Македонија
„Екогерила“: „Југохром“ ќе се рестартира без филтри, ни се закануваат да молчиме

Движењето „Екогерила“ тврди дека во текот на изминативе денови различни поединци им испраќале заканувачки пораки и финансиски понуди на неговите членовите со цел, како што велат, да ги замолчат и да не реагираат за „Југохром“.
Од таму велат дека за ова ја известиле полицијата и за денеска побарале средба со премиерот Зоран Заев. Исто така, од „Екогерила“ велат дека информацијата ќе ја споделат и со амбасадите и организациите кои ги поддржале во нивната мисија за почиста животна средина, како и институциите на Европската Унија во Брисел.
„Сакаме да се потсетиме дека имавме уште поголеми предизвици со претходната влада, и не се повлековме, а камоли сега. Каузата на ‘Екогерила’ никогаш не зависела од неколку поединци, туку од волјата и големата поддршка на граѓаните. Валканите игри со мафијашки тенденции не само што нема да нè спречат туку напротив, само нè мотивираат да не се откажуваме од нашата мисија. Граѓанската реакција ќе биде многу остра за секоја уцена од ‘Југохром’ или од одредени кругови во Владата“, велат од таму.
Од движењето велат дека со оглед на фактот дека во 2013 година од страна на Светската здравствена организација Тетово беше рангиран како најзагадениот град во Европа, не смее да се толерира ниту една можна манипулација и поставување на филтрите без ригорозен надзор од независни меѓународни експерти, кој ќе утврди дали проектот и системот за филтрирање ги исполнува соодветните стандарди и го спречува ослободувањето на штетните гасови.
„Без веродостојна меѓународна гаранција нема да се прифати никаква манипулација од страна на сопствениците, без разлика дали е и во соработка со вицепремиерот Анѓушев. Затоа сметаме дека е тенденциозно и опасно неговото инсистирање на реотворањето на ‘Југохром’ паралелно со воспоставувањето филтри, а не по завршувањето на нивното распоредување и како што е предвидено со законот“, велат активистите.
Од таму потсетуваат дека официјалните мерења на Министерството за животна средина покажале дека оваа фабрика предизвикува 60% од вкупното загадување во Тетово и околината. „Југохром треба да го плати скапо труењето на тетовчаните бидејќи бројот на болни деца беше двојно повисок додека работеше оваа фабрика. Во 2015 година, кога работел ‘Југохром’, овој број изнесувал 31.446 случаеви, додека во 2017 година кога не работел овој број се намалил на 18 578 случаеви. Со оваа предизвикана штета од страна на ‘Југохром’, пред да ги постави филтрите, бараме од сопствениците да платат милионски отштети и да имаат законска одговорност за загрозување на животот и здравјето на луѓето во градот Тетово и околината. Мотивирани од случајот на Битола, каде што беа поднесени обвиненија против раководните лица за огромно загадување, ние ќе бараме компензација за предизвиканите болести и смртни случаи, кривично дело, казниво со 4 до 10 години затвор“, велат од движењето.
Во исто време, велат од таму, вицепремиерот Анѓушев треба да знае дека здравјето и почитувањето на законот е повеќе вредно за граѓаните отколку цената на феролегурите на берзата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 15.00 часот, објектот на винарија Брзанов, објектите лоцирани околу винаријата, корисниците лоцирани на влезот во село Трубарево и сточниот пазар во Трубарево. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улицата Партизанска – крак 10. (општина Карпош)
Македонија
Утрото ведро и посвежо, преку денот сончево со температура до 32 степена

Утрото ведро и посвежо, преку денот сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 14, а максималната ќе достигне од 27 до 32 степена.
Во Скопје, наутро посвежо, преку денот сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Во вторник и среда ќе се задржи претежно сончево и топло време за овој период од годината. Од четврток ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Дневната температура ќе биде во опаѓање.
Македонија
ЦУК: Спасувачка акција на повредено лице при превртување на теренско возило на планинскиот пат над село Јеловце

Центарот за управување со кризи денеска попладне добил пријава за едно повредено лице при превртување на теренско возило на планинскиот пат над село Јеловце, општина Врапчиште.
Веднаш за настанот биле известени полициските станици Гостивар и Галате.
„Пријавата е добиена преку Едиствениот број за итни повици. Бидејќи теренот е тешко пристапен за возило на Итна медицинска помош, по барање на директорот на ЦУК, Мухамед Али, ДОЦ достави барање до Министерството за внатрешни работи за ангажирање на хеликоптер и специјални единици (алпинисти) за спасување на повреденото лице“, информираат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека лицето ќе биде транспортирaно до Клинички центар за укажување на понатамошна медицинска помош.