е праведна. Бараме одговорност и вистина“, додаде таа.
Со остар тон се обрати и Васка Стојанова, мајката на загинатиот Томче, која директно го обвини газдата на „Пулс“, познат како Деко, дека во моментот на пожарот се скрил, оставајќи ги младите да се борат за живот.
„Јас не знам зошто партиите преку медиумите кажуваат кој што и колку дал. Господ рекол кога левата рака дава, десната не треба да знае. И обратно. На нашите деца никој и ништо не им помогна, само помогнаа со тоа што им ја затворија вратата и што многу повеќе уништија. Да била вратата отворена, немало толку да бидат уништени и ќе се спасија. А не како оној монструмот Деко што се криел долу во скривницата, за да се спаси, а нашите деца ги оставил на милост и немилост“, изјави Стојанова со солзи во очите.
Присутните граѓани порачаа дека нема да престанат со протестите додека не добијат јасни и транспарентни одговори од институциите. Бараат правда, но и човечка емпатија – не правни термини и соопштенија кои, како што велат, никој од нив не ги разбира.
Македонија
Шведски експерти и преживеани од трагедија ќе понудат поддршка во Кочани

Од 16 до 18 јуни, во Кочани ќе престојува седумчлена делегација од Гетеборг, Шведска, составена од социјални работници, пожарникари и лица кои преживеале трагедија слична на онаа што неодамна го потресе овој град. Посетата е во организација на групата „Support Kocani“, која информира дека целта на настанот е споделување на искуства, поддршка и заедничко градење на сила и надеж.
Шведската делегација доаѓа како симбол на солидарност, откако пред 27 години, во нивниот роден град Гетеборг, избувна пожар во дискотека при што загинаа 63 лица – трагедија што длабоко го промени шведското општество.
„Ова не е само делегација, туку група луѓе кои лично ја почувствувале болката што ја носи ваква трагедија. Тие ќе споделат како низ годините се соочувале со последиците, како изградиле психолошка издржливост и како повторно нашле надеж“, велат од „Support Kocani“.
Тие додадоа дека посетата има силна симболика и за Кочани – како потсетник дека заедницата не е сама и дека солидарноста не познава граници.
„Ги пречекуваме со отворени срца. Тие се сведоци на болка, но и симболи на сила. Заедно ќе споделиме искуства, ќе создадеме мостови на поддршка и ќе покажеме дека од болката може да се роди нова енергија за живот“, велат „Support Kocani“.
Скопје
Арсовска го прозва Стојкоски: Аценце, ти направив 27 улици, ни фала не кажа и уште бегаш од дуел за хемиските фабрики

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот профил на Фејсбук му се обрати на градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, со серија критики за неговото однесување и, како што тврди, неспособност да го признае придонесот на Град Скопје во реализацијата на инфраструктурни проекти.
„Ова е објава за читање за сите интелигентни и слободоумни граѓани, другите не читајте!“ – започнува Арсовска во својот пост, порачувајќи му директно на Стојкоски:
„Аценце, ти се обраќам да се потсетиш, како неспособната што спиела 3 години ти направи 27 улици во 5 населени места во Ѓорче Петров“.
Таа додава дека улиците биле изградени преку Јавното претпријатие „Улици и патишта Скопје“, без учество на општински средства, а Стојкоски само се појавил за да се слика, без притоа, како што вели, ни да се заблагодари.
„Ти ги направивме со скопското јавно претпријатие ‘Улици и патишта Скопје’, ти освен што се сликаше, не потроши ни денар, а не се ни заблагодари“, напиша Арсовска.
Во објавата, Арсовска повторно го повикува Стојкоски на ТВ дуел во врска со деталниот урбанистички план кој, според неа, овозможува изградба на хемиски фабрики и 31 висококатница во централното градско подрачје на Ѓорче Петров.
„Уште чекам да прифатиш ТВ дуел за ДУП-от кој го донесе за да се изградат хемиските фабрики и 31 висококатници сред Ѓорче Петров. Тоа што плаќате медиуми и партиски ботови да ве фалат, а другите да ги понижуваат, не значи дека сте во право!“, заврши градоначалничката.