Економија
Издадени нови ковани пари за колекционерски цели
Народната банка на Република Македонија издаде нови ковани пари за колекционерски цели „Рак“, „Лав“ и „Девица“ од серијата „Хороскопски знаци“. Цената на овие ковани пари за колекционерски цели изнесува 2 800 денари.
Кованите пари за колекционерски цели издадени од НБРМ се законско средство за плаќање во Република Македонија.
Кованите пари ги имаат следниве карактеристики:
„РАК“
На аверсот, во централниот дел на монетата се прикажани четири атласа коишто го држат небото и круг со симболите на сите хороскопски знаци. На вметнато кобалтно стакленце е претставена слика на северното небо со ѕвездата Северница во центарот, опкружена со соѕвездието Рак. Во долниот дел е претставен цртеж на Сончевиот Систем. На основата е прикажан дел од небесната карта. Во долниот дел од аверсот се прикажани грбот на Република Македонија и годината на издавање на монетата – „2018“. Исто така, прикажани се и натписите на македонски јазик: „Република Македонија“ и „100 денари“.
На реверсот, во горниот дел од монетата е претставена слика на рак од ѕвездениот атлас Firmamentum Sobiescianum создаден од Јоханес Хевелиј на крајот на 17 век. Сликата на хороскопскиот знак рак и неговото соѕвездие преминува и на вметнатото кобалтно стакленце. Во горниот дел од монетата е претставен симболот на хороскопскиот знак рак. Во долниот дел е претставена златна слика на рак, врз цртеж на кој е претставен Сончевиот Систем. На десната страна е прикажано латинското име на хороскопскиот знак – CANCER, а на левата страна, ознаката Ag925.
„ЛАВ“
На аверсот, во централниот дел на монетата се прикажани четири атласа коишто го држат небото и круг со симболите на сите хороскопски знаци. На вметнато кобалтно стакленце е претставена слика на северното небо со ѕвездата Северница во центарот, опкружена со соѕвездието Лав. Во долниот дел е претставен цртеж на Сончевиот Систем. На основата е прикажан дел од небесната карта. Во долниот дел од аверсот се прикажани грбот на Република Македонија и годината на издавање на монетата – „2018“. Исто така, прикажани се и натписите на македонски јазик: „Република Македонија“ и „100 денари“.

На реверсот, во горниот дел од монетата е претставена слика на лав од ѕвездениот атлас Firmamentum Sobiescianum, создаден од Јоханес Хевелиј на крајот на 17 век. Сликата на хороскопскиот знак лав и неговото соѕвездие преминува и на вметнатото кобалтно стакленце. Во горниот дел од монетата е претставен симболот на хороскопскиот знак лав. Во долниот дел е претставена златна слика на лав, врз цртеж на кој е претставен Сончевиот Систем. На левата страна е прикажано латинското име на хороскопскиот знак – LEO, а на десната страна, ознаката Ag925. Овие ковани пари се изработени од сребро Ag925, со тежина на среброто од 23,30 г, чистота на среброто од 19,43 г, во квадратна форма со димензии 37 х 37 мм, полирани со позлата и вметнато кобалтно стакленце со димензии 18,4 х 6,1 мм.
„ДЕВИЦА“
На аверсот, во централниот дел на монетата се прикажани четири атласа коишто го држат небото и круг со симболите на сите хороскопски знаци. На вметнато кобалтно стакленце е претставена слика на северното небо со ѕвездата Северница во центарот, опкружена со соѕвездието Девица. Во долниот дел е претставен цртеж на Сончевиот Систем. На основата е прикажан дел од небесната карта. Во долниот дел од аверсот се прикажани грбот на Република Македонија и годината на издавање на монетата – „2018“. Исто така, прикажани се и натписите на македонски јазик: „Република Македонија“ и „100 денари“.

На реверсот, во горниот дел од монетата е претставена слика на девица од ѕвездениот атлас Firmamentum Sobiescianum создаден од Јоханес Хевелиј на крајот на 17 век. Сликата на хороскопскиот знак девица и неговото соѕвездие преминува и на вметнатото кобалтно стакленце. Во горниот дел од монетата е претставен симболот на хороскопскиот знак девица. Во долниот дел е претставена златна слика на жена, врз цртеж на кој е претставен Сончевиот Систем. На левата страна е прикажано латинското име на хороскопскиот знак – VIRGO, а на десната страна, ознаката Ag925.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

