Македонија
(Видео) Сведочење за „Насилство во Центар“: Полицијата имаше наредба да не реагира
На денешното рочиште за предметот „Насилство во Центар“, сведокот Јован Тагасовски, поранешен советник во Општината од СДСМ, рече дека слушнал разговор помеѓу претставник на ОБСЕ и полицијата додека се случувале немирите. Според неговото сведочење, претставникот на ОБСЕ го запрашал припадникот на МВР зошто не преземаат ништо, а на тоа полицаецот му одговорил дека имаат наредба да стојат тука и да не прават ништо.
Тагасовски исто така истакна дека при неговото доаѓање во Општината забележал толпа граѓани во дворот, кои ги прашал што бараат тука. На тоа граѓаните одговориле дека се од ВМРО-ДПМНЕ и дека се наоѓаат пред Општината за да ги спречат комуњарите да ја урнат црквата „Свети Константин и Елена“. Поранешниот советник на СДСМ сведочеше дека за време на двете седници на 7 и 10 јуни, додека траеле немирите, граѓаните се обиделе да влезат во Општината потмогнати од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои, како што вели Тагасовски, не се ни обиделе да им објаснат на насобраните граѓани дека на дневен ред нема никаква точка за рушење на црквата.
„Граѓаните се однесуваа насилно, фрлаа кон нас со тврди предмети, камења, јајца, шишиња. Нè пцуеја и ни се закануваа“, рече Тагасовски.
На прашање на обвинителката Фатиме Фетаи дали препознава некој од обвинетите кои се во судницата, а биле дел од протестите, тој не сакаше да одговори.
На денешното рочиште сведочеше уште еден советник од СДСМ, Дарко Атанасовски, кој исто така рече дека за време на немирите имало полиција во Општината, но не презела ништо и покрај нападите и пцостите и обидот толпата да влезе во Општината. Атанасовски истакна дека за време на седницата советниците од ВМРО-ДПМНЕ телефонски комуницирале со граѓаните што биле надвор. Меѓу другото, Атанасовски исто така потврди дека на дневен ред немало никакво рушење на црквата.
Запрашан дали препознава некој од обвинетите присутни во судницата, тој одговори дека препознава тројца, од кои едниот го кажа со име – Александар Трајкоски, а другите само ги поосочи.
Следното рочиште на кое како сведоци се повикани Никола Георгиевски и поранешниот претседавач со Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, е закажано за 30 август.
Во овој предмет на СЈО се обвинети експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, и уште девет лица. На претходните судења вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петтообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.
Обвинетите се товарат за поттикнување насилство, кое се случи при протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

