Македонија
Турска агенција донираше над 130 компјутери за затворите во Македонија

Дo Управата за извршување санкции денеска пристигна информатичка опрема – донација од турската владина Агенција за соработка и координација – ТИКА, којашто ќе биде распоредена во сите казнено-поправни установи во Македонија.
Станува збор за донација на информатичка опрема за потребите на казнено-поправните и воспитно-поправните установи, од кои 134 компјутери, 88 печатачи, четири скенери и два фотокопира. Опремата ќе биде доделена на сите 12 затвори на територијата на Македонија.
На официјалното примопредавање денеска во казнено-поправниот дом „Идризово“ присуствуваше министерката за правда, Рената Дескоска, придружена од директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ, а донацијата ја предаде Ајтекин Ајден, координатор на ТИКА за Македонија. На примопредавањето присуствуваа и директорите на сите КПУ во земјава.
Дескоска изјави дека процесот на подобрување на условите во казнено-поправните домови е веќе почнат.
„Една од целите на Владата е создавање достоинствени услови за извршување на казната затвор, а соработката со други меѓународни институции и партнери во оваа насока е секогаш ценета и добредојдена. Владата инвестира во подобрување на условите во затворите, а ова подобрување се надевам ќе биде забележано и во извештаите во кои оценката за реалната состојба за условите во затворите е загрижувачка“, рече Дескоска.
Таа се заблагодари за помошта која ТИКА ја инвестирала во казнено-поправните домови и во правосудството.
Директорот на Управата за извршување на санкциите, Јовица Стојановиќ, истакна дека со обезбедување на потребната информатичка опрема во казнено-поправните установи значително ќе се подобри ефикасноста при извршувањето на тековните работни задачи во установите и дека таа ќе им служи и на лицата кои ја извршуваат казната затвор.
По завршувањето на примопредавањето, министерката за правда изврши увид на активностите кои ги презема Управата за извршување на санкциите во насока на подобрување на условите и го посети новоизграденото, полуотворено одделение во КПД Идризово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Институциите го деградираат користењето на албанскиот јазик на ниво пред усвојувањето на Законот за јазиците

„ДУИ изразува длабока загриженост поради систематското непочитување на албанскиот јазик на официјалните веб-страници на министерствата на Владата на Република Северна Македонија. Недостигот на содржини на албански јазик во Министерството за енергетика, Министерството за транспорт, Министерството за внатрешни работи и други институции претставува не само прекршување на Законот за употреба на јазиците, туку и намерно исклучување на албанците од пристапот до јавни информации“, велат од ДУИ.
„Во некои случаи, задржани се само старите двојазични формати од претходната влада, но суштинските содржини, документите и клучните информации се објавуваат исклучиво на македонски јазик.
Станува збор за опасен тренд што оди подалеку од техничка негрижа – ова е институционална политика која го ограничува практичното користење на албанскиот јазик и ги поткопува темелите на меѓуетничката еднаквост во државата.
Дополнително, овие појави се случуваат во време кога се прават обиди за доведување во прашање на клучните одредби од Законот за јазиците пред Уставниот суд.
Кога државните институции почнуваат да го игнорираат или релативизираат едно од најважните достигнувања на Охридскиот рамковен договор – службената употреба на албанскиот јазик – се испраќа опасна порака за иднината на државната кохезија и меѓуетничкиот соживот.
Во момент кога се случуваат овие сериозни процеси, албанските партнери во Владата се зафатени со внатрепартиски караници за претседател на ЛЕН, иако секој од нив со помалку од 1% поддршка од граѓаните, и молчат пред овој удар врз правата на албанските граѓани.
Со оваа тишина, тие не само што ја легитимираат оваа политика, туку стануваат дел од проблемот.
ДУИ им упатува повик на институциите да го почитуваат законот и Уставот, да го запрат јазичниот дискриминациски курс. Албанците нема да прифатат да бидат третирани како граѓани од втор ред. Јазичната еднаквост не е привилегија – таа е право“, соопшти ДУИ.
Македонија
На Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата е околу 1 час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата изнесува околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претпладне сончево, попладне наместа нестабилно со локален дожд и грмежи

Претпладне сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност и со слаб до умерен југоисточен ветер. Попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со услови за пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Времето во наредните денови
Од среда на повеќе места ќе биде нестабилно со повремени врнежи од дожд, локално поројни, проследени со грмежи. Дневната температура ќе биде во постепено благо опаѓање.