Македонија
Нова лидерска средба на барање на Мицкоски
Премиерот Зоран Заев за денеска напладне најави нова лидерска средба во помал состав. Тоа е на барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој синоќа ја напушти средбата во Клубот на пратеници. Мицкоски побара средбата да биде со четворицата лидери на најголемите партии, а не во проширен состав.
Заев објасни дека референдумот ќе биде консултативен и објави како ќе гласи прашањето: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција? Тој рече дека Мицкоски се однесувал неодговорно и несериозно како кон политичките претставници кои останале докрај на средбата, но и кон граѓаните.
Тој појасни дека за конечна се смета одлуката ако на референдумот излезат најмалку 50 отсто од вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список.
„Без разлика на карактерот на референдумот, одлуката се смета за успешна во ваков случај. И се отвори дебата дали да биде консултативен или обврзувачки. Консултативен е кога ние сакаме да ги консултираме нашите сограѓани и потоа ги носиме одлуките, како што е случајот со одлуките за промена на Уставот“, рече Заев.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги повтори ставовите на партијата – усвојување на Законот за финансирање на политичките партии и измените на Законот за Влада каде што ќе се регулира концептот на техничката влада по пржинскиот модел, па дури потоа формирање на ДИК.
Заев ја свика лидерската средба откако ВМРО-ДПМНЕ го блокира формирањето на ДИК. За првпат беа свикани лидерите на политичките партии кои имаат повеќе од еден пратеник во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски на средби со технолошки лидери во САД: разговарано за теми од клучно значење за развојот на безбедна дигитална инфраструктура
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посетата на Соединетите Американски Држави ја започна со работна средба со MITRE Corporation, една од највлијателните и најдоверливи институции што со децении работат директно за Владата на САД во областа на сајбер безбедноста и управуваат со повеќе FFRDC центри (Federally Funded Research and Development Centers).
На средбата се разговараше за теми од клучно значење за современата држава и развојот на безбедна дигитална инфраструктура, меѓу кои: вештачка интелигенција и нови технологии со фокус на доверливост и валидација, сајбер безбедност и национална сајбер-отпорност за заштита на критична инфраструктура и државни платформи, дигитално управување и менаџмент на податоци за институционална дигитална зрелост и интероперабилност, како и области со високи безбедносни стандарди – авијација, безбедност и здравствен систем.
Средбата вклучи разговори со Beth Meinert (виш потпретседател и генерален директор), како и со Yosry Barsoum и Shamik Das од MITRE Corporation. Разговорот беше насочен кон тоа како се гради доверба во дигиталната држава, како се поставуваат јасни правила за одговорност и безбедност, и како институциите можат да носат подобри одлуки базирани на податоци, стандарди и мерливи резултати. Министерот Андоновски имаше можност да го посети и иновацискиот центар за истражување на MITRE, известува Министерството за дигитална трансформација.

Во рамки на посетата, министерот Андоновски заедно со владината делегација, која ја сочинуваат Игор Јанушев, Генерален секретар на Владата, и Златко Перински, Министер за локална самоуправа, остварија средба и со претставници на Microsoft, при што разговараа со Коззета Гарет, General Manager for Cyber Security Services во Microsoft, за актуелни предизвици и можности за унапредување на сајбер безбедноста, зајакнување на отпорноста на јавните системи и поддршка на дигиталната трансформација.
Делегацијата во САД ќе присуствува и на Молитвениот појадок, како дел од официјалната агенда на посетата.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

