Македонија
Селмани: Да се изедначи судската пракса за тужбите за клевета против онлајн медиумите

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, вчера се сретна со претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. На средбата беше разговарано за изедначување на судската пракса од Врховниот суд за тужбите за клевета и навреда против онлајн медиумите.
Селмани побара Врховниот суд во најскоро време да ја разгледа иницијативата на Здружението, со која се бара Апелациониот суд во Скопје да ги процесуира тужбите за клевета против онлајн медиуми согласно праксата на судот во Битола.
Селмани оцени дека не е работа на судовите да го толкуваат Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, туку треба стриктно да го применуваат.
Тој рече дека обидот на Апелациониот суд да лиценцира медиуми ја ограничува слободата на говорот и е спротивно на праксата на Европскиот суд за човекови права и слободи.
Според него, создавањето на лажна слика во јавноста дека наводно постои колизија во законите во врска со постапувањето за тужби за клевета против онлајн медиумите треба да послужи како алиби на одредени политички кругови, кои инсистираат на построга законска регулација на интернетот.
Вангеловски информираше дека барањето на ЗНМ е проследено до Граѓанскиот оддел при Врховниот суд, кој следната недела се очекува да се состане и да заземе став по тоа прашање.
Селмани и Вангеловски разговараа и за други актуелни прашања поврзани со усогласувањето на праксата на македонските судови со праксата на ЕСЧП во случаи против новинари и медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Засилени контроли на пловните објекти во Охридското Езеро, откриени 22 прекршоци

Во текот на вчерашниот ден во заедничка контрола на инспектори од Капетанија на Пристаништа Охрид, Езерската полиција како и од Полициска станица Охрид, направени се зајакнати мерки и активности согласно Законот за Внатрешна пловидба во период од 14 до 20 часот, соопшти Министерството за транспорт.
Од таму додаваат дека се контролирани 13 пловни објекти и 13 физички лица и се констатирани 22 прекршоци според Законот за Внатрешна пловидба.
Алкотестирани се вкупно 16 лица од кои кај 7 лица било утврдено присуство на алкохол, од кои кај двајца е утврдено 1,17 и 1,07 промили алкохол во крвта.
За констатираните прекршоци изготвен и поднесен е соодветен службен материјал.
Министерството информира дека Капетанија на Пристаништа Охрид во соработка со Езерската полиција и во наредниот период ќе ги засили инспекциските контроли и затоа апелира навремено да се извршува регистрација на пловините објекти и строго да се почитуваат правилата и прописите за безбедна пловидба.
Македонија
Филков: Градиме институции што работат за граѓаните, а не за привилигираните

По една година од формирањето на Владата, Министерството за правда презентира јасни резултати од процесот на рестартирање на правосудниот систем. Од нефункционална институција со затекнати долгови, блокирани механизми и изгубена доверба, Министерството денес се позиционира како столб на реформите и гарант на владеењето на правото, изјави министерот за правда, Игор Филков.
Додаде дека изминатите 12 месеци, подготвени се и доставени до Владата 22 системски закони, од кои 13 се директно предвидени со Реформската агенда. Станува збор за закони што го засегаат правосудниот систем – изборот, оценувањето, платите, статусот и одговорноста на судиите и обвинителите, како и институционалните капацитети на Советите, вештачењето и службите во правосудството.
Според Филков, клучен меѓу овие е новиот предлог Закон за Судскиот совет, кој претставува коренита промена во начинот на кој се избираат и разрешуваат судиите, како и во одговорноста на самите членови на Советот.
„Од осумте закони во Реформската агенда со рок до јуни 2025, седум се веќе испратени во владина процедура : Закон за платите на судиите, Закон за платите на јавните обвинители, Закон за платите на членовите на Судски совет, Закон за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, Закон за Судскиот совет, Законот за судска служба, Законот за јавнообвинителска служба. Во однос на 8-от закон од реформската агенда, Изборниот законик , текстот е подготвен од страна на стручните служби во Министерството за правда, во согласност со препораките на ОДИХР. Предлогот е испратeн на мислење до ОДИХР. Воспоставена беше комуникација и беше одржан состанок со претставниците на ОДИХР, за обезбедување на експертска помош за целосно усогласување на одредбите со препораките на ОДИХР”, изјави Филков.
Покрај реформските закони, додаде тој, Министерството за правда подготви и два важни закони кои не беа дел од Агендата, но произлегуваат од обврските кон ЕУ и препораките на ГРЕКО – Законот за заштита на укажувачи и Законот за спречување на корупција и судир на интереси.
„Затекнавме министерство без стратегија, без систем и без волја. Денес, правдата зборува гласно, со системски алатки, закони и професионални тела. Градиме институции што работат за граѓаните, а не за привилегираните. И ова е само почеток“, порача Филков.
Министерството за правда најавува продолжување на реформската агенда со еднакво темпо, политичка волја и стручна посветеност.
Македонија
Kaндидатот за градоначалник на Цирих потекнува од Куманово

Прпарим Авдили, чијашто фамилија потекнува од Кумановско, е номиниран за кандидат за градоначалник на Цирих од страна на Либералната партија (ФДП). Веста ја објави самиот преку Фејсбук, каде што спомена дека е дете на имигранти кои се доселиле во Цирих.
„Пораснав во Цирих, дете на имигрантско семејство. Одев на училиште во Алтштетен и Албисриден и сè уште редовно играм фудбал со моите пријатели во соседството. Го сакам тоа што го правам и го сакам овој град. И имам длабоки корени тука,“ напиша Авдили.
Тој изрази благодарност до одборот на ФДП за довербата и истакна дека сака да го види Цирих како вистинска европска метропола.
„Сакам Цирих понатаму да се развива. Цирих да напредува. Цирих конечно да се перципира како метропола“, наведе Авдили.
Авдили е финансиски директор на непрофитната организација libs во Северен Цирих, каде што раководи со обука на 1.500 практиканти во техничките индустрии.