Култура
Поддршка за играниот филм „Хомо“ од Косовскиот центар за кинематографија

По одобрената поддршка од Агенцијата за филм на Македонија за проектот „Хомо“, следи успех и на конкурсот на Косовскиот центар за кинематографија
Најновиот проект на „Скопје филм студио“ за долгометражен игран филм со работен наслов „Хомо“, кој ќе го режира Игор Иванов, вчера ја доби одлуката за одобрена финансиска поддршка од страна на Косовскиот центар за кинематографија. Со тоа Косово, преку продукциската куќа „Тригер„ официјално стана малцински копродуцент на проектот.
Пријавата на „Хомо“ беше меѓу позитивно оценетите на годинешниот конкурс на Агенцијата за филм на Република Македонија за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност аплицирани во првиот рок.
„Хомо“ е оригинално сценарио, сочинето од шест приказни кои се испреплетуваат. Во својата суштина се занимава со преиспитување на примарните човечки вредности и се обидува да нè соочи со степенот на дехуманизација, суровост, алчност и анималност во кои е западнато општеството кое сите ние заедно го градиме и развиваме.
Автори на сценариото се Игор Иванов и Сашо Кокаланов. Проектот е во фаза на развој, а во периодов „Скопје филм студио“ е во преговори со продуценти од регионот, кои се особено заинтересирани да се вклучат во продукцијата на овој филм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Почина актерот Теренс Стамп, познат по улогата на негативец во филмот за Супермен

Теренс Стамп, британсски актер кој имаше кариера долга шест децении во филмот, почина на 88-годишна возраст, јавува Би-Би-Си.
Стамп, кој беше номиниран за Оскар, глумеше во бројни филмови, а исто така ја играше и улогата на главниот негативец, генерал Зод, во филмовите за Супермен.
Стамп починал утрово, соопшти неговото семејство.
„Зад себе остави извонреден опус, како актер, така и како писател, кој ќе продолжи да ги допира луѓето во годините што доаѓаат,“ изјавија тие.
Култура
Од Венеција до Торонто: ‘Силјан’ на Тамара Котевска ја освојува светската сцена

Долгометражниот документарен филм на Тамара Котевска почнува да се движи по ѕвездена траекторија: по светската премиера на Венеција, својата Американска премиера ќе ја има во официјална селекција на интернационалниот фестивал во Торонто, соопшти Агенцијата за филм.
По историскиот успех на „Медена земја“ – со три награди на „Санденс“ и две номинации за Оскар – и интернационалниот успех на документарецот „Пaтување пеш“ (The Walk), македонската режисерка се враќа на голема врата.
Нејзиниот нов филм „Силјан“ (The Tale of Silyan) ја доби честа да ја има својата светска премиера на престижниот Филмски фестивал во Венеција 2025, а веднаш од таму патува на американската премиера во Торонто, на А категорија фестивал, во официјална натпреварувачка селекција.
Котевска е и режисерка и продуцентка на филмот, кој е реализиран во копродукција со американската компанија Concordia и британската The Cornershop, како и со продуцентите Жан Дакар и Јорданчо Петковски, со кого Котевска го сними својот прв долгометражен филм „Човек против јато“.
Со ова, како што додава Агенцијата, македонската кинематографија уште еднаш гордо чекори на светската филмска мапа.
Култура
Младите музички таленти блеснаа под сводовите на „Света Софија“

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер во црквата „Света Софија“ одржа завршниот концерт од Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика што се одржува под уметничко раководство на македонскиот виолинист Емилио Перцан и азербејџанската пијанистка Тамила Гулиева.
Виртуозното мајсторство над виолината, уметникот и професор Емилио Перцан, во текот на изминатите денови во Охрид несебично го пренесуваше на младите генерации уметници кои допрва треба да ја градат својата музичка кариера.
-Тоа е и целта на семинарот, затоа и го правиме во изминатите 13 години во Охрид и претходно три години во Хрватска. Секогаш е задоволство што крајниот концерт е овде, во црквата „Света Софија“. Годинава имаме учесници од Македонија, Србија, Словенија, првпат од Австралија, од Перу… кои се на возраст од 13 до 25 години, вели Перцан.
Семинарот постои од 2009 година. Првите три години се одржува на Истра, Р. Хрватска, а од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Северна Македонија и на градот Охрид, продолжува да се одржува во Охрид.
Досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од многу земји во светот. На нив, исто така, редовно учествуваат педагози и изведувачи, и професионални музичари кои доаѓаат на усовршување. По завршувањето на ваквата летна музичка школа, традиционално, се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници во рамките на фестивалот „Охридско лето“.