Македонија
(Видео) Мицкоски: Условената препорака е уште еден голем пораз за Македонија
Ова се тажни и тешки денови за Република Македонија. Македонија со владата на Зоран Заев продолжува да биде надвор од патот на Европската Унија. Македонија не доби чиста препорака веднаш, како што впрочем ветуваше Зоран Заев и Владата, туку само надеж дека можеби идната година ова време ќе се исполнат целосно критериумите за определување датум за преговори, изјави претседателт на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција во партиското седиште во Скопје.
Според него, Македонија цела година ќе мора да тапка во место затоа што согласно со извештајот потребно е да се направи прогрес во борбата против корупцијата, суштински реформи во повеќе области и создавање услови за независно судство. „Оваа неспособна влада не ги исполни критериумите и тоа е констатирано.
Македонија со Зоран Заев доби штетен и капитулантски договор за смена на името, но не и почеток на преговори со Европската Унија, и тоа веднаш. На надворешен план имаме распродажба на државата, трговија со националните и државни интереси, а на домашен план економско цунами. Владата е едно големо фијаско која нижи само порази“, додаде тој.
Мицкоски смета дека Зоран Заев направи чекори за отстапки со кој се согласи за бришењето на името Македонија, промена на Уставот со цел промена на уставното име, промена и широко толкување на идентитетот, фуснота за македонскиот јазик и редица други отстапувања, а не доби ништо, иако ветуваше светла иднина и подобар живот, и тоа веднаш.
„Разбиена е уште една голема лага. Имаме влада која го одзема достоинството на народот, но и не овозможува подобра и пооптимистичка иднина. Уште од почетокот велев и сега тоа се потврдува дека пристапувањето кон ЕУ е работа на мерит систем, односно се вреднува сработеното, а не по работите кои ќе се пропуштат или тргуваат. Капитулантскиот договор со Грција нема да им ја заврши домашната работа и да го подобри животот на граѓаните, тој нема да ја направи помалку корумпирана владата и нашето општество ниту да го подобри стандардот на граѓаните. За тоа е потребна работа каква не видовме во период од една година од оваа влада предводена од Зоран Заев и СДСМ. Не може да се отворат портите кон ЕУ, а да бидете прогласени за најкорумпирана држава во Европа, држава со најмал економски раст и со судство кое поради политизираноста колабира, а полицијата масовно се злоупотребува.
Затоа што со извештаите за корупција која е од најниско до највисоко ниво, и во самата Влада, како што е потенцирано со извештајот, нема да се сокријат шарените лаги на Зоран Заев и ветувањата за некаква подобра иднина која нема никогаш да дојде со оваа влада. Имаме период на соочување со реалноста. Се рушат сите лажни очекувања на владата. Државата со Владата на СДСМ доживува само порази. Иако луѓето од власта ги гледаме со вештачки насмевки, со изнасилена еуфорија, целиот овој театар нема поразот да го претвори во победа. Затоа што граѓаните и без да има некаков извештај знаат дека живеат лошо, и затоа што целата држава живее со последиците и поразите од оваа влада. Нема човек кој е задоволен, и живее подобро било да е во образованието, земјоделието, јавната администрација, бизнисот или здравството, пензионерите, младите коишто се најмногу погодени кои веќе не ја гледаат иднината и си заминуваат“, вели Мицкоски и додава:
„ВМРО-ДПМНЕ ја даде целосно поддршката за системските закони кои беа од значење за европската интеграција на државата, и кога станува збор за европската перспектива ќе продолжиме конструктивно да дејствуваме затоа што тоа го прави одговорна опозиција и затоа што ние сме поразлични од сè она што порано го правеше СДСМ. Но, главната домашна задача е во рацете на Зоран Заев и владата. Неуспехот во исполнување на планот 3-6-9 нема да може да се покрие со капитулантскиот договор на Зоран Заев, кој ние никако и никогаш нема да го поддржиме“.
Тој смета дека потребни се наместо сеење магла и лажен триумфализам суштински и коренити реформи, наместо власта да се занимава со политички прогони и насилни сценарија, да се фати за работа. Она што Македонија го доби со извештајот е следниот јуни, следната година, повторно да се направи преоценка за состојбите и сè останато е шарена лага. И единствената надеж е можеби поразличната одлука на Европскиот совет до петок, иако морам да кажам дека шансите се повеќе сведени на теории.
„Но, непобитен факт е дека со оваа влада Македонија има само порази. А, она што на Македонија ѝ треба се победи и многу работа. Изборот за граѓаните во овој момент е спас на кариерата на Зоран Заев или напредок за Македонија“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

