Македонија
(Видео) Локален бизнисмен ги остави жителите на катлановско Кожле без вода
Жителите на катлановското село Кожле на пеколните летни горештини останаа без вода кога пред 15 дена од страна на ЕВН е исклучена струјата од главната пумпа на водоводот од кој се снабдува селото. Причина за ова, како што велат, е самоволието на локалниот бизнисмен од селото Боби Петровски, кој водоводот го користел како своја приватна сопственост.
„Петровски од жителите бара пари да се врати долгот за повторно жителите на Кожле да добијат вода. Ова не е првпат водата да биде исклучена, се случувало и порано, но на помал период, од 2 до 3 дена“, вели Киро Николовски за „Макфакс“ и „А1 он“.
Водоводот првично почнал да се гради во 2000 година од страна на АД „Водостопанство“, но кога компанијата престанала со работа, била стопирана и изградбата на водоводот. Жителите на трите села во близина на Катланово добиле вода дури во 2005 година кога целиот проект во свои раце го зел УСАИД, кој целосно ја финансирал доизградбата на водоводот и неговото пуштање во употреба.
Токму поради турбулентните околности под кои бил граден водоводот, како и некомплетната документација, ниту една институција, вклучувајќи ја и Општина Петровец, под која спаѓаат селата Кожле, Блаце и Тотинци, не сакала да го земе под свое сопствеништво. Одговорноста за одржување на водоводот и плаќање на сметките ја презел локалниот бизнисмен Боби Петровски, кој од 2005 година па сè до минатиот месец собирал пари од жителите на селата за плаќање на сметките од „Водовод“ и ЕВН.

Минатиот месец во водоводниот систем кај Катлановско се појавил проблем, конкретно струјата на која работела пумпата од водоводот била исклучена поради ненамирени сметки иако жителите на Кожле велат дека редовно му давале пари на Петровски за плаќање на сметките. Тие обвинуваат дека Петровски, наместо да ги уплати парите во „Водовод“ и ЕВН, ги искористил за изградба на објект, заеднички дом, на местото од старото селско училиште во Кожле за кој патем мештаните велат дека е дивоградба.
„Петровски ја организира изградбата на заеднички дом, поставени се темели, има донесено тули, железо и штици. Има вистина во тоа дека парите од водоводот се искористени за изградба на објектот кај старото училиште „Рајко Жинзифов“. Каде се парите од седумте последни приклучоци, кои севкупно изнесуваат 2.100 евра“, запраша Николовски.

Редакцијата на „Макфакс“ и „А1 он“ стапи во контакт со локалниот бизнисмен, кој даде спротивна изјава од онаа на мештаните. Тој вели дека водата е исклучена поради нередовното плаќање од страна на жителите, а изградбата на објектот на местото од руинираното училиште била заедничка одлука на сите жители, па не му е јасно зошто воопшто се крева толку врева за сето ова.
Жителите на Кожле случајот неколкупати го пријавувале во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Државниот комунален инспекторат, но овие институции заедно со Управата за јавни приходи се декларирале како ненадлежни, а Општина Петровец не сакала да го преземе водоводот во свое владение под изговор дека не е легален бидејќи не е направен технички прием, кој чини 700 евра.
Засега решение за проблемот на жителите од Кожле нема, тие велат дека се оставени на милост и немилост, отфрлени од сите државни институции кои кренале раце од нив. Тие апелираат до надлежните институции повторно да го разгледат проблемот и да им помогнат бидејќи, како што велат, срамно е во 21 век да се остане без вода, без разлика дали се работи за урбана или рурална средина.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Кисела Вода и Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија информираат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од улиците Кујунџиска и Битпазарска, објектите лоцирани околу националната галерија Чифте Амам, како и дел од корисниците од старата чаршија. (општина Чаир)
– во периодот од 10.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Јустинијан Први лоцирани околу ДИМ Маркет, како и дел од корисниците од улицата Речиште. (општина Кисела Вода)
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни возила
Поради протест блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни моторни возила.
Како што известуваат од Макам-Транс, превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 26.01.2026 година започнаа протест со блокада на граничните премини за влез и излез на товарни моторни возила од државите кој ќе трае до надминување на проблемот за евиденција на престој на возачите во Шенген зоната.
Граничните премини кои се блокирани се: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Затворени се граничните терминали за влез на товарни моторни возила на територија на нашата држава и на коловозните ленти на самите гранични премини за излез од државата, но само на делот за товарен сообраќај.
Патничкиот сообраќај за патници несметано ќе се врши на секој граничен премин, велат од Макам-Транс.
Како што информира АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода дел од Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради давање водоводен приклучок од ф – 200 мм на улицата Титотвелешка б.б без вода ќе останат корисниците од населба Маџар Маало, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.30 часот па се до завршување на работата.

