Македонија
Четири лица добија кривични за сообраќајката во која починаа двајца мигранти
МВР поднесе кривична пријава против четири лица, во врска со настанот од 25-ти минатиот месец, кога при собраќајна незгода починаа двајца илегални мигранти, а 12 беа тешко повредени.
Лицата Ќ.Н. (31), Џ.Н. (33) , М.Н. (21) тројцата од Скопје и П.П. (39) од Гевгелија, ќе се гонат заради постоење на основи на сомнение дека сториле кривични дела „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ и “Криумчарење на мигранти“.
„Имено, со цел стекнување на противправна имотна корист пријавените организирале криминална група за криумчарење на илегални мигранти што потоа нелегално биле пренесувани од територијата на Грција во Македонија, каде биле прифаќани од страна на членовите на криминалната група предводена од Ќ.Н., а потоа мигрантите ги превезувале кон липковско-кумановскиот регион, каде времено ги засолнувале и ги криумчареле кон Србија и земјите на ЕУ“, соопшти МВР.
Според документираните сознанија, на 22-ри минатиот месец пријавените Ќ.Н. и М.Н., по претходен договор со Џ.Н. од правно лице од Скопје купиле товарно моторно возило „ивеко“ со скопски регистерски ознаки на име на третопријавениот, а потоа возилото со купопродажен договор го префрлиле на име на П.П. со цел прикривање на трагите на сопственост на возилото.
На денот на сообраќајната несреќа, по префрлување на група од 23 илегални мигранти преку т.н. „зелен појас“ од Грција во Македонија, П.П. со возилото се упатил на договорена локација во близина на село Костурино, Струмичко, каде што биле мигрантите по потекло од Бангладеш и Шри Ланка, ги сместил во затворениот-товарен дел од возилото и се упатил кон Штип со намера да ги превезе до кумановско-липковскиот регион.
„При транспортот заради неприлагоденост на условите и конфигурацијата на патот, П.П. изгубил контрола над возилото и со голема брзина удрил во метална заштитна ограда, поради што од силината на ударот на лице место починале двајца од 23-та илегални мигранти кои ги превезувал, додека 12 биле тешко повредени. По случувањето на собраќајната незгода, П.П. искористил згодна прилика и успеал за побегне од местото на незгодата. По превземени мерки и активности врз основа на издадени Наредби за преземање на истражни дејствија, извршени се претреси на три локации од кои две во Скопје и една во Гевгелија. Лицата П.П. и Џ.Н. се лишени од слобода“, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсено лицето што го оштети стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Скопје
Полициски службеници од МВР денеска (12 јануари 2026 година) во 12:40 часот на улицата Кирил и Методиј во Скопје го приведоа Ш.А. (54) од овој град, поради сомнение дека вчера го оштетил стаклото на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Веднаш по добиената пријава за инцидентот биле преземени мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот, по што Ш.А. бил лишен од слобода. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инцидентот се случи вчера, 11 јануари 2026 година, кога беше пријавено оштетување на стаклото на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија. Според претходните информации од МВР, оштетувањето било забележано преку системот за видео надзор, а сторителот со удар со рака го оштетил стаклото и се оддалечил од местото.
Инцидентот беше остро осуден од бугарското Министерство за надворешни работи, кое го оцени како напад врз дипломатската мисија. Реакција имаше и од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој го осуди настанот, оцени дека станува збор за изолиран случај и нагласи дека институциите реагирале брзо и ефикасно.
Македонија
Алиу-Андоновска: Обезбедени 7.500 вакцини против Хепатитис Б, наменети за здравствени работници
Министерот за здравство Азир Алиу и директорката на Институт за јавно здравје, Марија Андоновска, денеска одржаа заедничка прес конференција по повод потпишување договор за донација од страна на Министерството за здравство на Институтот за јавно здравје на 7.500 вакцини против Хепатитис Б, во вкупна вредност од 123.450 американски долари, кои се наменети за здравствените работници.
-Станува збор за конкретна превентивна мерка за намалување на изложеноста на ризици по здравјето на вработените во здравствениот систем, притоа истовремено засилувајќи ја и сигурноста кај пациентите. Со овие количини ќе бидат опфатени 2.500 здравствени работници, со три дози вакцина по лице. Вакцинацијата ќе се спроведува во Институтот за јавно здравје и во Центрите за јавно здравје. Нашата одговорност како институционални носители на здравствените политики е да создадеме услови здравствените работници да не бидат оставени сами во ризиците кои ги носи извршувањето на нивните обврски, како што е контактот со крв и телесни течности, повреди со остри инструменти и слично. Вакцините се обезбедени од „Project HOPE“ – меѓународна невладина организација за глобална здравствена и хуманитарна помош, на кои им се заблагодарувам, истакна министерот Алиу во обраќањето.
Тој посочи дека во рамки на заложбите за овозможување едноставен и достапен процес на вакцинација, Министерството за здравство подготви електронски модул за изразување интерес за вакцинација, кој е достапен на веб-страниците на Министерството за здравство и на Институтот за јавно здравје.
-Денес обезбедуваме и дополнителна поддршка за Институтот за јавно здравје за засилување на биосигурноста. Станува збор за авионски и бродски транспортни кутии за инфективни материјали, со што овозможуваме побезбедно постапување и транспорт на инфективни материјали согласно протоколите, додаде министерот.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со претставници на „Македонија 2025“
Во рамки на активностите во областа на надворешната трговија и економската дипломатија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска, придружуван од директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски, оствари посета на организацијата „Македонија 2025“ и одржа средба со нејзиното раководство.
Посетата е дел од серијата работни средби што министерот Муцунски ќе ги реализира во текот на неделата со раководствата на стопанските комори и сродни организации.
На средбата беа отворени повеќе прашања поврзани со можностите за организирање заеднички активности во делот на извозната и инвестиционата промоција на бизнис-компаниите кои се членки на „Македонија 2025“.
Фокусот на разговорите беше ставен на можностите за организирање бизнис-форуми во рамки на официјални посети на владини делегации во странство, со посебен акцент на улогата на дијаспората. Воедно, беа разгледани и начините на кои дипломатско-конзуларните претставништва можат да дадат поддршка во организирање деловни средби за заинтересираните компании кои сакаат да ги истражат странските пазари и да отпочнат извозни активности.
Претставниците на „Македонија 2025“ ја поздравија иницијативата за интензивирање на соработката и комуникацијата со стопанските комори, истакнувајќи дека на тој начин дополнително се зајакнува улогата на државата како поврзувач меѓу домашните компании, странските пазари и македонската дијаспора.

