Македонија
Додека ја подготвува гилотината за Македонија, Заев ја уништува државата и од внатре, обвинува опозицијата
Зоран Заев е човекот кој ја уништува Република Македонија како на меѓународен така и на домашен план. Зоран Заев ја понижи Република Македонија и трајно ги наруши нашите меѓународни позиции. Тој прифати обезличување на сопствената држава и народ, промена на Уставот, идентитетот и јазикот, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, Владата потпиша штетен договор со Грција, во кој Република Македонија е оштетена страна. „Додека ја подготвува гилотината за Македонија, Заев ја уништува државата и од внатре. Економијата е на дно повеќе од една година. Нема никаков раст. Индустријата е најниска во регионот и во Европа. Градежништвото е во слободен пад. Граѓаните живеат полошо од пред една година“, се вели во соопштението.
Партијата оценува дека земјоделието е еден од најпогодените сектори од ураганот наречен СДСМ. Субвенциите се намалени, откупот е слаб, а откупните цени ниски. Родот наместо по пазарите, завршува на буништа. „Производителите на лубеница мака мачат со откупот. Откуп нема, иако Заев ветуваше дека кога ќе дојде на власт, откупот не само што ќе биде загарантиран туку и откупните цени ќе биле повисоки. Заев е цела година на власт, а откупот ниту е загарантиран, ниту откупните цени се повисоки. Државата тоне на секој поглед. Заев е крајно неспособен и не знае да ја води државата. Оваа неспособна и ненародна власт мора да си замине. Република Македонија заслужува подобро“, оценува опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

