Свет
Во потрагата по младите фудбалери од Тајланд се вклучуваат американски и британски тимови

Во потрагата по исчезнатите момчиња од јуниорски фудбалски клуб и нивниот тренер, кои во саботата исчезнаа во пештера во северен Тајланд, ќе се придружат и американски и британски спасувачки тимови.
Американската индо-пацифичка команда на Хаваи објави дека американски тим од 30 експерти ќе биде испратен да помогне во потрагата, на барање на тајландската влада, пренесе новинската агенција АП.
Тајландскиот генерал Банча Дуријапат, кој ја води спасувачката акција, изјави дека синоќешниот дожд повторно го зголемил нивото на водата, поради што електричната енергија и пумпите за вода се исклучени со цел да се избегне електричен удар.
Дуријапат рече дека тајландските СЕАЛ тимови, британски експерти за нуркање во пештери и тим на американската армија се наоѓаат во внатрешноста на пештерата и дека ќе продолжат со потрагата и покрај дождот и другите проблеми.
Во текот на ноќта нивото на водата се зголемувало за околу 15 сантиметри на час, што дополнително го компликува влезот во и така тесниот процеп на пештерата.
Вкупно дванаесет момчиња на возраст меѓу 13 и 16 години и нивниот 25-годишен тренер се загубени од саботата во пештерите Там Луанг, во северната провинција Чианг Раи, 1 000 километри северно од Бангкок. Нивните велосипеди, ранци и патики останале пред пештерата.
Тајланд е во средиштето на дождовна сезона, период кога пештерите често се поплавуваат. Момчињата се упатиле кон пештерите на екскурзија по фудбалски тренинг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
40 ранети во Израел, двајца критично

Вкупно 40 лица побарале медицинска помош по вечерашниот ирански ракетен напад врз Израел, соопштија локалните здравствени служби. Двајца од повредените се во критична состојба.
Најголем број пациенти се лекуваат во болницата Ичилов во Тел Авив – 18 лица.
Според лекарите, пријавените повреди вклучуваат рани од шрапнели, вдишување чад и состојба на шок.
Свет
Израелската војска: Иран истрела помалку од 100 балистички ракети, повеќето ги пресретнавме

Портпаролката на израелската војска, Ефи Дефрин, рече дека помалку од 100 балистички проектили биле истрелани од Иран кон Израел.
Дефрин рече дека „повеќето од ракетите биле пресретнати од воздушната одбрана или паднале пред да стигнат до израелска територија“.
„Регистрирани се ограничен број погодоци на згради, а дел од штетата е предизвикана од фрагменти од пресретнати проектили“, додаде тој.
Според израелските медицински служби, во нападот биле ранети 40 лица.
Свет
Нетанјаху: Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва и порача на јавноста дека можат да ги напуштат засолништата, откако новиот бран ирански ракети прелета над израелска територија.
„Иранскиот режим никогаш не бил послаб. Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот“, рече Нетанјаху во вечерашното обраќање.
Тој директно им се обрати и на граѓаните на Иран: „Јас сум со вас, израелскиот народ е со вас“, рече тој.
Министерот за одбрана на Израел, Израел Кац изјави дека Иран „ја преминал црвената линија со лансирање ракети кон израелските цивилни области“ и најави: „Техеран ќе плати висока цена“.
Оваа иранска одмазда следеше по израелските воздушни напади на иранска територија, при што беа погодени нуклеарни постројки и беа убиени високи команданти и научници.