Македонија
Заев на самитот ЕУ-Западен Балкан во Лондон
																								
												
												
											Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и владина делегација, денеска и утре, учествуваат на самитот ЕУ-Западен Балкан (берлински процес), што овој пат се одржува во Лондон.
Централните настани на ова издание на самитот ЕУ-Западен Балкан започнуваат утре со приемот на премиерката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Тереза Меј, за шефовите на делегациите на земјите членки на берлинскиот процес и на земјите членки на ЕУ присутни на самитот, како и за претставниците на Европската комисија.
Премиерот Заев во текот на првиот работен ден ќе присуствува и на работниот ручек за шефовите на делегациите и на директорите на Европската инвестициона банка, на Европската банка за обнова и развој, на претставниците на Регионалниот совет за соработка на земјите од Западен Балкан, како и на претставниците на Регионалната канцеларија за соработка меѓу младите.
Темата на работната сесија на ручекот, под раковдство на премиерката Тереза Меј, е економијата и регионалната соработка, со воведно излагање на еврокомесарот за соседска политика и за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.
Заев е поканет да се обрати на панелот на тема „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, со кој ќе претседава британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон.
Премиерот Заев ќе учествува и во работата на пленарната сесија водена од британската премиерка Тереза Меј на која ќе бидат презентирани плановите за самитот во Варшава во 2019 година. На оваа пленарна сесија пред присутните ќе се обратат полскиот премиер Матеуш Моравјецки, како и канцеларката на СР Германија, Ангела Меркел, и еврокомесарот Јоханес Хан, кои ќе говорат на темата „Иднината на берлинскиот процес“.
За време на самитот планирана е и средба со високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
Официјалната програма на самитот завршува со прием за сите делегации во палатата „Сент Џејмс“, кој ќе го приреди принцот Чарлс.
На маргините на самитот премиерот Заев ќе оствари средба со директорот на Службата за национална безбедност, Роберт Чатертон Диксон, како и со членови на охридската група, во чија организација е и работниот појадок со 16 политичари, воени претставници и новинари од Обединетото Кралство.
Заев од Лондон со специјален лет заминува за Брисел, каде што ќе учествува на самитот на шефови на држави и влади на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Во Битола по 67 пат одржана традиционалната Ноќна атлетска трка
														Во рамките на одбележувањето на 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола, на Широк Сокак се одржа традиционалната Ноќна атлетска трка, во организација на Сојузот на спортови на Битола, со поддршка на Општина Битола.
Оваа манифестација, која се одржува по 67-ми пат е најстарата спортска манифестација во Битола. Годинава учествуаа над 700 учесници, основци, средношколци, студенти, граѓани и ветерани. Натпреварите се одвиваа во 24 категории, во машка и женска конкуренција.
Дел од наградите на најдобрите натпреварувачи им додели градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека манифестацијата претставува симбол на спортскиот дух и заедништвото на битолчани.
„Горд сум што во очи денот на ослободувањето на Битола можеме да ја прославиме спортската традиција на нашиот град. Ноќната трка е симбол на упорност, младост и љубов кон Битола. На сите учесници им честитам на храброста и ентузијазмот, а на победниците им посакувам уште многу успеси,“ рече Коњановски.
Македонија
Димитриевски на првиот работен ден во новиот мандат: Најавувам над 30 инфраструктурни проекти во наредниот период
														Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, на првиот работен ден од неговиот трет мандат изврши увид на повеќе теренски активности при што најави над 30 инфораструктурни проекти во периодот што следи.
„Почитувани сограѓани, прв работен ден по изборот, овде сме во населба Зелен рид, на улица Васко Карангелески. Улица којашто носи име на еден наш великан, вистински патриот. Сакам од овде да најавам дека во следниот период започнува реализација на повеќе од 30 инфраструктурни проекти во различни делови на градот, со акцент на централното градско подрачје, големите урбани населби и урбано-руралниот дел во градот.
Продолжуваме заедно, ви благодарам на довербата. Куманово заслужува континуитет, вчера тоа го доби, го потврди. А моја обврска е да продолжиме заедно да го градиме Куманово”, истакна Димитриевски .
Македонија
(Видео) ДИК ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори
														Државната изборна комисија попладнево ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори.
Гласањето како што информираше претседателот на ДИК, Борис Кондарко, било спроведено во 32 општини и во градот Скопје, со вкупно 1.013.357 избирачи.
„Бројот на избирачки места беше 1.777, сите избирачки места се обработени со оригинални записници, вкупниот број на избирачи кои гласале е 424.923 лица, вкупниот процент на избирачи кои гласале е 41,93 отсто“.
Вкупниот број на важечки гласачки ливчиња, како што кажа Кондарко е 404.464 гласачки ливчиња а 23.930 се неважечки.
Во десетте скопски општини гласале вкупно 474.304 избирачи, а на територијата на градот 167.575. Од нив, како што посочи претседателот на ДИК, 157.047 гласачки ливчиња биле важечки, а 10.528 неважечки.
За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, гласале 95.572 лица или 57,03 отсто, додека за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, гласале 61.475 или 36,69 отсто од гласачите.
Кондарко посочи дека од денеска од 16:30 часот течат роковите за евентуални приговори на првичните официјални резултати. Приговорите може да се поднесат директно до ДИК во рок од 48 часа, поднесување на приговори по електронска пошта не е дозволено.
Ако до среда до истекот на рокот, не бидат поднесени приговори, за местата каде нема приговори ДИК ќе ги објави конечните резултати во четврток. Доколку има приговори, Комисијата има рок од 72 часа за одлучување, а потоа следи 24-часовен рок за поднесување тужби до Управниот суд. Управниот суд има рок од 48 часа за одлучување, што значи дека конечните резултати ќе бидат објавени најдоцна до понеделник или вторник.

