Македонија
Мицкоски: Членството во НАТО не е волшебно стапче што ќе ја покачи платата на ветените 500 евра
Македонија критериумите за членство во НАТО ги исполни уште со Букурешкиот самит во 2008. година, напиша во објава на својот фејсбук профил, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по денешната средба на премиерот Заев со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, после која премиерот истакна дека Македонија ја очекува официјалната покана на претстојниот НАТО-самит.
Сепак, претседателот на опозициската партија смета дека билатералниот спор за името со Грција и натаму е реален проблем.
„Овој спор ние сакаме да се надмине и тука никогаш не сме се разликувале од било кој посериозен политички субјект. Но, она по што се разликуваме е начинот на кој тој се решава и цената што Македонија ја плаќа за тоа. Зоран Заев со овој договор прави неповратна штета за државата, атакувајќи врз достоинството и идентитетот на нашиот народ“, пишува Мицкоски во својата објава.
Покрај тоа, тој се осврнува и на една, како што вели, значајна заблуда која власта ја потхранува и шири, а таа е дека сето ова ќе донесе подобар живот.
„Подобриот живот е работа исклучиво на работа, труд, програма и постојаност каква владата до сега не покажа. А нема ниту да покаже бидејќи во изминатата една година докажа дека не умеат да работат и да го направат животот подобар. Не може да очекувате европски стандарди, а фирмите на власта да се оние кои редовно добиваат државни тендери, не може да очекувате дека ќе добиете датум за преговори, а државата е прогласена за најкорумпирана во Европа. Членството во овие организации е работа на мерит систем, односно се вреднува сработеното, а не она што е продадено или поклонето“, нагласува Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додава и дека членството во НАТО не е волшебното стапче што ќе ја крене просечната плата која се уште е далеку под ветените 500 евра.
„Тоа нема да направи да се крене економијата од досега најниските 0,1 осто, ниту да го реши проблемот со корупцијата и криминалот кој извира од власта. Исклучиво сето ова може да се подобри само преку работа и посветеност“.
Мицкоски истакнува дека во периодот што следи ќе бидат актуелни разно разни дебати на други теми освен оние кои се суштински важни за граѓаните, борба на економски идеи и размисли.
„Гледаме како Талат Џафери со неподнослива леснотија вели ќе го објавел договорот со Грција и договорот за двојазичност без потпис од Претседателот, што предупредувам преставува ново кривично дело, чија одговорност брзо не застарува и ќе дојде ден, доколку се случи таков чекор, одговорноста за ова и многу други работи да биде покрената“, предупреди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во својата објава на фејсбук.
Инаку, на денешната средба меѓу премиерот Заев и Столтенберг во Брисел, генералниот секретар на НАТО, изрази очекување дека лидерите на земјите членки ќе ја поканат Македонија да ги почне разговорите за членство во Алијансата, но потенцираше дека земјата ќе стане официјална членка откако ќе се завршат сите обврски за договорот за името.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

