Регион
Критики до Трамп по изјавата за Црна Гора – „Трамп наседна на играта на Путин“
Сите ја сакаат Црна Гора без оглед на потешкотиите на Балканот во текот на изминатите години, изјави во видеоинтервју гувернерот на американската сојузна држава Мејн, Пол Лепејџ, по изјавата на Трамп дека Црногорците се агресивни луѓе.
„Црна Гора е пријател со сите, Мејн сака да биде партнер со Црна Гора“, истакна Лепејџ за време на посетата во Подгорица, се наведува на официјалниот сајт на американската амбасада во градот, ден по контроверзната изјава на претседателот на САД.
Критики на адреса на Трамп стигнаа и од републиканскиот сенатор Џон Мекејн, кој наведе дека црногорскиот народ храбро му се спротивставил на притисокот на Путин.
„Напаѓајќи ја Црна Гора и доведувајќи ги во прашање нашите обврски во НАТО, Трамп наседна на играта на Путин“, оцени Мекејн.
Поранешниот американскиот амбасадор во НАТО, Никола Бернс, рече дека Трамп со изјавата против Црна Гора покренал сомнеж оти САД би можеле да одбијат да им помогнат на сојузниците.
Вчера во интервју за „Фокс њуз“ Трамп ја доведе во прашање обврската на Соединетите Американски Држави да ги бранат членките на НАТО.
„Црна Гора е мала земја со многу силни луѓе. Тие се многу агресивни луѓе. Можеби ќе станат уште поагресивни и ви честитам – во трета светска војна сме. Тоа ми е сосема јасно , но така се поставени работите“, одговори Трамп на прашањето зошто САД би ја бранеле Црна Гора ако таму избие војна.
Трамп неодамна се закани дека ќе ги повлече САД од алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Околу 50 маскирани лица дојдоа пред Српскиот културен центар во Загреб
Педесетина маскирани мажи, претежно млади луѓе, пристигнаа пред Српскиот културен центар во Загреб, каде што се одржува изложба.
Таму беа и неколку припадници на интервентната полиција.
Откако пееја „О Хрватска, о Хрватска, независна држава“ и скандираа „За татковината, спремни“, тие го напуштија местото на настанот.
Полицијата не интервенираше веднаш, а групата се оддалечи сама, пренесуваат хрватските медиуми.
Интервентната полиција запрела дел од групата, ги легитимирала, а потоа ги пуштила.
фото: принтскрин
Регион
Во Словенија од денеска границите ќе ги чува и војската
Припадници на словенечката војска од денес ќе учествуваат во чувањето на државната граница заедно со полицијата, откако владата еден ден претходно го активираше членот 37 од Законот за одбрана, што го дозволува ова, јавува словенечката агенција СТА. На овој начин, тие ќе и олеснат на полицијата за да можат да извршуваат задачи поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.
Членот 37 од Законот за одбрана предвидува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во пошироката заштита на државната граница во рамките на националната територија во согласност со плановите и по претходна одлука на владата. Припадниците на словенечките вооружени сили немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Владата одлучи да го активира членот на вчерашната седница со оглед на безбедносната состојба во југоисточна Словенија, истакнува СТА. Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да ги повика припадниците на словенечките вооружени сили да помогнат во многу ограничен опсег на задачи на границата. На овој начин, армијата ќе им олесни на полициските единици од југоисточна Словенија.
фото: принтскрин
Регион
Хорор во Лесковац: се скарал со соседката, па ја удрил со лопата по главата и стомакот, лекарите се борат за нејзиниот живот
Денеска, во селото Губеревац во близина на Лесковац во Србија се случи обид за убиство. По расправија, 69-годишниот Ц.Ј. ја нападнал својата 61-годишна соседка со лопата, нанесувајќи и повреди опасни по живот. Напаѓачот е уапсен, а Вишото јавно обвинителство во Лесковац му одредило притвор поради сомнение за обид за убиство, објавува српски Блиц.
Според првичните информации, вербалниот конфликт меѓу соседите ескалирал во физички напад. Се сомнева дека Ц.Ј. во еден момент зграпчил лопата и ја удрил жената по главата и стомакот со металниот дел. Жената е итно пренесена во Клиничкиот болнички центар во Ниш, каде што лекарите се борат за нејзиниот живот.
„Жената се здобила со повреди во форма на фрактура на темпорална коска и хематом во пределот на абдоменот, поради што е примена на лекување во Клиничкиот болнички центар во Ниш. Истрагата ја спроведе јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Лесковац“, изјавил извор за Блиц.

