Македонија
Командант Валтери: Правдата за смртта на Саздовски бараме да се води до крај
Основачот и претседател на Здружението на ветераните од војната на ОНА, Дајим Хисени, испрати писмо со сочувство со семејството на Никола Саздовски, кој почина вчера кога претходно брутално беше претепан од три лица. Свесни сме дека вашиот син не можеме да го вратиме меѓу своите родители и пријатели, но правдата за неговата смрт бараме да се води до крај, порачува тој.
Хисени, познат како Командант Валтери, вели дека животот е ист за секого, а детето е нешто најсвето во семејството. „По повод одземениот живот на вашиот син Никола Саздовски, дозволете денеска да ја споделам претрпената болка заедно со вас. Посрамен сум од криминалното злосторство извршено од страна на хулигани што припаѓаат на мојот етникум“, додава Хисени.
Според него, погрешната политика во државата со сеење национална и верска омраза е една од главните причини чии последици ни ги скршат срцата со губење животи меѓу младата популација. „Нека мирната душа на Саздо биде јасна порака до сите нас како во иднина треба да дејствуваме во семејството, како да ги воспитуваме нашите деца и како треба да се лекува и негува нашето болно општество“, вели Хисени.

Никола Саздовски почина вчера во болница. Тој на 29 минатиот месец околу 17.30 часот беше нападнат во Автокоманда од три лица што излегле од автомобил „мерцедес“. По нападот, лицата избегале, а тој во неконтактибилна состојба бил пренесен на клиника во Скопје. Оттогаш беше во кома. Надлежен јавен обвинител донесе наредба за вршење обдукција за да се утврди од што точно починал.
Полицијата на 2 јули поднесе кривична пријава против Б.Б. (20), С.Д. (21) и Ј.Љ. (19) за кривично дело насилство. Саздовски беше дел од навивачката група „Комити“.
Саздовски ќе биде погребан денеска на гробиштата во селото Ракотинци со почеток од 13 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Гласањето се одвива без проблеми
Гласањето на болните и немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните локални избори, се уште е во тек, информира Државната изборна комисија.
„Според податоците пристигнати до Државната изборна комисија до 15:30 часот, од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено поправните установи, гласале 44 лица. Од вкупно пријавени 249 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, до 15:30 часот, правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. 2 лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово и Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека „досега гласањето се одвива без проблеми и на секој гласач му е овозможено непречено да го оствари своето право на глас“.
Македонија
УХМР: Водостоите остануваат високи, вечерва се очекува заладување и снег
Според податоците од хидролошките станици се уште е висок водостојот на река Сатеска, како и на река Коселска кој почнува да бележи благо намалување, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
„Во благо намалување е и водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот но се уште е прилично висок. Останува висок и водостојот на река Треска и на река Кичевска каде сеуште со внимание треба да се следи состојбата. Исто така, во Охридско-Преспанскиот регион сеуште е висока влажноста на земјата и високи се подемните води така што можно е и понатаму да се појавуваат заезерени површини во Струшкото Поле. Водостојот на река Црна во долниот дел од сливот е во намалување но останува можноста за појава на заезерени површини во Пелагониската Котлина“, велат од УХМР.
Оттаму додаваат дека „за време на вечерните часови и ноќта се очекува заладување на времето и врнежите насекаде да бидат во вид на снег. До тогаш остануваат високи водостоите во посочените региони и останува можноста за појавување на заезерени површини во котлините и низините. Предупредуваме на претпазливо движење покрај реките и суводолиците до крајот на денот“.
Македонија
ЈСП Скопје: Ниските температури и снегот може да предизвикаат изменето сообраќање на автобусите
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги информира корисниците на јавниот превоз во Градот Скопје дека, поради ниските минусни температури и најавените временски услови со можни врнежи од снег во главниот град и околината, во наредниот период можно е привремено прилагодување на сообраќањето на одредени автобуски линии.
„Имајќи предвид дека ефектот на средствата за одржување на патиштата е ограничен при екстремно ниски температури, на одделни делници може да се појават отежнати услови за сообраќај. Од тие причини, дел од линиите ќе сообраќаат до локации кои во моментот се проценети како безбедни и проодни за возилата на ЈСП Скопје, согласно проценките на надлежните служби. Напоменуваме дека безбедноста на патниците и вработените е приоритет, па доколку условите не дозволуваат сигурно одвивање на сообраќајот, ќе се преземаат соодветни мерки и јавноста ќе биде навремено информирана за сите промени. Во услови на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива согласно редуцираниот делничен зимен возен ред, кој важи до крајот на зимскиот училиштен распуст“, информираат од ЈСП Скопје.
Од претпријатието додаваат дека „екипите на ЈСП Скопје, заедно со надлежните служби на Градот Скопје и локалните самоуправи, континуирано се ангажирани на терен со соодветна механизација, со цел навремено реагирање и создавање услови за безбедно и непречено функционирање на јавниот превоз“.

