Македонија
Спасовски: Зголемен бројот на обиди за илегален влез на мигрантите од Грција во Македонија

Со затворањето на Западнобалканската рута за транзит на мигрантите, не завршија обидите за нејзино оживување. Зголемен е бројот на обиди за илегален влез на мигрантите од Грција во Македонија. Ова го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во своето денешно обраќање на 98-от Рос-Рот семинар на Парламентарното собрание на НАТО.
Спасовски нагласи дека во периодот од 2015 до средината на 2016 година низ територијата на Македонија транзитирале околу 800.000 мигранти што е повеќе од една третина од вкупното население на државата, а во одредени периоди транзитирале и над 10.000 мигранти дневно. Притоа, Спасовски потенцира дека во справување со ваквата состојба биле ангажирани целокупните национални капацитети, а начинот на кој тоа беше направено, од сите домашни и меѓународни фактори и партнери е оценето како успешно.
Меѓутоа, според Спасовски, со затворањето на таканаречената Западнобалканска рута за транзит на мигрантите, за жал не завршија и предизвиците на ова поле, особено во обидите за нејзино оживување, но овој пат на илегален начин – мигрантите се уште се обидуваат илегално, самостојно или со помош на криумчари да транзитираат низ Македонија кон север и понатаму кон своите крајни дестинации.
Во последниот период регистрирана е и тенденција на зголемување на бројот на обиди за илегален влез од Грција во Македонија – односно, како што потенцираше Спасовски, ако во текот на 2017 година беа спречени 3220 обиди за илегален влез на јужната граница, само во првите 5 месеци од оваа година веќе се спречени 3.150 такви обиди.
„Токму сузбивањето на оваа појава е една од нашите приоритети. Во таа насока, од неодамна е формирана Национална единица за сузбивање криумчарење мигранти и трговија со луѓе, која официјално започна со работа во март годинава. Со неа раководи Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а во нејзиниот состав учествуваат приближно 50 претставници од сите релевантни организациони единици во Министерството за внатрешни работи, како постојани членови и контакт лица“, истакна Спасовски.
Тој додаде дека и покрај овие трендови, безбедносната состојба на државните граници во моментов генерално е поволна.
„Продолжено е времетраењето на Одлуката за прогласување на кризна состојба на подрачјето на јужната и северната државна граница, што овозможува непречено користење на потребните национални ресурси и капацитети за справување со предизвикот. Заедничката операција на јужната граница во чии рамки на македонско – грчката граница се распоредени и странски полициски службеници од осум европски држави континуирано се реализира од декември 2015 година“, рече Спасовски.
Во своето обраќање, првиот човек на македонската полиција, исто така апострофираше низа дополнителни активности чија што реализација е во завршна фаза, со што ќе се овозможи и воспостави уште поголем степен на безбедност на границата, особено кон нашиот јужен сосед.
Рос-Рот семинарот на Парламентарното собрание на НАТО, во соработка со Собранието на Македонија и со поддршка на Владата на Швајцарија, денес и во наредните два дена се одржува во нашата земја. Семинарот е насловен „Евроатлантска интеграција на Западен Балкан: зајакнување на Европскиот мировен проект“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Директорот на БЈБ од СВР Тетово: Нема да дозволиме насилството на поединци да ги нарушат сигурноста и мирот во заедницата

Денеска директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, во СВР Тетово оствари средба со раководството, на која детално беа разгледани сите околности и преземените мерки по вчерашниот вооружен инцидент, во кој беше одземен еден живот, а повредени беа четири лица.
„Сакам граѓаните на Тетово и регионот да знаат дека полицијата е целосно мобилизирана и посветена. Се преземаат активности за да се гарантира и испорача безбедноста. Нема да дозволиме стравот и насилството на поединци да ја нарушат секојдневната сигурност и мирот во заедницата. Истовремено, на сторителите и сите кои мислат дека со оружје можат да решаваат спорови и несогласувања им порачувам дека ќе бидат пронајдени, изведени пред лицето на правдата и санкционирани. Полицијата ги стави во функција сите потребни служби со цел да бидат фатени сите инволвирани во овој инцидент“, дециден беше директорот на БЈБ Јанев, додавајќи дека безбедноста е наша заедничка вредност.
„Ги повикувам сите граѓани на Тетово и насекаде низ државата да соработуваат со полицијата, да пријавуваат информации и заедно да изградиме средина во која нема место за криминал и насилство. Само заедно можеме да се спротивставиме на поединците и групите кои не споделуваат исти вредности со нас чесните“, истакна Јанев заклучувајќи дека Македонија и сите граѓани заслужуваат мир и спокој, а полицијата е тука за да го испорача.
Македонија
(Видео) „Филипче треба да одговори чија е јахтата на која плови тој и Заев, колку чини и на кој начин е купена“, вели Лефков

„Не е проблем што Венко Филипче отишол на одмор. Секој човек тоа го заслужува. Не е ни проблем локацијата каде се наоѓа одморот. Проблемот е лицемерието кое го шират и друштвото во кое се наоѓа Венко Филипче. Додека на Бихачка штанцаат соопштенија за тоа колку лошо се живее во државата, гледаме како Филипче одлично живее“, вели Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека Венко Филипче и СДС имаат лажно душегрижништво за правата на работниците, велат дека има ниска минимална плата и притоа велат дека знаат како му е на народот, го гледаме Венко Филипче во друштво на Зоран Заев на јахта во Грција.
Проблемот е што криминалниот тандем Заев и Филипче уживаат со украдени пари од народот во Грција на скапи јахти.
Венко Филипче треба да одговори чија е јахтата на која плови тој и Заев, дали е негова, на неговиот поранешен шеф или на фирми поврзани со нив?
Доколку јахтата е на него или на Заев колку чини истата и на кој начин е купена? Со ова Венко Филипче докажува дека е само привезок на Зоран Заев.
Кога на Зоран Заев му требаше жртва за корона кризата тука беше Венко Филипче. Кога му требаше некој да му ја грее претседателската фотелја во СДС тука беше Венко Филипче. Сега кога му треба друштво на Заев за одмор тука е Венко Филипче.
Чалам, луксуз, скапи јахти, коли, мотори и ресторани. Ниту ги интересираат граѓаните кои поради нив живееја со 150 денари на ден, ниту пак знаеја како да им ги решат проблемите. Тие знаат само за тендери и провизии.
И на власт и во опозиција со украдените пари, уживаат во октоподи, лигњи, тропски плодови, за нив ништо се нема сменето, бидејќи се заштитени од ЈО Коцевски кој ги брани со своето останување на позицијата јавен обвинител.
Заев и Филипче мора да бидат историја, а секако, и да одговараат“, изјави Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Реакција на ДУИ на изјавата на премиерот Мицкоски: Кој нѐ враќа 30 години назад? Вие или ние?

„Парадоксално е што премиерот зборува за „невраќање во 2001 година“, додека секојдневното практикување на владеењето на неговата влада е враќање назад во времето: кон дискриминацијата, мајоризацијата, исклучувањето и кршењето на правата на Албанците и другите заедници.
Потсетувањето на 2001 година не е „стара тема“, туку потсетување на цената што граѓаните ја платија за еднаквоста и за Охридскиот договор, кој денес отворено се прекршува од актуелната влада“, вела од ДУИ.
„Наместо да нѝ држи лекции околу тоа за што треба да зборуваме, премиерот треба да им објасни на граѓаните зошто:
• го укина на противуставен начин правичното и соодветно застапување како уставна вредност што произлегува од Охридскиот договор,
• мајоризацијата се врати во одлучувањето, дури и во Уставниот суд каде одлуките сега се усвојуваат со етничко надгласување,
• неговата партија предложи укинување на Законот за употреба на јазиците, а тој е најголемиот застапник на идејата за негово непочитување,
• во администрацијата Албанците се дискриминираат,
• албанскиот јазик се игнорира од институциите,
• албанската дијаспора е исклучена од процесите на одлучување и од финансиската поддршка од власта, вклучувајќи го и противуставното намалување на бројот на општински советници,
• развојните проекти во албанските општини се блокираат, а инвестициите ги заобиколуваат областите каде живеат Албанци,
• концептот на „српскиот свет“ е претворен во државна политика, потврдено и во последниот извештај на Европскиот парламент,
• ја блокира европската иднина,
• се избегнува од ветинг,
• не ја поддржува иницијативата за истрага на секој функционер,
• се избегнува од истрага за процесот на приватизација.
Сега го поставуваме прашањето: кој нѐ враќа 30 години назад? Вие или ние?
ДУИ зборува за иднината, за развојот, за меѓусебната почит, но нема иднина без правда и еднаквост. Оној што ги заборава неправдите од минатото, ги повторува во иднината. Ние нема да дозволиме неправдите од пред 2001 година да се повторат преку злоупотреба на власта и институциите, туку ќе инсистираме на зачувување на мултиетничкиот карактер на државата и целосно почитување на Охридскиот договор, бидејќи тоа е темелот врз кој треба да се гради секоја политика, секоја инвестиција, секое училиште и секоја автопатска делница.
Кандидатите и победниците на изборите треба да бидат преферирани и избрани од народот, а не по желбите, преференциите и фаворизирањата на премиерот“, се наведува во соопштението на ДУИ.