Македонија
Грант од 4,6 милиони евра од Швајцарија за комуналната инфраструктура во Гостивар
Грант од 4,6 милиони евра неповратни средства од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (СЕКО) за подобрување на водоводната и канализациската инфраструктура во Гостивар. Денес, во Министерството за финансии беше потпишан договор со кој овој грант ѝ се става на располагање на Општината. Договорот го потпишаа министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Исак Лазами, и претставник од банката КфВ, која е администратор на грант-средствата, Рене Ескеман.
Вкупната сума што ќе се инвестира во подобрување на комуналната инфраструктура во Гостивар е 7,2 милиони евра. Овие средства ќе бидат наменети за набавка на опрема за откривање протекување вода и со тоа намалување на загубите на вода, предвидени се средства за нови резервоари, за нови цевководи и подобрување на мрежата.
Покрај грантот од Швајцарија, Гостивар за реализација на овој проект ќе добие и 250 илјади евра грант од КфВ, како и заем од Владата во износ од 1,7 милион евра. Исто така, Општината ќе учествува со сопствени средства во проектот со износ од 682 илјади евра.
Набргу грант-средства за комунални проекти од КфВ ќе се доделат и за општините Радовиш и Кавадарци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

