Култура
„Зборува Скопје“: ГТЦ ќе го стресе филмски колаж, перформанс и концерти

На зенитот од манифестацијата „Зборува Скопје“, вечерва во 20.30 часот, во галеријата „Графити“ во ГТЦ (кај автобуската постојка) ќе биде прикажан краткометражниот филмски колаж на младата режисерка Дина Дума со наслов „Скопје сонува“. Половина час подоцна, во 21 часот, ќе биде изведен перформансот „Тивка реконструкција на земјотресот“ на Билјана Радиноска.
По овие две содржини, во 21.30 часот ќе почне музичката програма „Разговор со смисла“, која вклучува концерти на Mammoth & Yashem, Тодор Караколев, импров-сесија со музичари од новата скопска сцена.
Сите настани се тематски поврзани со скопскиот земјотрес и претставуваат извесно видување на овој настан од 26 јули 1963 година низ очите на младите уметници и нивното реконструктивно доживување на оваа трагедија.
„Освен визулено изненадување за посетителите, со овие настани сакаме да ја потенцираме и архитектонската важност на ГТЦ за градот Скопје и да го вратиме урбаниот дух во централното градско подрачје. Исто така, акцентираме дека јавниот урбан простор може да биде облагороден со културни настани и тој е слободна зона каде што жителите и посетителите на нашиот град може да се чувствуваат креативно и задоволно“, соопштуваат од Град Скопје.
„Зборува Скопје“, манифестација што ја одбележува 55-годишнината од земјотресот, завршува утре кога група урбани уметници од Центарот за совремни уметници организираат аудиоакција точно во 5.17 часот на пет локации, кои ќе нè потсетат на точното време на трагичниот настан.
Традиционално ќе се одржи и крводарителската акција организирана од Црвениот крст на град Скопје, а организационен одбор ќе положи цвеќе пред споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта во Бутел. Организацијата на жените на град Скопје ќе одржи поетско читање, а Здружението на акцијашите од студентскиот дом „Стив Наумов“ ќе организира марш до Музејот на Скопје, каде што во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Од братство и единство ’63 до Скопје ’63“.
Во Музејот на современата уметност ќе биде отворена изложба на дела од грчки автори. Во Младинскиот културен центар, пак, ќе има проекции на серијата „Досие Скопје“ и богата музичка програма.
„Зборува Скопје“ ги повикува граѓаните заедно да ги проследат настаните, да се потсетат на трагедијата што го разори нашиот град и да упатат порака дека не сме ја заборавиле поддршката што пред 55 години ја добивме од целиот свет и дека ги сакаме нашиот град, неговата култура и уникатната урбаност што ќе ја негуваме во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Младешки ентузијазам и висока професионалност на уметниците од Музичката младина на Македонија

Восхитувачка интерпретација и музичка префинетост покажаа професионалните млади инструменталисти од Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ музицирајќи вчеравечер на „Охридско лето“.
Концертот традиционално се одржува секоја година на фестивалот во црквата „Света Софија“ , овојпат се одвиваше под диригентската палка на маестро Иван Еминовиќ кој има богато професионално портфолио. Ова не е негова прва соработка со уметниците од Музичката младина младина.
-Се работи за младински оркестар но со искусни музичари. Некои од нив веќе подолго свират во Македонската опера и балет и во Македонската филхармонија. Секогаш е прекрасно чувството да се работи со младина. Тие се секогаш подготвени, секогаш зрели. Годинава за публиката на „Охридско лето“ подготвивме одлична и интересна програма. Имавме еден вид натпревар помеѓу двајцата великани Антонио Вивалди и Астор Пјацола изведувајќи ги нивните годишни времиња, секој од својата доба. Имаше многу убава фузија на звуци. Репертоарот го завршивме со еден, би рекол, бисер на вечерта од нашиот композитор и уметник, Дамјан Темков. Композицијата носи наслов „За една драма“ или „За една дама“, кој како сака може да си ја протолкува. Верувам дека публиката уживаше, вели маестро Еминовиќ.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои 38 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги и Елена Митревска.
Оркестарот има остварено повеќе од 100 концерти добивајќи голем број позитивни критики и признанија, а на неговиот репертоар, покрај делата од светската класика, свое место наоѓаат и делата на современите македонски композитори.
Веќе 38 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.
Култура
Саем на книгата во рамките на „Битфест“

Под слоганот „Светот во страници“, во рамките на Битфест 2025, беше отворен саемот на книги, под платото на Народниот театар во Битола.
Седум учесници, со свои штандови и различна литература, ќе го доближат пишаниот збор до секоја генерација, преку ликовите за најмладите, до литература која ги задоволува вкусовите на најприбирливите читатели. Со сопствен штанд со книги е застапена и НУУБ „Св. Климент Охридски“ Битола, а меѓу излагачите се и „Бата прес“, „Антолог“, „Прозарт медиа“, „Топер“, „Матица македонска“ и „Збор“.
Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот Тони Коњановски истакна дека патувањето низ страниците на пишаниот збор е вистинско патување кон себе си, надежта, кон непознатото, но и кон научните достигнувања и стручните, експертски анализи. „Вечерва со отворањето на овој Саем на книги, битолската ризница на научната мисла и пишаниот збор НУУБ „Свети Климент Охридски“, активно работи на доближување на пишаното богатство, до сите наши сограѓани, а пред се до нашите најмлади, кај кои мораме сите заедно да ја поттикнуваме љубопитноста, а со тоа да ги поттикнуваме да читаат, зошто нели и нивниот омилен херој – Спајдермен – чита.
Битола е град со голема културна историја, а многу битолчани се веќе докажани читатели, зошто книгата е нашата најмоќна врска со минатото, со сегашноста, но и со визијата за иднината. Затоа, на овој настан, создаваме можности, но славиме и идеи, мисли, соништа и светови што се отвораат преку читањето. Од срце им благодарам на организаторите, на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, и на сите учесници, кои вложија љубов и ентузијазам во оваа приказна што верувам ќе трасира нови патишта на животен напредок, кај секој оној што ќе избере добра книга од богатиот избор на наслови на овој саем“, рече Коњановски.
Пред присутните се обрати и директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, Емилија Стефановска Давкова. Саемот на книги ќе биде отворен за сите посетители до 1 август, кои по саемски цени можат да ги набават своите омилени дела.
Култура
Изложба на Сашо Блажес „Нурни во мене“ во Куќата на Робевци

Самостојна изложба на ликовниот и визуелен уметник Сашо Блажес насловена „Нурни во мене“ ќе биде отворена на 01 август со почеток во 20 часот, во Куќата на Робевци.
После самостојните излагања во Париз и Венеција минатата година како и во и Австрија и Италија минатите години, оваа година се претставува со една исклучителна изложба која што дел беше претставена во Музеј на град Скопје, а на 01 август ќе биде поставена во Куќата на Робевци во Охрид.
Изложбата го носи насловот „Нурни во мене“, а куратор на изложбата е Маја Чанкуловска, виш кустос при Националната Галерија од Скопје.Критички осврт и текст за изложбата имаат напишано Камило Ракана, куратор од Париз и Маја Чанкуловска.
Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006-та година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти во својата генерација. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Зад себе има реализирано шестнаесет самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Австрија, Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија. Негови дела се наоѓаат во приватни колекции во Норвешка, Франција, Германиј, Романија и Австрија.