Македонија
(ВИДЕО) Мојсоски: „Идризово“ го затекнав во катастрофална состојба, затворениците преспиваа по ходници
Затворот Идризово со години наназад е мета на критики за нехуманиот однос кон затворениците. Во затворот, голем дел од опремата на полиција како радио станици, опрема за ноќно набљудување и застареното оружје, не се во функција. Затворениците до амбулантите или судовите се пренесуваат во импровизирани возила, а многумина и не стигнаа до лекарска помош.
Новиот директор на Казнено поправниот дом „Идризово“, Боби Мојсоски, вели дека затворот го затекнал во катастрофална состојба, како за затворениците така и за вработените во затворската полиција.
„Во моментот кога дојдов, наидов на неисправна опрема, мал е бројот на радио станици за добра врска, сега имаме соработка со МВР од каде ќе ни донираат исправни радио станици. Возилата во моментов се такви какви што се, отворена е процедура со која ќе добиеме две нови возила со кои сигурно ќе биде спроведувањето на затворениците во здравствените установи или судовите“, вели Мојсоски.
Идризово до неодамна беше затворот каде се спиеше и по ходници, но простор се ослободи со амнестијата. Капацитетот на најголемиот затвор во Република Македонија изнесува 1200 затвореници, но до пред амнестијата во него престојувале повеќе од 1900, односно во келија наменета за 4 лица, беа сместувани по 8 луѓе.
Во моментов во КПУ „Идризово“ има помалку од 1000 затвореници, па како што вели директорот Мојсоски има дури и слободни кревети. Според директорот на „Идризово“, бројот на вработени во затворот е премал дури и за овие 1000 затвореници, а не пак за оние 1900 кои престојувале претходно.

„Пред амнестијата немаше доволно простор за сите во затворот чиј капацитет е до 1200 затвореници, а имаше околу 1900. После амнестијата се ослободени околу 600 затвореници и во моментов затворот брои под 1000 затвореници што значи дека имаме и слободни кревети. Во таа смисла вработените работеле во многу тешки услови, со истиот број на вработени се услужувале 1900 затвореници. Бројот на вработени во затворската полиција во КПУ „Идризово“ и сега е мал, меѓутоа се снаоѓаме подобро отколку пред амнестијата“, вели Мојсоски.
Познато е дека голем дел од затворениците поседуваат мобилни телефони, а постојано има обвинувања дека се врши секаков вид трговија во затворот, храна, облека па дури се внесуваат и наркотични средства. Директорот Мојсоски потврдува дека во минатото имало такво нешто, но сега се врши целосен претрес на сите пакети кои што ги добиваат затворениците, а се врши претрес и на вработените кои влегуваат.

„Имаме скенер каде вршиме тотален претрес на сите пакети кои што ги добиваат затворениците и на сите вработени кои влегуваат. Во агенцијата за санкции имаме и отворен телефон каде што може да се пријават сите неправилности во тој поглед. Правиме рации, наоѓаме телефони и други работи и ние како управа ригорозно ги казнуваме оние кај кој ќе најдеме било што забрането. Порано имало такви работи, ние гледаме тоа да го сведеме на минимум, на таа тема разговараме и со затворениците“, вели Мојсоски.
Во извештајот на Народниот правобранител наменет за затворите во Република Македонија, една од главните замерки е недоволниот број на медицински лица во казнено поправните установи. Како што вели Мојсоски, затворот „Идризово“ во моментов има 3 лекари и 3 медицински сестри што според него е недоволен број со оглед на бројот на затвореници.
„Со моето доаѓање, медицинскиот персонал го презеде Министерството за здравство, во моментов Јавно здравство Скопје раководи со тоа, имаме тројца лекари и три медициски сестри што е недоволен број“, рече Мојсоски.

Голем дел од вработените во затворот се жалат дека уште од порано се обесправени во поглед на исплаќањето на платите, директорот Мојсоски вели дека веднаш по доаѓањето на оваа позиција се сретнал со претседателот на синдикатот и заеднички ја констатирале лошата состојба.
„Затекнав страшно лоша ситуација, премногу тужби кон затворот и исплати каде се потрошени 100.000 евра за извршители и адвокати и плус платата за самите вработени. Во новиот закон за санкции кој е во завршна фаза беше вклучен и самиот синдикат со чија помош се прават измени со цел да се поправат грешките од минатото каде се правени одредени неправилност кон самите вработени“, рече Мојсоски.
Реновирањето на затворот трае веќе подолг период, голем дел од зградите се веќе реновирани, а во 2019 година ќе започне и изградба на нова зграда за затворениот дел каде престојуваат затворениците со најтешки кривични дела и кој важи за најлош оддел во поглед на условите.

„Ситуацијата која ја затекнав не беше најдобра, меѓутоа одиме во подобрување на условите за работа и престој со тоа што сме во завршна фаза со реновирањето, чекаме одобрение од Министерството за транспорт и врски за отварање два нови објекти полуотворено и отворено крило каде од едни лоши услови ќе дојдеме до подобри услови за работа како за управата така и за самите затвореници“, истакна Мојсоски.
Како што вели директорот на „Идризово“, негова главна цел е да се оди кон ресоцијализација на заторениците за да не бидат повратници во затворот. Според него, ресоцијализацијата во последните 6-7 години бил замрена од повеќе причини меѓу кои и преголемата бројка на затвореници.
„Мислам дека со добар начин на ресоцијализирање, што е главна цел на сите казнено поправни установи, ќе одиме до подобрување на психолошката состојба на самите затвореници“, вели Мојсоски.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Светна новогодишната елка! Отворен и Божиќниот маркет во Скопје
Во Скопје вечерва светна новогодишната елка и официјално беше отворен Божиќниот маркет, со што симболично беше означен почетокот на празничната магија во главниот град.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски, им се заблагодари на скопјани, особено на најмладите, за масовното присуство, радоста и позитивната енергија што, како што наведе, заеднички ја споделиле на настанот.
„По години сивило, Скопје повторно блесна“, порача Ѓоргиевски, додавајќи дека со оваа церемонија градот направил значаен чекор напред кон визијата да се развива рамо до рамо со современите европски градови, преку создавање настани што носат заедништво и радост за сите генерации.
Градоначалникот оцени дека оваа вечер ќе остане запишана и ќе прерасне во убава традиција, упатувајќи благодарност до сите граѓани што со своето присуство ја направиле ноќта посебна.
„Време е Скопје повторно да живее со светлина, насмевки и празнична топлина“, порача Ѓоргиевски.
Со свеченото украсување и отворањето на Божиќниот маркет, Скопје официјално влезе во празничниот период. Ѓоргиевски претходно денес најави повеќе настани во таа насока.
Во периодот од 15 до 31 декември секојдневно од 18 часот ќе има празнична програма со музички настапи, диџеј сетови уметнички изведби и бројни изненадувања. Секој викенд од 12 до 14 часот содржините се целосно посветени на најмладите со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и празнични изненадувања.
„Ова е почеток на нешто ново, магично и возбудливо за нашиот град. Првпат во историјата Скопје ќе ја дочека новата 2026 година со вистинска новогодишна зимска бајка. Настан кој ги обединува сите генерации од најмладите до највозрасните заедно се семејствата, пријателите, сограѓаните. Скопје конечно ќе покаже дека може да биде весел, модерен и динамичен град, град кој наликува на светска метропола во срцето на Балканот“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Централниот дел од новогодишната програма започнува на 27 период во кој градоначалникот Ѓорѓиевски смета дека Скопје ќе живее во полн празничен ритам. Напладне на Плоштад Македонија ќе дојде дедо Мраз со подароци и изненадувања за сите присутни.
Посебна можност во празничните денови Град Скопје ќе им даде на талентираните средношколци.
„Публиката ќе има можност да ги слушне најталентираните скопски средношколци кои ќе настапат со свои музички изведби и свои бендови. Во програмата се вклучени сите средни училишта на градот Скопје како дел од заложбата за поттикнување на младинската креативност и активно учество во културниот живот на нашиот град. Ги поканувам сите граѓани, сите семејства и посетители заедно да ја започнеме новата традиција и да бидат сите дел од новогодишната магија создавајќи Скопје исполнето со светлина, радост и позитивна енергија“, повика градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека имал само една желба околу дочекот, забавата да ја направам домашни музички ѕвезди, па за дочекот се најавени Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огњан Здравковски, Куку Леле, Лара, Пајак, Два Бона и Тина Перовска.
Зимската бајка Град Скопје ја организира со финансиска поддршка од Државната лотарија на Македонија.
Македонија
Првите подводни археолошки истражувања во Преспанското Езеро открија редок органски материјал
Преспанското Езеро годинава е во фокусот на значаен археолошки настан, откако за првпат во овој регион беа реализирани подводни археолошки истражувања, кои донесоа исклучително вредни откритија за културното наследство на Северна Македонија.
Истражувањата се спроведуваат од НУ Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“, во рамките на проектот ACT4PRESPA. Целта е идентификација, документација и заштита на археолошките богатства во и околу Преспанското Езеро.
Во првите две фази, стручен тим спроведе рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје, од границата со Република Грција до границата со Република Албанија. При тоа беа евидентирани и документирани 11 археолошки локалитети. Како најзначаен се издвојува локалитетот во близина на селото Наколец, каде што започнаа сондажни археолошки истражувања, реализирани во два циклуси.
„Ова е исклучително значаен момент за Преспа. За првпат имаме можност да навлеземе во археологијата на езерото и да откриеме слоеви од минатото кои досега беа целосно непознати“, изјави Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.
Поради повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегоа на копно, што овозможи детални сондажни истражувања. На локалитетот кај село Наколец е откриен дел заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети. Особено значајно е откривањето на предмети изработени од органски материјали – дрвени алатки, рачки, чешли и конструктивни елементи.
Станува збор за прв и засега единствен пример на зачувани органски материјали од археолошки локалитет во Македонија, датиран од крајот на XIII до крајот на XIV век. Локалитетот кај Наколец претставува и прв познат пример на благороднички имот во македонската археологија од XIV век.
„Зачувувањето на органски материјали е навистина невообичаено. Милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород која ги штити објектите од распаѓање, што ни овозможува уникатен увид во минатото“, објаснува Петров.
Првичните анализи укажуваат дека средновековните жители на Преспа претежно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, што е неочекувано со оглед на близината на езерото. Податоците, исто така, сугерираат дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.
„Исклучителните наоди од истражувањата кај село Наколец се од непроценлива важност не само за македонската, туку и за балканската и европската археологија. Тие го збогатуваат културното наследство на Преспа и претставуваат значаен потенцијал за развој на културниот туризам во регионот“, изјави д-р Мери Стојанова, координатор на проектот ACT4PRESPA од НУ Завод и музеј – Битола.
Керамичките и металните предмети се депонирани во Завод и музеј – Битола, додека органските материјали се испратени на специјализирани конзерваторски истражувања во Лајбниц-центарот за археологија во Германија. Процесот се очекува да трае најмалку една година, по што предметите ќе бидат презентирани пред јавноста.
Истражувањата се реализираат со активна поддршка од локалната заедница, која во повеќе наврати пријавувала пронајдоци и учествувала во заштитата на локалитетите.
Проектот ACT4PRESPA се спроведува во рамките на програмата на Европската Унија за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро, преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој.
Македонија
Дел од Општина Центар утре без вода поради уличен дефект
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре, 16 декември 2025 година (вторник), поради уличен дефект на булеварот „Св. Климент Охридски“, спроти Соборниот храм, ќе има прекин на водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците на потегот од крстосницата со булеварот „Партизански одреди“ до паркингот ЈАТ.
Прекинот е најавен во периодот од 08:30 часот до завршување на санацијата на дефектот, соопштуваат од претпријатието.
Засегнато подрачје е Општина Центар.

