Македонија
Разочарани сме дека Владата останува на ставот Водно да биде колатерална штета, порачаа граѓански активисти

Граѓанските активисти остануваат на ставот дека се против изградба на гасоводот низ парк-шумата Водно. Тие порачуваат дека не можат со чиста совест да се согласат со каква било траса којашто би поминала низ Водно. Во заедничко соопштение активистите велат дека се разочарани од тоа што и покрај утврдувањето на фактичката состојба на терен, Владата сè уште останува на ставот дека Водно треба да биде колатералната штета за спроведувањето на магистралниот гасовод.
Позицијата во која е сега оваа Влада во однос на изградбата на гасоводот, велат активистите, е јасна. „Владата треба да ја преземе одговорноста за лошите проекти на нивните претходници, тежината на нереализираниот кредит, последиците за кредитниот рејтинг и пресијата на временскиот фактор. Воедно, никако не дозволуваме Водно да биде жртва на овие притисоци“, порачуваат активистите.
Според нив, неколкугодишно одложување на делот од магистралниот гасовод за да минува надвор од Водно не значи никако дека домаќинствата кои се греат на дрва ќе можеле да преминат на гас во тој период.
„Магистрален гасовод е како една голема артерија која не носи крв до секоја клетка, односно до секое домаќинство. За тоа е потребна голема мрежа на крвни садови и капилари, како што е секундарната и терцијарната гасоводна мрежа која ја нема и ќе ја нема во догледно време во ниту еден град од оваа делница. Па Скопје има магистрален гасовод повеќе од 20 години, а ние сè уште говориме за гасификација на Скопје и сè уште околу 45% од домаќинствата се загреваат со дрва и се водат како еден од главните причинители за загадување на воздухот. Одложувањето на изградбата на овој дел од магистралниот гасовод не е ни од далеку доволно оправдание за да се уништи нешто што е од непроценлива важност и е создавано со децении, со голема мака, труд и вложени средства“, се вели во заедничкото соопштение.
Активистите велат дека по разгледување на трасата низ Водно, се покажале основани тврдењата на граѓанските активисти за нејзината должина и импакт, наспроти мислењето базирано на информации кои им биле пласирани на вицепремиерот Кочо Анѓушев и претставници на МЕР.
„Како жители на Скопје, во најголем број, кои си го знаат Водно, тврдевме дека од потегот од 9 км низ Водно, над 4 км минуваат низ шума која ќе биде уништена. Информацијата со која располагаа вицепремиерот Анѓушев и МЕР е дека тој потег не е подолг од 600 – 1000 метри. Го поздравуваме обидот за ублажување на импактот што го правеше првопроектираната траса низ Водно и обидите за нејзино менување, но тоа не ја менува суштината дека предвидената траса сè уште останува да води низ заштитено подрачје парк-шума Водно и ќе уништи не само потег од 2км (во најдобар случај, ако е можно) густа, децениски создавана шума, туку и живеалишта на голем број видови, од кои некои ендемски и загрозени“, се вели во соопштението.
Од таму велат дека длабоко се разочарани дека и покрај утврдувањето на фактичката состојба на терен, а знаејќи го значењето и вредностите на Водно, Владата сè уште останува на ставот дека Водно треба да биде колатералната штета за спроведувањето на магистралниот гасовод кој ќе води од Скопје кон Тетово, Гостивар, Кичево и Косово.
„Ја поттикнуваме Владата и нејзините надлежни институции да ги активираат сите свои механизми да го заштитат Водно и да најдат соодветно решение за гасоводот надвор од неговите граници. Доколку искрено се сака да се изнајде најдобрата опција, тоа секако ќе биде направено. Дислокацијата на клиничкиот центар е скорашен и недвојбен пример за менување на готов проект и изведба. Соодветно решение, по овој пример, бараме и за гасоводната траса“, порачаа во заедничко соопштение граѓанските иницијативи и здружениија: Go Sakam Vodno / Го Сакам Водно, О2 Коалиција за чист воздух, Стоп на загадувањето, @Спас за водно, Зелено Тафталиџе, @Екокарпош 3,2,1, Ние сме Карпош 4, ФРОНТ 21/42, Oxygen Mountain Bike Club (МТБ Оксижен), I love hiking – group Macedonia, Go Green – Биди зелен, Green Power, Skopje Smog Alarm, Билка – Bilka, Плоштад Слобода – Freedom Square, Eko-svest, Сакаме Аеродром да дише.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Левица: Со почит кон борбата од минатото и визија за промени во сегашноста

По повод 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ Левица положи цвеќе на Могилата на непобедените и пред споменикот на Кузман Јосифовски-Питу во центарот на Прилеп. Во полна со дух и средечна атмосфера партиска делегација, предводена од лидерот на Левица, Димитар Апасиев, одржа средба со граѓани на која беше презентирана програмата за Прилеп, се наведува во соопштението на Левица.
Симболиката на денов би требало да ја разбуди свеста на прилепчани и да покажат дека се народ кој е спремен за револуција, и на следните локални избори да изберат советници кои вистина ќе се борат за Прилеп, преку конструктивна критика и објективни одлуки, изјави Жарко Стеваноски, кандидат за советник во Општина Прилеп.
На народната средба носителот на советничката листа на Левица во Прилеп, Методија Костоски, ги претстави четирите главни приоритети на програмата.
„Прво ќе направиме сеопфатна ревизија на сите поголеми проекти, особено на тие што немаат технички прием, заедно со целиот движен имот со кој располага партијата. Следно е инклузија на граѓаните. Сакаме да ги отвориме вратите на општината и да ги вклучиме сите во процесот на одлучување. Трето, а можеби и најважно, е сообраќајниот хаос со кој се соочува Прилеп. Мора да почнеме со регулирање на сообраќајот. Ќе поднесеме иницијатива за укинување на платеното зонско паркирање. Четврто е контрола врз финансиското работење на јавните претпријатија“, истакна Костоски.
И покрај силната цензура кон нив, од Левица порачуваат дека нема да се предадат и ќе продолжат со директни средби со народот низ целата држава, за да ја донесат борбата за правда и транспарентност во секоја општина.
Македонија
Од утре секој ден по 15 часот ќе има блокади за загинатите во дискотеката „Пулс“

Од утре, ќе има мирни јавни собири и блокади на кружниот тек кај двојниот мостот на улицата „Стево Теодосиевски“ во Кочани. Блокадите ќе траат по еден час секој ден, во периодот од 15:15 до 16:15 часот, се додека не започне судењето.
Ова го најавија родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“ од 16 март, од 26. „Марш за ангелите“ одржан денеска пред Основниот суд во Кочани, испровоцирани од тоа што, според нив, адвокати на осомничените изјавиле дека судењето ќе трае 10 до 15 години.
– Оваа изјава е срамна и понижувачка за семејствата чии деца ги загубија животите во трагедијата. Таквите зборови звучат како обид да се подготви јавноста за бавно одолговлекување и заборавање. Ние тоа нема да го дозволиме, рече мајка на загинато девоче пред новинарите.
Родителите на настраданите бараат да се зголеми капацитетот на судскиот состав со дополнителни судии и судски соработници за да не се одолговлекува процесот поради недостаток на ресурси. Исто така, нагласија, рочиштата мораат да добијат приоритет и постојано темпо, со цел постапката да тече непречено и без непотребни одложувања. Тие се сомневаат во манипулации или скриено забавување на судскиот процес, бараат јавно и транспарентно следење на сите процесни активности.
-Правдата не смее да се влече. Ќе бидеме тука – на кружниот тек, се додека не почне судењето, а за понатаму зависи како ќе се одвиваат работите. Животот на едно дете вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри, порачаа членови на семејства што загубија свои блиски во мартовскиот пожар во „Пулс“.
Денешниот 26-ти „Марш за ангелите“ во Кочани, вообичаено започна од „Паркот на Револуцијата“ каде и заврши. Попатно, петнаесетина минути беше блокиран сообраќајот на кружниот тек пред двојниот мост, токму на местото каде што од утре па натаму се најавуваат јавни собири и блокади.
Македонија
Жените од бизнис-секторот го поканија Орце Ѓорѓиевски на ручек

Актуелниот градоначалник на општина Кисела Вода, претседател на ЗЕЛС и кандидат за прв човек на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски присуствувал на ручек со жени од бизнис-секторот.
Тој на Фејсбук објави дека на покана од мрежата „Јас сум жена“ денеска, заедно со неговата сопруга, бил на собир со жени претприемачи, универзитетски професорки, директорки , како што наведе:„силни, самостојни и успешни жени кои го движат Скопје и ја градат посилната Македонија“.
– Разговаравме искрено за предизвиците и за идеите што можат да го унапредат нашиот град. Едно е јасно – Скопје мора повторно да стане отворен град, град во кој комуникацијата со граѓаните и деловниот сектор ќе биде жива, достапна и продуктивна. Им благодарам од срце за силната поддршка која ми ја даваат, за инспирацијата и енергијата што ја носат, напиша Ѓорѓиевски на социјалната мрежа.