Македонија
(Видео) Арсовски: МВР со денови го крие третиот напаѓач на починатиот Саздовски
МВР веќе четврти ден го крие третото лице што било соучесник во злосторството и убиството на малиот Никола Саздовски – Саздо, рече денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, во изјава дадена пред Министерството за внатрешни работи.
Тој истакна дека не се соопштува идентитетот на третиот напаѓач, ниту се објавува негова фотографија за да биде пријавен од некој граѓанин доколку биде забележан некаде.
„Зошто МВР е целосно индиферентно кон третиот соучесник во убиството на малиот Никола Саздовски – Саздо? Дали зад ова се кријат политички мотиви? Дали третото лице има некакви врски со одредени моќници во власта? Дали некој чека да се создадат околности за бегство на убиецот и дали се добива на време за да му се изготви нов идентитет со кој ќе може да избега надвор од земјава? Дали треба да му се најде живеалиште и да биде засолнет како и претходниот убиец на младиот фудбалер Мартин Јанушев?“, се прашањата што јавно ги постави Арсовски во обраќањето пред МВР.
Додаде и дека со неоткривањето на деталите за свирепото убиство на младиот Саздовски, МВР на Оливер Спасовски станува само соучесник.
„Полицијата под водство на Спасовски, наместо заштитник на граѓаните, станува заштитник на убијци и криминалци, тоа го гледаме изминатиов период. Властите молчат и не кажуваат дали убијците биле сами во автомобилот или постои и четврто лице што ги превезувало убијците? Властите молчат каде избегале и кој ги заштитил убијците, а со тоа станал и соучесник. Властите неколку дена не преземаат ништо за расчистување на овој грозморен чин и случај. Како што не преземаа ништо ни за откривање на убијците на Мартин Јанушев, Дилавер Бојку – Леку, Алит Абази или двете деца од Чаир, а кои сè уште се на слобода“, посочи Арсовски.
Тој сликовито опиша дека Скопје, но и целата држава, повеќе личат на Дамаск или Бејрут, но не и на европски град и држава.
„Македонија е држава во која убијци шетаат на слобода, а криминалците вооружени шетаат и вршат пресметки меѓу нив секојдневно. Ова не се ниту НАТО ниту ЕУ-стандарди и вредности. Зоран Заев, Оливер Спасовски и СДСМ ја влечат државата назад. Граѓаните не се чувствуваат сигурно, тоа го гледаат секој ден, исплашени се за нивната безбедност, исплашени се и за нивните животи и животите на нивните најблиски. Власта не е способна да си ја изврши основната функција, а тоа е заштита на граѓаните и гарантирање на нивната безбедност“, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека Оливер Спасовски мора да си даде оставка уште веднаш, а СДСМ да ја напушти власта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Превозниците вечерва ја прекинуваат блокадата на границите
Вечерва во 20:00 часот ќе биде прекинат протестот на граничните премини за тешки товарни возила, информира АМСМ.
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка. Појава на магла и намалена видливост на планинските премини: Плетвар до 50 метри, Пресека до 100 метри и Стража до 150 метри.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.

