Македонија
Богдановски: Итни реформи на градскиот инспекторат за поголема ефиксност
Итни реформи на градскиот инспекторат за поголема ефикасност, негова транспарентност и достапност до граѓаните за тој да биде вистинска алатка преку која граѓаните ќе можат да ги остварат своите права – се дел од предизвиците што пред себе си ги поставува новиот раководител на Секторот Инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски.
На оваа позиција Богдановски доаѓа од Агенцијата за просторно планирање, каде што работел 10 години, а една година бил и директор на Државниот инспекторат за животна средина. Богдановски е магистер по економски науки и долгогодишен активист за заштита на животната средина, активно вклучен во неколку здруженија и иницијативи со искрена желба и амбиција да придонесува за одржлив развој и почиста и поздрава околина.
„Продолжуваме каде што застанавме. Овој мој ангажман во Град Скопје е вистински предизвик, зашто во градот има многу проблеми за решавање. Очигледно е дека ни претстои многу работа, а јас имам желба, верба и поттик за да се подобрат работите и Скопје да биде еден од најеколошките градови во Европа. Искуството што го имам стекнато во Агенцијата за просторно планирање, во Државниот инспекторат за животна средина и како активист за заштита на човековата околина, секако дека ќе го пренесам на оваа нова функција во интерес на нашето Скопје, за што очекувам поддршка и успешна соработка со другите служби во Град Скопје. Најнапред би споменал и тоа дека е потребно да се направи извесна реформа на Инспекторатот, ќе треба да се зголеми бројот на инспектори, а има потреба да се формира и еколошка или комунална полиција со зголемени надлежности. За да се отстранат пречките во работењето со кои се соочува овој Инспекторат, веќе поднесовме иницијативи за промена на одредени закони од областа на патниот сообраќај и од комуналната сфера“, вели Богдановски.
Тој додава дека Инспекторатот во изминатиов период спроведе и конкретни акции за расчистување на јавните површини.
„Во текот на изминативе денови спроведовме акции за расчистување на јавните површини од препродавачите на сезонско овошје и зеленчук. Долгогодишниот проблем, на пример, што постоеше со препродавачите на улицата Брадфордска го решивме, а ги расчистуваме јавните површини и на Бит-пазар и на булеварот Трета македонска бригада. Ваквите акции ќе бидат се почести за да се воведе ред на јавните површини. Во таа смисла и во интерес на граѓаните и на заштитата на околината, во наредниот период ќе се посветиме на делот кај Зелениот пазар, како и на булеварот Никола Карев (Пластичарската улица). Нелегалните препродавачи деновиве постојано ги опоменуваме за да ги отстранат производите од јавните површини, но потоа, доколку тоа не донесе резултат, тогаш ќе преземеме законски мерки. За успешно и ефикасно извршување на работата на инспекторите и на комуналните редари, кои работат во смени, ќе се организира и нивна соодветна едукација“, нагласува Богдановски.
За да се реши долгогодишниот проблем со препродавачите на сезонска стока на јавните површини градскиот Инспекторат во соработка со Секторот за планирање и уредување на просторот, бараат решение со кое на продавачите ќе им се овозможи легално да ја продаваат својата сезонска стока.
„При извршувањето на нашите задачи и обврски планираме да воведеме и современи смарт алатки, како што се дроновите, кои на инспекторите ќе им помогнат да имаат подобар увид врз ситуацијата на теренот. Исто така сакам да нагласам дека го зголемивме и буџетот на Инспекторатот во врска со индикативните мерења кои ќе бидат корисна алатка за инспекторите при проверката на потенцијалните загадувачи. Сакам, исто така, да нагласам дека веќе е воспоставена координација и со МВР за побрза полициска асистенција или интервенција, се разбира, во случај на потреба, кога интервенираат нашите градски инспектори“, вели Богдановски.
Тој додава дека работата на јавните градски претпријатија во наредниот период ќе биде ставена под зголемена контрола од Град Скопје, и дека ќе се проверува нивното доследно извршување на задачите и надлежностите што ги имаат. Комуналните редари, пак, ќе добијат соодветна работна опрема со амблем на Град Скопје со што ќе бидат препознатливи, а се верува дека така ќе им се олесни и извршувањето на нивните задачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Власта да покаже конструктивност заради работниците, да го поддржи Законот за 600 евра плата
Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека цените растат, синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, власта продолжува да се луксузира со авион, мебел, нови возила, кабинети и удобност за функционерите, велат од СДСМ.
„Ова е срамно и безобразно. Работниците се приморани да протестираат на улиците за поголеми плати, за достоинствен живот. Бараат минимална плата од 600 евра за да можат да ги прехранат своите семејства и да платат сметки. Законот на СДСМ за 600 евра минимална плата е на дневен ред во Собранието. Еве шанса власта да биде конструктивна, заради работниците. Дадовме предлог со конкретно решение, поддржете го. Пари има. Со ребаланс на буџетот, наместо авион, наместо мебел, нови коли, луксузни кабинети, патувања, репрезентации, тендери може да се пренаменат за 600 евра минимална плата. Доста е луксуз на власта, време е парите да се насочат кон работниците“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски и Мицкоски на увид во градежните активности на булеварот „Македонија“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски синоќа извршија теренски увид во градежните работи на булеварот „Македонија“ со кој главниот град ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница.
Ѓорѓиевски вели дека работата се одвива со засилена динамика, десетици камиони и градежни машини се на терен, дури и во вечерните часови, кога сообраќајот е намален и не се создаваат дополнителни гужви.
„Иако третата фаза, подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази. Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен. Во рамки на оваа етапа се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот на булеварот „Борис Трајковски“, од каде продолжува кон следната фаза. Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“, на потегот од ПС Пролет до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три во форма на солза, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот. На потегот од улицата „Пролет“ кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот „Борис Трајковски“, се воведува еднонасочен режим на сообраќај, додека на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори“, објави градоначалникот на Скопје.
Во наредните фази, додава тој, е предвидена изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ (Железничка), како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.
„Паралелно со коловозната инфраструктура, се изведува и атмосферска канализација со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници – значаен чекор кон поотпорна, одржлива и функционална урбана инфраструктура. Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на метежот, побрзо и поефикасно движење низ централното градско подрачје и создавање на побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.
Македонија
Прочка – празник на искреното меѓусебно простување кај православните верници
Денеска православните верници го слават празникот Прочка.
Овој ден е голем празник за христијаните бидејќи ја претставува искрената волја за срдечно простување меѓу луѓето. Со празникот се поврзани и голем број на обичаи и верувања.
Прочка е ден на меѓусебно простување помеѓу верниците, пред почетокот на Велигденскиот пост. Датумот на празникот се менува во зависност од датумот на Велигден и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден.
Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, која го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
Според традицијата, прошка бара помладиот од постариот со зборовите „Прости ми“, а постариот одговара „Простено да ти е од мене и од Бога“.
Со Прочка завршуваат зимските и почнуваат пролетните празници.

