Македонија
Пендаровски: Членството во ЕУ и НАТО е клучно за демократијата
Критериум за влез во НАТО веќе со години е решавањето на прашањето за името. Ако во писмото од грчкото МНР стои чиста формулација дека Македонија треба да добие покана, тоа ќе биде клучно за земјата да добие покана за членство во Алијансата, истакна Стево Пендаровски, национален координатор на Македонија за НАТО на трибината под наслов „Позитивните и негативните аспекти за членството на Македонија во НАТО“ во организација на Институтот за стратегија и развој (ИСД).
Образложувајќи ја потребата на Македонија за влез во НАТО и ЕУ, Пендаровски рече дека членството е клучно за демократијата со цел да можеме од нив да научиме како успешно да го организираме општеството.
Тој спомена дека во минатото НАТО имаше три мисии во Македонија. Првата беше по конфликтот кога се собираше оружјето, а потоа уште две кои овозможија реинтеграција на кризните региони и направија целокупниот амбиент во државата да се стабилизира.
„Ние мора да ги гледаме нашите стратешки интереси и нашиот влез во ЕУ и НАТО нема никакво лошо влијание за односот со Русија, Кина или која било друга земја. Не влегуваме во овие формации за да бидеме закана за некого, туку за да добиеме бенефити и да бидеме под тој чадор кој ќе го стабилизира ова парче земја, а истовремено и да отвори простор за нови инвестиции. Сите инвеститори кои доаѓаат во Македонија прашуваат кога ќе влеземе во ЕУ и НАТО, со оглед на тоа што сега сме држава со преодна форма“, рече Пендаровски.
Осврнувајќи се на договорот со Грција како услов за влез во НАТО тој спомена дека договорот има три фази кои ние во Македонија треба да ги поминеме успешно и една во Грција каде е потребно само на крај да биде направена ратификацијата на договорот во Парламентот.
„Ако една од фазите кои ние треба да ги спроведеме не ја поминеме успешно, алтернативата ќе биде во некое друго време да почнеме повторно со преговори. Но, во тој случај, убеден сум дека тоа ќе го прави некоја следна генерација“, смета Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек за да се избегне блокирање на патот, СВР Тетово со апел да се почитуваат сообраќајните правила
Секторот за внатрешни работи Тетово постапува согласно годишен план за постапување во зимски услови во зимските рекреативни центри Маврово и Попова Шапка, но и во целото подрачје што го покрива.
Како и минатата година, така и оваа година на подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек на движење на возилата за да се избегне секој вид на блокирање на патот. Но, поради одредени неодговорни возачи кои не го почитуваат тоа правило дооаѓа до целосно блокирање на сообраќајот. Исто така, проблем претставува и паркирањето на возила покрај патот со што се оневозможува на надлежните институции за целосно чистење на патот и на тој начин уште повеќе се отежнува движењето во сообраќајот, односно на некои делници од патот кон Маврово нема можност за двонасочен сообраќај, велат од СВР Тетово.
Пред почетокот на сезоната, Отсекот за превенција при СВР Тетово во неколку наврати одржа состаноци со менаџери и сопственици на хотели и угостителски објекти во овие два туристички локалитети, при што беше укажано да преземаат соодветни мерки во нивниот делокруг на работа за безбедноста на посетителите, а и во однос на обезбедување на доволен број паркинг места за нивните клиенти.
„За да не се повторат ситуации од претходните години во Маврово и Попова Шапка, кога СВР Тетово дополнително ангажираше полициски службеници од другите полициски одделенија за физичко регулирање со наизменично пуштање на возилата и расчистување на сообраќајот, СВР Тетово апелира до граѓаните, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не ги паркираат нивните возила на коловоз, да ги почитуваат наредбите од полициските службеници и да не тргнуваат кон овие локации без соодветна зимска опрема“, соопштуваат од СВР Тетово.
СВР Тетово ги известува граѓаните дека ќе бидат ангажирани и пајак службите на Тетово и Гостивар секогаш кога некое возило ќе го попречува сообраќајот, односно ќе биде подигнато и законски санкционирано.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Целосна реконструкција на култната фонтана „Лотос“ во Градскиот парк
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, објави видео во кое вели дека култната фонтана „Лотос“ повторно го добива својот сјај.
„Започната е целосна реконструкција на фонтаната која се наоѓа на влезот од Градскиот парк – место што со децении претставува препознатлив белег и симбол на Скопје, но кое за жал со години беше запуштено.
Со проектот е предвидена целосна обнова на фонтаната, како и уредување на плоштадот околу неа. Се поставува нова урбана опрема и современо осветлување, со што просторот ќе добие нов, модерен и достоинствен изглед, соодветен на значењето што го има за градот и граѓаните.
Ова култно катче, еден од најпрепознатливите симболи на Скопје, повторно ќе стане место за средби, прошетки и споделени моменти. Простор каде што генерации скопјани ќе се собираат, ќе создаваат спомени и ќе уживаат во уреден и квалитетен јавен простор, онака како што Скопје заслужува.
Градот го обновуваме чекор по чекор, со јасна визија и конкретни дела. Скопје го правиме заедно. По скопски!“, изјави Ѓорѓиевски.
Македонија
Општина Центар и Амбасадата на Чешка му оддадоа почит на Роберт Гајдик
Денес се одбележуваат 84 години од прерано згаснатиот живот на Роберт Гајдик Славко, истакнат борец и партизан во Народноослободителната борба.

Со полагање свежо цвеќе, Н.Е. Амбасадорот на Република Чешка, Јарослав Лудва и военото аташе на Република Чешка, претставници од Општина Центар, Сојузот на борци и Здружението на пензионери на Општина Центар, жители од Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ и негови почитувачи му оддадоа почит.

Исто така, во чест на празникот Василица, во Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ се вртеше паричка, а среќниот добитник беше Владе Левковски, претседател на пензионерскиот огранок „Невена Георгиева Дуња”.

Преку овој симболичен настан, секоја година му се оддава почит на интернационалниот борец, симбол на истрајност и борба за слобода против окупаторот.

Општина Центар со години го чествува и негува споменот на Роберт Гајдик и неговото дело.


