Македонија
Максути: За Македонија, безбедноста и просперитетот се синоними за членството во НАТО и ЕУ

Македонија дава големо значење на евро-атлантските интеграции, кои се најважните одбранбени и надворешно-политички цели и на Владата. Горд сум што во многу краток период ние добивме позитивни коментари и поддршка од НАТО и од соседните земји за членство во Алијансата и во Унијата“, рече заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, на четвртата сесија на семинарот Рос – Рот, насловена „Земји НАТО-аспиранти од Западниот Балкан: Патот напред“.
Заменик-министерот истакна дека евро-атлантската интеграција на Македонија е синоним за безбедност и просперитет и дека таа е предмет на меѓуетнички и политички консензус во државата. Максути додаде дека интеграциските процеси се и патоказ, но и водечка сила во реформските зафати.
„Поттикнавме една позитивна атмосфера и навлеговме во реформските процеси со решителност и одлучност. Повторно воспоставивме добрососедски односи и регионална соработка, демонстрирајќи дека споровите и разликите на Балканот можат да се решат на европски начин, а договорот со Грција е последниот позитивен пример за тоа“, рече Максути.
Во однос на одбраната, заменик-министерот истакна дека Владата донесе одлука за сукцесивно зголемување на одбранбениот буџет за 0,2 процентни поени секоја година, до нивото препорачано од Алијансата, но и дека во рамки на Министерството интензивно се работи на донесувањето на клучниот документ кој ќе биде водилка во развојот на Армијата и Министерството, Стратегискиот одбранбен преглед. Тој документ, рече Максути, е важен за да утврдиме една долгорочна визија за развој на одбраната.
Семинарот Рос – Рот е во организација на Парламентарното собрание на НАТО, во соработка со Собранието на Република Македонија. Темата на семинарот е евро-атлантската интеграција на Западниот Балкан како зајакнување на европскиот мировен проект. Семинарот е дел од Рос-Рот програмата, која има за цел да ги промовира парламентарната свесност, принципите на демократска контрола на вооружените сили и да развие ефективен надзор врз одбраната и вооружените сили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Несреќа на патот Велес-Градско, сообраќајот е во прекин

Поради сообраќајна незгода на регионалниот пат Р1102 Велес-Градско, кај крстоница за село Ногаевци, од 06:25 часот сообраќајот е во прекин, извести АМСМ.
На местото на несреќата се врши увид.
Македонија
Делови од Гази Баба и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 15.00 часот, објектот на винарија Брзанов, објектите лоцирани околу винаријата, корисниците лоцирани на влезот во село Трубарево и сточниот пазар во Трубарево. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улицата Партизанска – крак 10. (општина Карпош)
Македонија
Утрото ведро и посвежо, преку денот сончево со температура до 32 степена

Утрото ведро и посвежо, преку денот сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 14, а максималната ќе достигне од 27 до 32 степена.
Во Скопје, наутро посвежо, преку денот сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Во вторник и среда ќе се задржи претежно сончево и топло време за овој период од годината. Од четврток ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Дневната температура ќе биде во опаѓање.