Македонија
Инспектор од Струга им помагал на осуденици да продаваат дрога и оружје

Министерството за внатрешни работи објави детали за денешната акција во Струга и околината. Од таму информираат дека се уапсени седум лица за недозволена продажба на дрога и оружје. Станува збор за лица кои веќе се осудени и веќе издржувале казна затвор или се бараат со потерница, а нив им помагал инспектор од полициската станица во Струга.
Од полицијата информираат дека извршени се претреси во Струга и околината на Струга и тоа на повеќе локации, меѓу кои и во просториите на Казнено поправниот дом во Струга.
При претресите во четири објекти во село Велешта кај лицата А.Р., К.М., И.Р и Г. Р. пронајдени се четири пиштоли со рамки соодветни за истите, сите исполнети со куршуми.
Претрес е извршен и во домовите на Д.Б. во село Ливада, Б.Х. во село Радолишта, како и во стан во центарот на Струга каде престојува лицето К.М., при што кај дел од горенаведените лица се пронајдени парични средства од околу шест илјади евра како и други материјални докази за сторени кривични дела.
Извршен е претрес и во службените простории во Казнено поправниот дом од отворен вид во Струга, како и во просториите каде лицата А.Р. и К.М. издржуваат казна затвор, при што е пронајдена и одземена документација.
МВР информира дека се уапсени шест лица и тоа: М.К., Р.И., Г.Р., Б.Х., Д.Б. и А.Р, а лицето А.Р. е во бегство. Дополнително уапсен е и Р.К. кој се бара по распишана потерница за издржување казна затвор од 13 години за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Во истрагата е утврдено дека на криминалната група ѝ помагал и инспектор во полициската станица Струга и против него ќе бидат преземени соодветни мерки.
Од МВР велат дека ќе продолжи со активностите за обезбедување материјални докази за други лица поради постоење на основи за сомнение дека се сторители на кривични дела, злоупотреба на службена положба и по целосно документирање на случајот ќе биде известено надлежното јавно обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Судот го забрани штрајкот на контролорите на летање

Судот го забрани штрајкот на контролорите на летање, соопшти М-НАВ АД Скопје.
„Основниот граѓански суд Скопје на 16.10.2025 година донесе решение со кое се усвојува предлогот на М-НАВ АД Скопје за изрекување на привремена мерка – забрана на најавениот штрајк од страна на Струковиот синдикат на контролори на летање ССКЛ-подружница на Независниот синдикат на работниците од сообраќајот и врските на РСМ Скопје“, се наведува во соопштението.
Според М-НАВ АД Скопје, со оваа одлука, Судот утврди дека најавениот штрајк е спротивен на законските одредби бидејќи не била спроведена постапката за мирно решавање на колективните споровои, како и дека штрајкот не произлегува од конкретни барања од работен однос.
„М-НАВ АД Скопје го поздравува решението на Судот и ја нагласува својата определба за почитување на законитоста, континуирано обезбедување на безбедност и непречено функционирање на воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.
Синдикатот претходно најави дека македонскиот воздушен простор ќе биде целосно затворен за сообраќај на 20 и 24 октомври. Според нив, состојбата во претпријатието задолжено за безбедноста во авиосообраќајот е загрижувачка, а неопходните кадровски решенија се одложуваат и блокираат. Тие, исто така, обвинуваат и за партиски вработувања.
Македонија
Османи: Две нови современи градинки во Чаир со голем капацитет за сите деца да посетуваат претшколско образование

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција претстави проекти за изградба на нови современи градинки.
„Чаир има недостиг од градинки, недоволни капацитети и услови што не одговараат ниту на основните потреби на децата во најкритичниот период од нивниот развој. Имаме градинки каде што три деца делат еден кревет, каде условите во кујните и тоалетите се мизерни, а родителите сами купуваат материјали за своите деца. Тоа мора да се промени“, изјави Османи.
Тој најави изградба на две нови големи градинки со современи стандарди, подготвени од светски познатиот архитект Мишел Ројкинд.
Градинка „Снежана“ е проект кој е мултифункционален и се протега на 40.000 м² на улицата Џон Кенеди.
„На еден простор ќе имаме три функции: паркинг, градинка и училиште со игралиште. Чаир е мала општина и секој метар мора да се искористи паметно и во служба на граѓаните“, истакна Османи. Тој појасни дека подземниот паркинг на две нивоа ќе биде со капацитет од 1.000 паркинг-места.
Градинка „Росица“, пак, е исто така проектирана како современ објект со три нивоа подземен паркинг и голем капацитет.
„Градинка, „Росица“, ќе се гради на површина од 20.000 м² и ќе вклучува: современа градинка со нови услови за престој, исхрана и игра, подземен паркинг на три нивоа со над 520 паркинг-места, како и со простор за игра над објектот, со цел рационално користење на секој квадратен метар во Чаир“, истакна Османи.
Со овие два проекти, ќе го решиме хроничниот проблем со капацитетите на градинките во Чаир и ќе создадеме современи и безбедни простори за нашите деца, додаде Османи.
Тој потсети дека веќе има лично искуство во реализација на вакви проекти, бидејќи токму тој ја обезбеди изградбата и финансирањето на најголемата градинка во Чаир „Бамби“, како министер и член на Владата.
„Јас го започнав овој процес пред години, а сега го продолжувам со визија за секое дете во Чаир да има свое место во градинка“, порача Османи.
Македонија
Поради сериозен дефект, МРТВ не емитува три дневника: се проверува дали е намерен упад во системот

Македонската радио-телевизија информира дека поради сериозен технички проблем, вчера не беше во можност да ги емитува телевизиските дневници во 17, во 19 и во 22.30 часот.
Од таму велат дека се врши проверка дали станува збор за намерен упад во мрежниот систем поради постојните сомнежи за пробивање на заштитниот механизам од надворешни напади и влијанија.
Од МРТВ наведуваат дека во расветлувањето на случајот ќе бидат вклучени сите надлежни државни институции.
„Јавниот сервис им се извинува на граѓаните за неможноста да ги следат централните информативни изданија на нашата програма. Македонската радио-телевизија ќе продолжи да известува навремено и објективно, во интерес на јавноста“, се наведува во соопштението.