Македонија
Град Скопје: Кабастиот отпад оставете го бесплатно во центрите во Карпош, Вардариште и во Шуто Оризари

Граѓаните својот кабаст отпад со сопствен превоз може бесплатно да го одложат во центрите за селекција на отпадот во Карпош и во Вардариште, како и во претоварната станица во Шуто Оризари.
За оваа услуга и за активностите за подобрување на јавната хигиена на денешната прес-конференција зборуваа директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани, и раководителот на секторот Инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски.
„Сакаме да ги потсетиме граѓаните и правните субјекти дека Законот за јавната чистота на Република Македонија забранува кабастиот отпад и градежниот шут да се одлагаат во садовите за отпад, како и на јавните површини. За секое прекршување на овој закон предвидени се санкции што ги спроведуваат инспекциските служби на Град Скопје и на општините. Затоа, апелираме граѓаните да ги почитуваат термините за одлагање на отпадот и комуналниот отпад да го фрлаат само во садовите за таа намена. Својот кабаст отпад – застарен мебел, електронски и електричен отпад – со сопствен превоз може да го одложат во центрите за селекција на отпадот во Карпош и Вардариште или во претоварната станица што се наоѓа во Шуто Оризари, каде што ЈП „Комунална хигиена“ им нуди можност да го одложат без никаков паричен надомест. Центрите за селекција работат од 7 до 19 часот“, рече Шабани.
Доколку граѓаните имаат потреба одлагањето да се изврши со специјалните возила на претпријатието, услугата може да ја побараат на бесплатната телефонска линија 0800 22233 во ЈП „Комунална хигиена“.
Раководителот на секторот Инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски, денеска објасни дека градскиот инспекторат ја почна реорганизацијата на својата работа и дека ќе настапува здружено со капацитетите на скопските општини за во иднина да се засилат контролите на терен во однос на одлагањето на отпадот.
„Активно соработуваме со екопатролата на ЈП „Комунална хигиена“ и веќе ги забележавме црните точки и дивите депонии во градот. На нашите инспектори и на комуналните редари од голема помош ќе им бидат и два дрона што ќе им овозможат подобар увид на теренот. На граѓаните им овозможуваме места за одлагање на својот отпад и апелираме сите забележани нерегуларности да ги пријават во Инспекторатот. Инспекторатот на Град Скопје е алатка на граѓаните преку која може да си ги остварат своите права. Покрај нашето дејствување во областа на комуналната хигиена, веќе спроведуваме активности и за ослободување на јавните површини од пречките што го оневозможуваат движењето на пешаците и на велосипедистите. Ќе ги преземеме сите мерки Скопје да заличи на вистинска метропола и да се воведе ред“, нагласи Богдановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Концентрациите на ПМ 10 честичките во Трубарево во рамките на дозволените граници

Од Министерството за животна средина известуваат дека согласно индикативните мерења на суспендирани цврсти честички (PM10) на мерното место во Трубарево, спроведени во периодот од 21.09.2025 во 08:30 часот до 22.09.2025 во 08:30 часот, просечната концентрација изнесува 14.2 µg/m³.
„Највисоката измерена вредност е 44.1 µg/m³, додека моменталното ниво е 11.9 µg/m³“.
Резултатите, како што е соопштено покажуваат дека концентрациите на PM10 се во рамки на дозволените и не ја надминуваат 24-часовната гранична вредност пропишана за заштита на човековото здравје, согласно Уредбата за квалитет на амбиентниот воздух.
Македонија
„Влен“: Селотејп коалицијата Таравари-Села-Ахмети е најголемата политичка измама

„Селотејп коалицијата Таравари-Села-Ахмети е најјасната слика за политичка измама. Тие дури и не веруваат на зборовите што ги изговараат. Едниот држи митинг без другиот, вториот оди во Арачиново не за да го честита затворањето на каналот што го реализираше ВЛЕН, туку за да ги продаде истите теми што жителите ги слушаат 20 години. Лаги и измами!“, велат од „Влен“.
„Оваа коалиција се удира по гради за Албанците, но едниот е зафатен со тендерите на „Ѓоко Констракшен“, другиот за да ја спаси својата политичка кариера, додека последниот се труди да дојде на власт и да ги спаси членовите на своето семејство. Народот не е слеп и не јаде трева. Кога ги броеше тендерите и привилегиите, никој не и сметаше на Ахмети, дури ни Груевски или Мијалков.
Денес, без власт, се обидуваат да се претстават како патриоти. Но секоја општина што ја водеа е во хаос.Нивниот патриотизам е како празно тенџере прави многу врева, а внатре нема ништо.На 19 октомври, Албанците ќе го дадат заслужениот одговор“, соопштуваат од „Влен“.
Македонија
(Видео) Герасимовски пред преполните контејнери: Четири години нашите хигиеничари им ја вршат работата на Комунална хигиена

Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски во обиколка на улиците, заедно со хигиеничарите на Центар, затекна контејнери опкружени со купишта ѓубре, известуваат од Општината. Од терен тој упати апел до Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ редовно да го собира отпадот и да ја преземе својата законска обврска.
„Вака Комунална хигиена си ја завршува својата работа. Како изминативе години, така и денеска, и ова понеделничко утро, центарци се будат во ѓубре. Целата општина е полна со смет, нашите хигиеничари се постојано на терен, го сработуваат сето она што Комунална хигиена не го сработува изминативе години. И после овој мој апел, повторно ќе слушнеме демант на Јавното претпријатие дека навремено си ги завршуваат своите обврски, го собираат сметот од улиците, рече градоначалникот на Центар.
Во утринската акција, хигиеничарите на ПОЦ го расчистија просторот околу контејнерите. Герасимовски порача дека општина Центар ќе продолжи да работи во интерес на своите жители и кога тоа е надвор од ингеренциите. Најави нова опрема која ќе се набави во наредниот период, се наведува во соопштението.
„Нашите 120 хигиеничари цело време се на терен и ја завршуваат работата која е обврска на Јавното комунално претпријатие и за која граѓаните на Општина Центар ги плаќаат. Продолжуваме да си го чистиме Центар и да ја завршуваме работата на Јавното комунално претпријатие, продолжуваме и со она што го ветивме пред граѓаните – да купуваме дополнителна опрема. Во наредниот период се купуваат нови две цистерни за да се мијат улиците, но и нови метларки и камион кој ќе ни треба, бидејќи очигледно Комунална хигиена не си ја врши работата. Верувам дека после толку апели ќе се свестат и овој смет нема повеќе да го има на улиците на Центар“, рече градоначалникот Герасимовски.